АЛ-КУДС/ЕРУСАЛИМ (АА) – ЕНЕС ЏАНЛИ –
Израелскиот професор по историја и граѓанско образование Меир Баручин, кој беше избркан од училиштето каде што беше вработен поради објавите на социјалните мрежи за Палестина, изјави дека израелското општество е ориентирано кон екстремната десница и дека ќе се зголеми притисокот врз оние кои зборуваат за угнетувањето на Палестинците, јавува Анадолу.
Меир Баручин, израелски професор со 35 години стаж, кој беше отпуштен поради објава за Палестинците на социјалните мрежи, со новинарот на АА зборуваше за неговата правна битка против израелските власти и за притисоците што ги доживеал.
Наведувајќи дека веќе 17 години работел во гимназијата во градот Петах Тиква, кој се наоѓа во близина на Тел Авив, Баручин рече дека општината на градот од 2018 година ја водат екстремно десничарските поддржувачи на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
Истакнувајќи дека има активен профил на Фејсбук каде што објавува за Палестинците, Баручин рече:
„За повеќето Израелци, Палестинците се само нејасна слика без име, без лице, без семејство, без надеж, без план, без ништо. Затоа сакам да ги ‘хуманизирам’ на мојата страница на Фејсбук. Се надевам дека повеќе Израелци ги гледаат Палестинците како луѓе и комуницираат со нив без прибегнување кон насилство. По 7 октомври споделувам објави за Палестинците во Газа, уништените семејства и животите на жените и децата.“
Општината Петах Тиква била вознемирена од неговите објави и поднела жалба против него, а работниот однос му бил прекинат на 19 октомври 2023 година. Баручин изјави дека на 24 октомври 2023 година, Министерството за национално образование му ја суспендирало лиценцата за едуцирање и дека тој не можел да аплицира за работа во други училишта.
– Сместен во ќелија во центарот каде што се чуваат високоризични затвореници –
Баручин рече дека бил повикан на сослушување во полициската управа во Ерусалим во ноември под обвинение за „предавство на државата Израел и нарушување на јавниот ред“.
„Веднаш штом влегов во полициска станица ми ставија лисици на рацете и нозете. Ми го зедоа телефонот. Отидовме кај мене дома со пет полицајци. Тие го превртеа местото и темелно го пребараа. Ништо не најдоа. Потоа ме вратија во полициска станица на испрашување. На распитот ми покажаа 14 објави, од кои повеќето ги објавив пред 7 октомври. Ми поставуваа прашања како на пример, што мислев со овие објави, која беше мојата цел и што ќе разбере некој што ќе ја прочита објавата.“
По сослушувањето, Баручин е сместен во ќелија во затворот Москобије во Западен Ал Кудс, каде што се држат „затвореници од висок ризик“, кој е „познат по тортура и малтретирање“, и рече: „Не ми беше дозволено да земам книга, или каква било облека, ниту нешто со мене. Спиев во иста облека четири дена.“
Баручин изјави дека по ослободувањето поднел тужба против Општината Петак Тиква и Министерството за национално образование до Окружниот суд за труд и дека му било дозволено да се врати на работа со привремена забрана на 14 јануари.
– „Ме пцуеја. Сакаа јас и моите деца да умреме“ –
Наведувајќи дека директорот на училиштето бил „изненаден“ од неговото враќање во училиштето на работа и дека побарал време да ги подготви учениците и родителите за ситуацијата, Баручин рече дека ден пред почетокот на наставата добил информација од директорот дека би можело да дојде до протест пред училиштето, и дека поради ова во училиштето ќе бидат присутни безбедносни екипи и полиција од општината.
Баручин откри дека учениците го нападнале пред училиштето на 19 јануари и дека никој не бил таму да го заштити.
„Учениците ме опколија. Беа многу насилни. Многу пцуеја. Сакаа да умреме јас и моите деца. Демонстрантите беа средношколци, моите ученици не беа меѓу нив. Имаше ученици на кои не им предавав, па дури и кои не ги ни познавав. По изгубениот спор, Општината тргна во системска кампања да ми го загорчи животот и да ме понижува. Како да бев под опсада во училиштето. Десетици ученици удираа по прозорците на салата за состаноци и пцуеа. На крајот на денот, дури и кога излегував од училиштето, учениците трчаа по мене, ме навредуваа, ме плукаа“, изјави Баручин.
Баручин изјави дека Општината Петах Тиква ја обжалила одлуката на локалниот суд за враќање на работа и дека судскиот процес продолжува, а повисокиот суд одлучил да продолжи наставата преку видеоснимање без физички да оди на училиште до 31 март.
„Секој Израелец што ќе покаже најмало сочувство за народот во Газа ќе биде подложен на политички прогон, јавно понижување и губење на работата.“
Баручин истакна дека неговите колеги, кои тајно му изразиле поддршка, не можат да зборуваат поради притисокот од другите колеги.
„Тие многу јасно знаат дека секој израелски граѓанин кој ќе се осмели да покаже макар и најмало сочувство за народот на Газа или да ја критикува владината политика, ќе биде подложен на политички прогон, ќе биде јавно понижен, ќе ја изгуби работата и ќе биде фрлен во затвор, како и во мојот случај“, рече Баручин.
Посочувајќи дека израелските ученици пораснале само со „ционистички учења“ од моментот кога се родени и не ја делат истата средина со своите палестински врсници, Баручин додаде: „Јас предавам граѓанство и историја, а суштината на мојот предмет е демократски дијалог. За мене демократскиот дијалог не е средина каде што сите зборуваат во еден глас и размислуваат на ист начин.“
Баручин истакна дека „апсолутно не го поддржува“ Хамас и ја даде следната оценка:
„Она што се случи во Газа по, па дури и пред 7 октомври, не е само хуманитарна катастрофа, туку и морална катастрофа. Многу Израелци кои се сметаат себеси за либерали и хуманисти, сега ги изгубија своите морални граници. Некои не се грижат. Тие тврдат дека цивилите во Газа заслужуваат да умрат, по она што го направи Хамас на 7 октомври. Други велат дека е лошо што убиваме невини цивили, но Хамас е одговорен за тоа, а не Израел. Ние сме одговорни за целата оваа бруталност. Погледнете што ни направи Хамас на 7 октомври, тоа е страшно, шокантно, но во никој случај не го оправдува она што го направивме во Газа.“
Баручин истакна дека израелското општество секој ден сѐ повеќе се движи кон крајната десница и дека тоа е загрижувачко:
„Ситуацијата се влошува секоја година. Сфаќајќи дека живеењето тука е лудост, многу Израелци ја напуштаат земјата и се населуваат на друго место. ‘Да се надеваме’ дека еден ден Евреите и Палестинците ќе живеат заедно на овие територии во мир, еднаквост, достоинство, пријателство и соработка.“
Извор: Anadolu Agency (AA)