Утре (20 декември) во 12 часот во Чифте амам, објект на Националната галерија на Македонија (НГМ), ќе се отвори изложбата „110 години од раѓање“ на уметницата Лена Стефанова (1913-1991). Од НГМ велат дека Стефанова има голема улога во културата на уметноста како прва уметница во современата македонска ликовна уметност, но и дека малку има пишуваните текстови и аналитичките студии што се посветени на нејзиниот живот и дело.
„Секако дека мал број каталози од нејзините постхумни изложби даваат некаков увид во нејзината уметност, но се работи за релативно кратки текстови што не влегуваат во некаква детална анализа на нејзиното творештво“, велат кураторките Татјана Бундалевска и Елена Иванова.
Стефанова се школувала во престижното француско училиште во Скопје и го завршува во учебната 1930. Во текот на школувањето го посетува ателјето на Олга Бенсон (1924-1928), каде што ги стекнува првите ликовни искуства. Во ова школо цртала, сликала, изработувала акварели и го учела занаетот. Овој период остава траен белег врз нејзината определба за сликарството.
Станала членка на Друштво на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ) од неговото формирање во 1945 и учествувала на сите позначајни групни изложби заедно со основоположниците на современата македонска ликовна уметност Личеноски, Мартиновски, Владимирски, Коџоман, Белогаски и други. Во периодот од 1945 до 1976 работела како ликовен педагог во Женската гимназија во Скопје, во гимназијата во Велес и во неколку основни училишта. Двапати имала прекин во педагошката дејност и тогаш работела како дизајнер во одделот за килимарство во Институтот за фолклор, потоа како илустратор во весникот „Нова Македонија“ и како слободен уметник.
„Таа го сликаше она што го гледа, што го чувствува, што го сака – слики од нејзиното непосредно опкружување: топлите бои на есента, лелеавите пејзажи, селските амбиенти, скромните градски визури, историските, митските личности од нејзината почва, миризбата на цвеќето, овошјата, мртвата природа… што се шират во патријархалниот амбиент, нешто свое, автохтоно и специфично. Нејзиното творештво е целовито и доследно, без потреси, без нагли амплитуди, без подеми и падови, без резигнираност, без драстично видливи одрази и белези од нејзиниот слоевит и трауматичен живот. Нејзиниот уметнички придонес е огромен иако животната судбина и била особено тешка, така што нејзиниот живот бил постојана борба и барање на суштината на животот, љубовта, природата, пејзажот, акварелот“, велат кураторските.
Изложбата во Чифте амам ќе трае до февруари 2024.
Б. НЕСТОРОСКА
ИЗВОР: sdk.mk