Испитот на хартија ќе им „пресуди“ на идните судии и обвинители

4 mins read

Кариерите на стотина идни судии и обвинители би можеле да бидат етикетирани уште пред да почнат да судат и гонат криминалци.

Во прашање се 130 кандидати кои треба да бидат избрани за да ја започнат обуката на Академијата за судии и јавни обвинители (АСЈО) „Павел Шатев“, а кои на 22 јануари треба да полагаат квалификациски тест.

Меѓутоа, наместо електронски како што предвидува актуелниот закон, тестот тие би можеле да го полагаат во хартиена форма бидејќи во моментов нема електронски систем за полагање на испити.

За да им го овозможи тоа, власта планира преку Предлог-измени на Законот за Академијата за судии и обвинители да дополни еден член (член 40) и да дозволи приемниот испит да се полага и на хартија.

„Имено, во случај кога единствениот електронски систем за полагање на испитите не е во функција како резултат на настани кои не можеле да се предвидат, а поради крајна итност за спроведување на приемниот испит, се предлага можност квалификацискиот тест да се полага во хартиена форма, а резултатите да се добијат со електронски читач, без вклученост на човечки фактор, водејќи сметка за анонимноста, интегритетот на испитниот процес и различноста на тестовите“, велат од Министерството за правда за Радио Слободна Европа (РСЕ).

Оттаму додаваат дека во 2022, слично решение било воведено и во Законот за патен сообраќај за испитите за професионална компетентност и за учество на возачи во меѓународен сообраќај.

Предлог-измените од Правда се доставени до Владата која се очекува да ги разгледа и усвои на наредната седница, а потоа и да ги испрати до Собранието.

Ковачевски: Кандидатите на Академијата може да ги погодите и на сон

Пред да посегне кон законски измени, Владата на седница на 26 декември 2023 година донесе само заклучок тестирањето да биде во хартиена форма откако од Академијата побарале да се најде итно интервентно решение.

По ова, Управниот одбор на Академијата се состанал, но не донел одлука дали ќе ја послуша Владата и вчера соопшти дека ги разгледуваат „сите можности за спроведување на квалификацискиот тест согласно закон“.

Она што останува отворено прашање по денешната најава за законски измени е дали тие ќе поминат во Собрание до 22 јануари или од Академијата ќе го одложат тестирањето.

Премиерот Димитар Ковачевски денеска коментирајќи ја ситуацијата со приемниот испит на Академијата рече дека ако нешто е во колизија со законот, тогаш треба да се промени, но упати и критики за досегашниот избор на кандидати за идни судии и јавни обвинители.

„Јас да бидам искрен не сум имал контакт со АСЈО, имам свое мислење за таа Академија каде што кога ќе ги погледнете кандидати кои поминуваат, презимињата можете да ги погодите и на сон во три сабајле, така што прашања треба да се постават на сите адреси, а не само на една адреса“, изјави Ковачевски.

Од опозициските партии, пак, веќе фрлија сомнеж кон идните судии и јавни обвинители поради тоа што ќе полагаат во хартиена форма наместо електронски. Еден од оние кои реагираа беше и пратеникот Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, кој ја обвини власта дека брза противзаконски и предизборно да протне стотина свои кадри бидејќи знае дека е во заминување.

Набавката на нов систем далеку од готова

Додека владата на Ковачевски на следната седница ќе одлучува дали преку законски измени ќе овозможи идните судии и кандидати приемен испит да полагаат во хартиена форма, тендерот за одржување на софтвер за електронско полагање испити е далеку од готов. За постапка е задолжено Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА).

На електронскиот систем за јавни набавки, сè уште не е објавена набавката, а од Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) не одговорија на нашето прашање во која фаза се наоѓа.

Во одговорот што од оваа институција го доставиле до Академијата, според соопштението објавено на 25 декември 2023 година, пак, било наведено дека „не е склучен анекс на договорот со претходниот носител на набавката, а спроведувањето на нова постапка е сè уште во рана фаза односно подготовка на тендерска документација, имајќи ја предвид комплексноста на набавката и бројот на државни институции кои учествуваат во истата“.

Долг пат на најголемата генерација идни судии и обвинители

Сто и триесетте кандидати за идни судии и јавни обвинители што треба да се изберат ќе бидат деветтата генерација слушатели, а воедно и најголемата што треба да произлезе од Академијата.

Јавниот оглас беше објавен на 31 јануари 2023 година. За 130 места, документи поднесоа 527 кандидати. Процедурата за прием предвидува селекција низ пет фази: тест за познавање на странски јазик; психолошки тест, тест за интегритет; квалификациски тест; и практичен испит.

Тој што нема да помине некоја од фазите не може да продолжи понатаму. Така, од над 500-те кандидати до квалификацискиот тест стигнаа 299.

Временската динамика на приемниот испит за оваа генерација досега неколкупати беше менувана. Електронскиот систем за полагање испити беше една од причините, но пролонгирања имаше и поради новиот Закон за Академија за судии и јавни обвинители кој беше донесен летото 2023 година, носењето нови подзаконски акти итн.

По квалификацискиот тест, кандидатите ќе треба да полагаат и практичен испит. На 130-те што ќе бидат избрани ќе им претстои и двегодишна обука, како и завршен испит на Академијата, па дури потоа ќе може да пријават на огласите што во иднина ќе ги распишуваат Судскиот и Советот на јавни обвинители.

Во моментов во Академијата се обучува осмата генерација составена од 97 слушатели. Седмата генерација од 58 кандидати, пак, заврши во февруари лани, а беше во фокусот на јавноста поради имињата на членови на семејствата на познати политичари, судии обвинители … Меѓу нив беше Барлет Џафери, син на претседателот на Собранието Талат Џафери, за кого Државната комисија за спречување корупција откри и дека сè уште недипломиран се здобил со право да полага правосуден испит во 2015 година. Тој сега е обвинител во Гостивар.

Инфографика - Дали обвинители и судии се наследна функција?

Инфографика – Дали обвинители и судии се наследна функција?

Со него, Академијата ја завршија и Албулена Абази – сопруга на шефот на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, Ислам Абази, Билјана Иванова – снаа на генералната секретарка на Собранието Цветанка Иванова, Симона Муцунски-Бубевска – сопруга на градоначалникот на Аеродром и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ Тимчо Муцунски. Судии и обвинители од оваа генерација станаа и децата на обвинителката Елизабета Јосифовска, судијата Енвер Беџети, судијата Наќе Георгиев итн.

Извор: Радио Слободна Европа

Претходно

Врховен ги отфрли жалбите на незадоволните судии за избор во Апелација

Следно

Мицотакис: Грција не е „банана држава“ и не може да се толерира инфлацијата на алчноста

Latest from Blog