(ВИДЕО) Зошто Итната помош не може секогаш да поита

5 mins read

Половина од службите за Итна медицинска помош го немаат ни минимално пропишаниот број тимови (доктор/ка, медицинска сестра/брат и возач/ка) согласно владината уредба. Во некои региони од државата еден тим покрива и по 40 000 жители

Според истражувањето на Центарот за граѓански комуникации, голем недостаток е и тос што нема статистика – на колку повици Итната помош не успева да одговори

ВИДЕО

Во 2016 година е донесена последната владина уредба во која е утврден минималниот број тимови што службите за Итна медицинска помош треба да ги имаат според бројот на жители во реонот што го покриваат.

Денес, во 2023 година, половина од службите за Итна помош во земјава имаат помалку тимови од законскиот минимум, покажа најновото истражување што го спроведе Центарот за граѓански комуникации.

Анализата дава податок – колку интервенции имале достапните екипи. Но, државата не води статистика – за колку повици немало тим за интервенција.

Герман Филков – Центар за граѓански комуникации

„Колку повици добиле за итна медицинска помош, а на колку повици реално отишле бидејќи поттикот за ова истражување беше жалењето на граѓаните дека едноставно не доаѓа медицинската помош кога ја бараат“,    

вели Герман Филков – Центар за граѓански комуникации.

Како им е и на луѓето на терен, чија работа е итно да помогнат?

Во скопската Итна помош недостасуваат 18 медицински тимови за да се задоволи законскиот минимум

Службата за Итна медицинска помош во Скопје се грижи за околу 600 илјади жители. Од 2015-тата, последната година за која има податоци, кубури со бројот на тимови.

Еден тим се состои од доктор, медицинска сестра и возач. Такви тимови, на хартија, имаат вкупно 45, а според владината уредба треба да имаат најмалку 63. Тоа се 18 тима помалку од законскиот минимум.

Служба за Итна медицинска помош – Скопје

Но, тоа го вели статистиката која, според раководителката Милица Бубало, не е секогаш одраз на реалноста. Таа вели дека има постојан прилив и одлив на кадар. Дел одат во пензија, дел си заминуваат во странство и во приватниот сектор, дел се на боледување или на породилно отсуство. Па, во моментов, службата има вкупно 40 тима што одат на терен. 

Милица Бубало – раководителка на Итна медицинска помош – Скопје

„Треба постојано да има вработувања, да се предвидува постојано да има вработувања во оваа служба и постојано да се следи приливот и одливот и да не се чека премногу за прилив и за одлив. Проблемот настанува кога имаме согласност за еден вработен, сме ја добиле од Министерството, по некоја причина тој вработен може по две години да си даде отказ и ние треба да бараме повторно нова согласност за да можеме да вработиме на негово место“,

вели Милица Бубало – раководителка на Итна медицинска помош – Скопје.

Статистички, оваа служба има 17 возила, но за итните повици се користат 11.

„Од тие 17 едно е ‘дачија дастер’ кое не е санитетско возило, а сепак е во нашата служба. Имаме два ‘рено трафик’ кои се од 2012 година и имаат поминато над 300 илјади километри и тие не можеме да ги вклучиме на итните покани. Имаме две возила ‘фоклсваген’ кои се од 2008 година и тие исто имаат над 300 илјади и не можеме да ги вклучиме во итни покани затоа што брзината на движење им е помала односно не одат, како што велат возачите, повеќе од 50“,

вели Бубало.

Едно од дотраените возила на службата за Итна медицинска помош – Скопје

Раководителката вели дека, покрај ова, многу други фактори влијаат на брзината со која дејствуваат, на пример – хаотичниот сообраќај.

„Се случувало во дадена ситуација да немаме од каде да извлечеме возило, па тука нормално се користат телефоните – ајде, побрзо ве молам ослободете го возилото, со Клинички центар. Некогаш не зависи од нас“,

додава таа.

Службата за Итна медицинска помош во Тетово бара два дополнителни дисперзирани тима

Во Скопје дел од проблемот за брза услуга е во сообраќајот, но во Тетово итната помош често не може ни да излезе на улица. Најголемиот метеж е на рампата за влез во болницата, а нема одвоен пристап за медицински возила.

Клиничка болница – Тетово

Тетовската Итна медицинска помош се грижи за 167 илјади жители. Во 2015 имала 13, а сега осум тима, дури пет помалку. Според владината уредба, треба да има 18 што е за десет повеќе од сегашните. Имаат вкупно четири возила. 

Надлежните велат дека ова не е доволно за шесте општини во нивниот регион, но тврдат дека даваат максимум со тоа што го имаат.

Гент Незири – раководител на Итна медицинска помош – Тетово

„Сега функционираме според приоритетот на повиците. Тоа значи дека приоритет има тој повик што има повеќе итност или има животозагрозувачка состојба на пациентот. Тие повици секогаш имаат предност за да можеме да стигнеме побрзо. Нормално, имаме и жалби дека не сме стигнале навреме или друго. Има ред причини. Меѓу нив е метежот низ градот што е присутен особено во летните денови“,

смета Гент Незири – раководител на Итна медицинска помош – Тетово.

Раководителот предлага да има барем уште два дисперзирани тима – еден во Боговиње и еден во Теарце за брзата помош да има логика во пооддалечените места.

Брзата помош низ тетовските улици

„Низ општиниве да имаме барем по еден тим и тие да го надгледуваат тој терен, па по потреба ние плус да одиме таму. Зошто го велам ова? Бидејќи, на пример, има еден повик во Јажинце, до таму има околу 30 километри. Зависно од климатските услови и метежот, нам ни треба многу време. Кога, хипотетички, би имало еден пункт во Теарце, тие би стигнале многу побрзо“,

додава Незири.

Тетовската служба за итна помош очекува вработување на дополниктелни четворица доктори со што состојбата малку би се подобрила бидејќи и тука, како што вели раководителот, голем проблем е одливот на кадри. 

Битола меѓу градовите со повеќе тимови за Итна помош од минимумот

Од вкупно 33 служби за Итна медицинска помош во земјава, 11 имаат број на тимови поголем од минимумот пропишан во владината уредба. Таква е битолската, која покрива 93 илјади жители. Во 2015 имала 14, а сега има 16 тима. Минималниот број за нив е 12 што значи дека имаат четири повеќе од минимумот.    

Весна Спиркоска – директорка на здравствен дом „д-р Хаим Абраванел“ – Битола

„Оваа бројка е оптимална. Праксата тоа го има покажано бидејќи немаме точна граница помеѓу ургентната амбуланта и теренската работа во итната медицинска помош. Кај нас се 16 тимови распределени во четири екипи. Секоја екипа има четири тимови составени од доктор и медицинска сестра и три возачи кои се за теренските интервенции со екипите на итната медицинска помош. По правило едниот тим од овие четири тима надополнува секаде каде во текот на работното време би имало недостаток“,

вели Весна Спиркоска – директорка на здравствен дом „д-р Хаим Абраванел“ – Битола.

Не поминавме низ многу, но впечатокот е дека битолскиот е еден од најсредените здравствени домови во земјава. Сите одделенија се реновирани со истакнати фотографии каква била претходната состојба, набавени се современи апарати, хигиената е на ниво, а вработените се мотивирани да работат професионално.  

Служба за Итна медицинска помош – Битола

„Јас не би изменила ништо. Само би сакала да имаме поголем број вработувања бидејќи огромен дел доктори многу често ни заминуваат“,

вели Спиркоска.

Во некои реони еден тим покрива илјада жители, во други 40 илјади

Според владината уредба, секој здравствен дом што опфаќа до 30 000 жители треба да има најмалку пет тима за Итна медицинска помош. Ако здравствениот дом покрива повеќе од 30 000 жители, тогаш треба да има најмалку по еден дополнителен тим на секои 10 000 жители.

„Истражувањето покажа голема разлика во оптовареноста на еден медицински тим. Некаде еден тим за итна помош покрива само илјада жители, а во други градови покрива 40 илјади жители. Исто така некаде еден тим има по дваесеттина интервенции дневно, а во други места има нецела интервенција дневно“,

вели Герман Филков – Центар за граѓански комуникации.

Филков смета дека проблемот со долгата процедура за барање согласност за нови вработувања треба да се истакне на повисоко ниво.

„Мислам дека тоа е оправдување, меѓутоа мене како граѓанин-истражувач не ми држи тоа оправдување. Се сменија неколку министри за финансии во последниве неколку години, се сменија двајца премиери, може проблемот да се истакне на повисоко ниво. Ако службите навистина сметаат дека ова е проблем, луѓе да им се јавуваат, а тие да не можат да одговорат на сите наши потреби, тогаш проблемот треба да го истакнат на високо ниво, кај премиерот, во јавноста, и мислам дека нема министер за финансии кој нема да даде такво одобрување за нови вработувања“,

додава Филков.

Министерството за здравство е во фаза на јавна набавка на 22 нови возила со комплетна опрема за службите за Итна медицинска помош.

Министерството за финансии, пак, најави дека од догодина повеќе нема да дава согласност за нови вработувања во јавниот сектор. Таа обврска ќе ја имаат одговорните лица во институциите.

Овие измени веројатно ќе решат дел од проблемите, особено при вработувањето. Друго е прашањето дали Итната помош ќе биде доволно привлечно место за работа за доктори и друг персонал, кои патем се почесто се решаваат лебот да го печалат надвор од земјава.   

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Претходно

Нова година, нови цени – поскапува паркингот на аеродромот во Скопје

Следно

Младата Македонка Теона е светски хит: Зборува англиски на 10 различни акценти

Latest from Blog