Инвестициски бум во соларна енергија, ќе го запре ли увозот на струја?

March 20, 2024
4 mins read

Производителите на струја од соларни централи од овој месец добија можност да поставуваат батерии за да можат ја складираат својата електрична енергија. Ова правило е донесено на 18 март во Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), потврди за Радио Слободна Европа претседателот на институцијата Марко Бислимовски.

Според новото правило сопствениците на фотоволтаични централи ќе можат да инсталираат батерии со капацитет колку што е капацитетот на електраната. На пример, ако производителот има фотоволтаична централа од 1 мегават (MW), ќе може да постави и батерии со исто толкав капацитет од максимум 1 мегават.

„Со новото мрежно правило нема да може во исто време и да се произведува и да се полнат батериите од мрежата, туку батеријата ќе ја дава енергијата само кога нема да работи фотоволтаикот“, вели Бислимовски.

Батериите се важен сегмент во производството на струја од соларните електрани, бидејќи тие произведуваат во периоди од денот кога има сонце. Но, во тие периоди цените на берзите често се пониски поради големата понуда и малата побарувачка и струјата што ја произведуваат не може да се потроши целосно. Така, струјата оди во неповрат, а со батериите ќе може да се складира и потоа да се искористи во периодите кога нема сонце и кога е тоа потребно и да се продаде по подобра цена.

Увоз на соларни панели од Кина

Одлуката на РКЕ за инсталирање на батерии доаѓа во време на инвестициски бум во изградба на соларни централи во земјава – тренд којшто започна со енергетската криза во 2022. Оттогаш се изградија голем број на приватни електрани и со договори за јавно-приватно партнерство.

Увозниците на соларни панели во земјава најмногу увезуваат од Кина. Податоците покажуваат дека само во последниве две години (2023 и 2024) увозот на соларни панели од Кина значително е зголемен, според одговорот кој го добивме од Царинската управа. Тоа се случува во услови кога Северна Македонија нема царински давачки за увоз на соларни панели за ниту една земја.

Големиот увоз на соларни панели од Кина се случува во цела Европа, на што реагираат европските производители, кои од почетоков на годинава бараат од Европската унија (ЕУ) мерки за итна помош , наведувајќи дека големата понуда и увоз од Кина може да ги затвори нивните фабрики.

Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) во Северна Македонија само во февруари издала лиценци за производство на струја од обновливи извори со моќност од 29,16 мегавати (MW).

Од почетокот на енергетската криза, односно во период од 26 месеци издадени се лиценци за нови енергетски инвестиции кои се изградени и пуштени во употреба во капацитети со вкупна инсталирана моќност од (616 мегавати (MW) . Тоа е скоро колку капацитетот на термо-електраната на јаглен РЕК Битола, која ретко кога работи во полн капацитет. Само еден блок од РЕК Битола е со капацитет од 233 мегавати (MW).

„Раст од 160 проценти на издадени лиценци за производство на електрична енергија од фотонапонски централи има во 2023 година споредбено со претходната 2022 година“, наведуваат од РКЕ.

Но, и покрај големиот број на инвестиции во обновливи извори на енергија, земјава и натаму е зависна од увоз на струја за што трши милиони евра. Пропадна и најновиот план за изградба на хидроелектранта Чебрен, а земјата треба да ги спроведе донесените енергетски закони и да ја спроведе зелената транзиција за ослободување од јаглен. Тоа значи дека ќе треба да ги затвори електраните на јаглен РЕК Битола и РЕК Осломеј.

Бислимовски – нема ризик за мрежата

Додека за некои експерти напливот на фотоволтаични централи може да биде проблем за преносната и дистрибутивната мрежа, претседателот на РКЕ Бислимовски уверува во моментов соларните централи не се ризик за оптоварување на мрежата.

ЕВН и МЕПСО, едниот како дистрибутивен, а другиот како преносен оператор, не дозволуваат приклучоци на одредена електрана доколку не се исполнети технички услови – односно ако на локацијата нема трафостаницата место, објаснува тој.

„Со сегашната состојба на мрежа, главен проблем е балансирањето и според тоа може да се примат околу 2.000 мегавати. Ако се инвестира во трафостаници и ако почнат да се прават батерии, тоа ќе може да оди и далеку повеќе. Но, ситуацијата со сегашната мрежа е околу 2.000 мегавати“, вели Бислимовски.

Според Стратегијата за развој на енергијата која ја усвои Владата, како и во Националниот план за енергија и клима, планирано е до 2040 година да бидат изградени 1.400 мегавати соларни електрани.

Како да се балансира енергијата од соларните електрани?

Инвестицискиот бум во соларни централи од почетокот на енергетската криза го покажуваат и податоците на Агенцијата за енергетика. Бројките на институцијата покажуваат дека во 2023 година се регистрирани вкупно 137 фото-напонски електрани. Овие електрани се заведени во Регистарот на институцијата, иако тоа не значи дека сите во моментов произведуваат.

Во 2022 година биле регистрирани вкупно 128 фотоволтаични централи, што е значително повеќе од претходната 2021 година кога биле регистрирани само 23 вакви централи и во 2020 година кога биле регистрирани вкупно 52.

Но, според професор Атанаско Тунески поради напливот на инвестиции во соларни електрани државата треба да направи нов план и стратегија, бидејќи особено големите фотоволтаични електрани може да предизвикуваат удари во мрежата ако на пример нагло влезат 300 мегавати и толку излезат. Според него, енергијата од соларните електрани треба да се балансира со производство покриено од други извори.

„Треба сега да се реагира, бидејќи ако фотоволтаиците имаат голема моќност ќе настане проблем со балансирањето на системот. Тие 1.400 мегавати од соларни централи кои се планирани во Енергетската стратегија, треба да бидат покриени, или со батерии, или со хидроелектраната Чебрен, или пак, со реверзибилни електрани за кога струјата е евтина да се пумпа водата горе, па кога е скапа да се враќа водата назад“, вели Тунески.

Електраните да бидат на некорисно земјиште

Поставувањето на фотоволтаичните централи влијае и врз животната средина. Затоа од Центарот за информирање и истражување за животната средина „Еко-свест“во соработка со МАНУ изработија стуја со мапа на одржливи локации каде би требало да се градат електраните. Тоа, според организацијата треба првенствено да биде на некорисно и загадено земјиште.

„Ако државата нема јасен план за тоа како да се продолжи со распоредувањето на обновливите извори на енергија и каде да се лоцираат, може да се очекуваат повеќе неуспеси ипредизвици. Без соодветни проценки пред планирањето, поставувањето на проекти за обновлива енергија може да дојде во конфликт со приоритетите на користење на земјиштето, природно заштитените подрачја и локалните заедници“, велат од „Еко-свест.“

Во земјава царинските давачки за увоз на соларни панели се укинати во 2003 година, велат од Царинската управа, кога Македонија го потпишува Протоколот за пристапување кон Светската трговска организација (СТО).

Но, инвестицискиот бум во соларни централи започнува по скоро две децении. Сега, според податоците на РКЕ, енергетските капацитети од обновливи извори можат произведуваат струја за потребите на над 194.000 домаќинства со просечна потрошувачка на струја.

Само до почетокот на 2022 година, во земјава беа вкупно инсталирани соларни централи од околу 35 мегавати, а оттогаш бројката се искачи на околу 650 мегавати. Ветерните електрани се со вкупен капацитет во 72 мегавати, додека малите хидроелектрани се околу 110 мегавати и електраните на биогас 12 мегавати.

Извор: Радио Слободна Европа

MARKETING

MARKETING

MARKETING

Претходно

Стевчо Јакимовски: „Ова не е од амбасадата на САД, туку од македонски кодоши“

Следно

Османи до Хил: Србија не може ниту да сонува членство во НАТО

Latest from Blog

Фидан: „Вооружувањето на Блискиот Исток и Азиско-пацифичкиот регион може да го доведе светот до работ на бездна“

ИСТАНБУЛ (АА) – Турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан во саботата рече дека вооружувањето на Блискиот Исток и на азиско-пацифичкиот регион е во пораст и предупреди дека тоа може да го

Царинската управа постигнала рекордна наплата на приходите

Ги затегнавме чешмите, сè оди во буџетот, постигнавме рекордна наплата на приходите во изминатите пет месеци. Поднесена е 31 дисциплинска постапка за царински службеници за злоупотреба на службена положба. Од први јули

Лишен од слобода малолетникот што ја откорна таблата од Конзулатот на Република Србија во Куманово

Полициски службеници од СВР Куманово лишија од слобода 17-годишен малолетник од Куманово, постапувајќи по добиена пријава на 29.11.2024 во 09.05 часот дека е откорната табла од канцеларијата на Конзулатот на Република Србија

Евробарометар: Над половина од македонските граѓани ѝ веруваат на ЕУ

Повеќе од половина од граѓаните на Северна Македонија, односно 56%, имаат доверба во Европската Унија, покажува есенското истражување на Евробарометар за 2024 година. Слична доверба кон ЕУ изразуваат и граѓаните на Босна
Go toTop