Со 27 процент, Скопје е на последното место според тоа колку неговите жители се задоволни од здравствените услуги во градот, а во последните десет е и според задоволството на жителите од културните установи и зелените простори во градот. Главниот град на земјава го држи и последното место, со само 12 проценти, во однос мислењето на неговите жители за квалитетот на воздухот
Скопје стои лошо и во уште една категорија. Дури 84 отсто од жители на главниот град се согласуваат дека има корупција во локалната јавна администрација на градот
Двата града кои доминираат на листата се во Швајцарија, која не е членка на ЕУ и Данска, која е членка. Цирих и Копенхаген се на првите две места во топ десет европски града чии жители се задоволни од квалитетот на живот во нив
Околу 90 отсто од жителите на Европската Унија изразиле дека се задоволни од животот во нивниот град, покажува извештајот на Европската Унија за квалитетот на животот во европските градови за 2023 година, пренесува порталот „Шенгенвиза њуз“.
Во извештајот се нотирани и резултатите од перцепцијата за квалитетот на живот на жителите на градови кои не се во земји членки на ЕУ.
Имено, тој опфаќа вкупно 83 града во земји членки на ЕУ, потоа земјите од Европската асоцијација за слободна трговија (ЕФТА), Обединетото Кралство, Западен Балкан и Турција.
Според она што се забележува, Скопје е меѓу градовите со најниски оценки, односно неговите жители не се чувствуваат задоволно од квалитетот на животот во главниот град на Северна Македонија.
Двата града кои доминираат на листата се во Швајцарија, која не е членка на ЕУ и Данска, која е членка. Цирих и Копенхаген се на првите две места во топ десет европски градови по задоволството на нивните жители на животот во нив.
Категории на оценување
Инаку, истражувањето се фокусира на седум поглавја, односно категории кои ја одредуваат конечната перцепција – задоволство од живот во градот; безбедност и кохезивност на градот; работа, обезбедување дом и заработка; движење низ градот; култура, плоштади, паркови, здравствена нега; здрави градови и квалитет на локалната администрација.
Според задоволството на жителите од квалитетот на животот, Скопје е во последните десет градови на листата, со вкупен резултат од 72 отсто. За споредба, Цирих кој е прв меѓу десетте градови има скор од 97 отсто.
Градови со најниски оценки
Во друштво на Скопје, како градови со најниски оценки во однос на задоволството на луѓето од животот во нив се Палермо во Италија, главниот град на Грција – Атина, потоа Истанбул во Турција, престолнината на Албанија – Тирана, Неапол во Италија, главниот град на Србија – Белград, италијанската престолнина Рим, Мишколц во Унгарија и главниот град на Црна Гора – Подгорица.
Инаку, според извештајот, задоволството од квалитетот на живот низ градовите во земјите од ЕУ е намалено во споредба со 2019 година, но сепак и понатаму останува високо, при што девет од десет луѓе се изјасниле дека се задоволни од градот во кој живеат.
„Во услови на севкупен пад, резултатите го потврдуваат она што веќе беше забележано во 2019 година, односно значителни подобрувања во перцепираниот квалитет на живот во градовите во источните земји членки“,
се вели во Извештај на ЕУ 2023 за квалитетот на живот во европските градови.
Сепак, во однос на прашањето за промените во квалитетот на животот во последните пет години, мнозинството од испитаниците во сите градови опфатени во истражувањето, вклучително и оние во ЕУ, изјавиле дека тој останува непроменет.
Поконкретно, 31 отсто од жителите изјавиле дека квалитетот на животот е подобрен, 40 отсто посочиле дека нема промена, а приближно 29 отсто забележале пад.
Меѓу другото, извештајот забележува дека помалите градови се перципираат како подобро место за живеење во многу аспекти, вклучувајќи ја безбедноста, достапноста на јавните простори, здравствената заштита, достапноста на становите и локалната јавна администрација.
Покрај тоа, помалите градови се сметаат за подобри места за живеење за постарите луѓе, семејствата со мали деца и мигрантите.
„Околу 89 отсто од луѓето кои живеат во град со помалку од 250 000 жители се задоволни од животот во тој град“,
нотира Извештајот на ЕУ за квалитетот на животот во европските градови за 2023 година.
Европски градови со највисоки оценки
Според извештајот, првите десет града кои имале најголем број жители задоволни од квалитетот на животот се:
- Цирих, Швајцарија (97 проценти),
- Копенхаген, Данска (96 проценти),
- Гронинген, Холандија (96 проценти),
- Гдањск, Полска (95 проценти),
- Лајпциг, Германија (95 проценти),
- Стокхолм, Шведска (95 проценти),
- Женева, Швајцарија (95 проценти),
- Росток, Данска (94 проценти),
- Клуж-Напока, Романија (94 проценти),
- Брага, Португалија (94 проценти).
Гронинген, Брага и Гдањск се меѓу првите десет градови кои се сметаат за најдобри за живеење и за имигрантите.
Други градови кои се сметаат за најдобри места за живеење за имигрантите се Кардиф (Обединето Кралство), Лисабон (Португалија), Барселона (Шпанија), Тајнсајд (Обединето Кралство), Хамбург (Германија), Хелсинки (Финска) и Глазгов (Обединето Кралство).
Што се однесува до оваа категорија, Скопје не стои баш најдобро.
„Во Кардиф, речиси секој смета дека градот е добро место за имигранти, додека во Скопје, само еден од тројца луѓе мисли така“,
се вели во извештајот.
Главниот град на земјава е и во последните десет града чии жители сметаат дека тие се добри места за луѓе кои припаѓаат на ЛГБТ-заедницата, со скор од 38 проценти.
Главниот град не стои високо ни во останатите категории, а единствено каде е во првите десет градови е по леснотијата да се најде добро домување за релативно разумна цена. Скопје и во првата десетка градови по користење на автомобил во обичен ден, а во последната по користењето на јавен транспорт.
Со 27 проценти, Скопје е на последното место според тоа колку неговите жители се задоволни од здравствените услуги во градот, а во последните десет е и според задоволството на неговите жители од културните установи и зелените простори во градот. Главниот град на земјава го држи и последното место, со само 12 проценти, во однос мислењето на неговите жители за квалитетот на воздухот.
Скопје стои лошо и во уште една категорија. Дури 84 отсто од жителите на главниот град се согласуваат дека има корупција во локалната јавна администрација на градот.
Инаку, извештајот, како што се наведува, содржи податоци од 71 153 интервјуа, а во секој град бил интервјуиран примерок од најмалку 839 жители.
Истражувањето е спроведено помеѓу јануари и април, минатата година.
ИЗВОР: 360stepeni.mk