Враќање на специјалниот данок на потрошувачка на нафта за земјоделците и во 2024 година, како и дополнителен попуст од десет отсто на струјата за земјоделско производство, соопшти грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис одговарајќи на пратеничко прашање за справувањето со последиците од невремето „Даниел“ што во септември ја зафати областа Тесалија, јави дописничката на МИА од Атина.
Мицотакис, кој одговараше на прашањето на претседателот на пратеничката група на Нова левица Алексис Харицис, говореше пред сè за Тесалија и за земјоделците од овој регион, истакна дека продолжувањето на мерката за враќање на данокот за потрошувачка на нафта и за оваа година е во консултација со Министерството за финансии и ќе бидат одвоени дополнителни 82 милиони евра.
Паралелно објасни дека земјоделците ќе добијат дополнителен попуст од десет отсто на струјата за периодот од мај до септември.
Меѓу владините мерки за поддршка на земјоделците што ги соопшти Мицотакис се и регулирање на долговите кон Јавното претпријатие за електрична енергија, изградба на фотоволтаични паркови за намалување на трошоците за производство, како и зголемување на првичната помош за претрпена штета.
-Од првичната помош досега се доделена 148 милиони на 43.000 домаќинства, земјоделци и бизниси. Уште 20 милиони се дадени како аванс за бизнисите, а денеска започнуваат исплаќањата на авансите на 50 отсто од финалната државна помош за сточарите, култиваторите, рече Мицотакис.
Владините мерки доаѓаат во период кога земјоделците низ цела Грција, особено во северниот и централниот дел имаат поставено блокади, а меѓу другото, бараат надоместоци поради намаленото производството предизвикано од непогоди и болести; изградба на инфраструктурни проекти за заштита од временските неприлики и намалување на трошоците за производство, но и да и помош за штетата нанесена од невремето на почетокот на септември.
Од вчера над 300 трактори од северна Грција се паркирани во Солун во блиина на Меѓународниот саем за земјоделство, каде што одржаа протест и најавија нов голем собир за утре.
Извор: kanal5.com.mk