Со промените во диспозитивот, обвинетите во „Трезор“ останува да се гонат за злоупотреба на службената положба и овластување по членот 353 од КЗ, но по друг став и наместо дејствието искористување на службената положба, сега се товарат за пречекорување на границите на своите службени овластувања
Инаку, обвинителот Трајче Пеливанов на судот му предложи да ја прекине постапката само за обвинетиот експомошник-министер во МВР, Небојша Стајковиќ, бидејќи кај него не станува збор за продолжено кривично дело, на што реагираа од одбраната на Мијалков и побараат судот да донесе одбивателна пресуда во предметот
Денешното рочиште донесе нов момент во предметот „Трезор“, кој се однесува на набавката на британската опрема за следење комуникации и во кој еден од обвинетите е ескдиректорот на УБК, Сашо Мијалков.
Иако по измените на Кривичниот законик се очекуваше и овој предмет да ја доживее судбината на „Таргет“, за кој судот по предлог на Обвинителството донесе решение за запирање на постапката поради застареност, што го спаси Мијалков од понатамошен прогон, во „Трезор“ Обвинителството настапи со друга варијанта.
Имено, обвинителот Трајче Пеливанов денеска пред Кривичниот суд соопшти дека врши прецизирање на диспозитивот на обвинителниот акт и преквалификација на кривичното дело за кое се товарат обвинетите.
Покрај Мијалков, во случајот „Трезор“, кој го отвори поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО), обвинети се и поранешниот началник на Петтата управа на УБК, Горан Грујевски, и експомошник-министерот во МВР, Небојша Стајковиќ. Тројцата се обвинети за злоупотреба на службената положба и овластување, додека поранешниот началник на оддел во УБК, Тони Јакимовски, се товари за помагање.
„Имајќи ги предвид измените и дополнувањата на Кривичниот законик објавени во ’Службен весник’ број 188 од 7 септември 2023 година, а кои стапија на сила на 15 септември, вршам прецизирање на диспозитивот од обвинителниот акт. Во точката 1 од диспозитивот во ред 12 одозгора наместо зборовите ‘ја искористиле службената положба и овластување’ да стојат зборовите ‘презеле службени дејствија со кои ги пречекориле своите службени овластувања’. Во истата точка, во ред 15, по зборот ‘помогнал’ да се додадат зборовите ‘на обвинетите Сашо Мијалков и Горан Грујевски’“,
рече обвинителот Пеливанов пред Судот.
Идентични прецизирања тој изврши и во точката 2 од диспозитивот.
Со промените во диспозитивот обвинетите во „Трезор“ останува да се гонат за злоупотреба на службената положба и овластување по членот 353 од КЗ, но по друг член и наместо дејствието искористување на службената положба, сега се товарат за пречекорување на границите на своите службени овластувања.
Претходно Мијалков и останатите тројца обвинети се гонеа по ставот 5 од членот 353, кој се однесуваше на злоупотреба на службената положба и овластување при јавни набавки, но отпадна со измените на Кривичниот законик. Сега, со новата правна квалификација, предмет на обвинението е ставот 4 од изменетиот член 353 врзан со други членови од КЗ, од кои еден се однесува на квалификацијата продолжено кривично дело.
„Согласно измените на КЗ, вршам измена и во однос на правната квалификација на кривичното дело што им се става на товар на обвинетите на начин што сега обвинетите Сашо Мијалков и Горан Грујевски, согласно точките 1 и 2 од диспозитивот, сториле кривично дело од членот 353 став 4 во врска со став 1 и во врска со ставовите 22 и 45 од Кривичниот законик“,
наведе Пеливанов.
Идентична преквалификација на делото обвинителот изврши и за обвинетите Јакимовски и Стајковиќ, со таа разлика што за ескпомошник-министерот во МВР делото со преквалификацијата не е врзано со членот 45 од КЗ кој се однесува на продолжено кривично дело, туку дело кое било извршено еднаш.
Токму поради овој момент, обвинителот, иако не толку експлицитно, му предложи на судот да констатира застарување на кривичното дело само за Стајковиќ, додека за останатите обвинети постапката да продолжи.
„Во согласност со споменатите измени на Кривичниот законик, кој предвидува дека ако по извршувањето на кривичното дело е извршена измена на Кривичниот законик еднаш или двапати, да се примени поблагиот закон за Небојша Стајковиќ.
Обвинетите, вклучително и Небојша Стајковиќ, дејствијата на извршување на кривичните дела ги презеле од месец јули 2010 до крајот на 2012 година. Оттука, имајќи ја предвид пропишаната казна затвор која му се става на товар на Небојша Стајковиќ со вака изменетата казна од член 353 од Кривичниот законик, предлагам судот да донесе одлука со која ќе го примени важечкото материјално право“,
рече Пеливанов.
Ваквиот потег на обвинителот наиде на реакции кај одбраната на Мијалков, која пред судот наведе дека со преквалификацијата на делото и предлогот застарување да има само за Стајковиќ, тој ги крши измените на Кривичниот законик.
„Навистина, длабоко жалам што јавниот обвинител, со изнесеното, грубо ги крши измените на КЗ во однос на останатите обвинети, за кои изврши преквалификација, односно ги товари за продолжено кривично дело од член 353 не предлагајќи судот да донесе одлука како за Небојша Стајковиќ“,
рече адвокатот Љупчо Шврговски.
На забелешките се приклучи и неговиот колега Петар Василев, кој исто така го застапува Мијалков. Двајцата реагираа дека со промените не се врши само допрецизирање, туку станува збор за нов обвинителен акт.
„Недозволеноста и незаконитоста на вака даденото прецизирање на обвинителниот акт е дополнително недозволено затоа што ова не е допрецизирање, туку комплетно нов обвинителен акт и вакво нешто не е дозволено освен ако од доказите на главната расправа не произлезе дека дејствието е пречекорувањето на службените овластувања, а не неизвршувањето на службената должност“,
рече Василев.
Според него, обвинителот со ова се обидува да го спаси обвинението и „незаконски, тенденциозно, арбитрарно и неетички“ да продолжи со гонење на обвинетите.
Од одбраната на Мијалков посочија дека бараат судот да донесе одбивателна пресуда поради настапена апсолутна застареност на кривичното дело за кое се гонат обвинетите по измените на Кривичниот законик.
За предлогот на одбраната судијката Имране Селмани рече дека судот ќе се изјасни на следното рочиште кое го закажа за 24 ноември откако Обвинителството ќе се произнесе по предлогот на адвокатите.
Ова во изјава за медиумите по завршувањето на рочиштето дополнително го елаборираше адвокатот Шврговски, кој во најголем дел се задржа на аргументите кои претходно ги изнесе пред судот.
„Значи, обвинителот има право да го измени обвинението само под еден услов – доколку од доказните средства и факти коишто произлегуваат од нив, произлезе основ дека Сашо Мијалков го пречекорил своето службено овластување. Меѓутоа, обвинителот бидејќи во кривичната постапка тргнал со обвинение дека Сашо Мијалков ја искористил својата службена положба и овластување, а дејствието на извршување на искористување на службена положба и овластување од став 1 од член 353 веќе како дејствие не претставува продолжено кривично дело, со цел да го спаси обвинението му става друго дејствие на извршување, а тоа е пречекорување на неговото службено овластување. Меѓутоа, ако се погледне самиот диспозитив на обвинението, во самиот диспозитив на обвинителниот акт точно се прецизира кои се законските овластувања на обвинетиот Сашо Мијалков. Меѓу другото, негова законска обврска е како директор на УБК да предложи набавка на нова опрема доколку за тоа има потреба. Што значи ова? Тоа значи дека Сашо Мијалков не презел надлежност на некој друг орган за да ги пречекори границите на своето службено овластување, апсолутно незаконит основ по којшто јавниот обвинител врши измена на обвинението“,
рече Шврговски.
Како втора работа, тој го посочи времето на извршување на кривичното дело кое го опфаќа периодот од 2010 и 2012 година, што според адвокатот значи дека настапила апсолутна застареност, бидејќи максималната казна за делото кое им се става на товар на обвинетите, според измените на Кривичниот законик, е пет години.
„Апсолутна застареност настанува после истекот на два пати повеќе време од она што е време за коешто е предвидена казната, а тоа е 10 години. Значи, апсолутна застареност настапила во 2022 година. Обвинителот повторно прави една правна еквилибристика којашто повторно е неодржлива. Зборува за продолжено кривично дело без притоа да даде опис во што се состои продолженото кривично дело. Меѓутоа, и во овој случај и кај продолжено кривично дело апсолутната застареност тече од секое поединечно извршено дејствие. Така што и во овој случај има апсолутна застарености, мене навистина не ми е јасно, ова е флагрантно кршење на закон. Од кои причини јавниот обвинител не даде предлог до судот да биде запрена кривичната постапка поради апсолутна застареност, односно поради тоа што нема елемент на кривично дело за кое се гони по службена должност“,
рече Шврговски.
Прашан за барањето за одбивателна пресуда и кога може да се случи тоа, Шврговски посочи дека судот таква одлука може да донесе единствено на предлог на обвинителот.
„Мене ми е жал што законот, каков е таков, не е совршен и, како што наведов, освен во два случаи кога судот има инквизиторски инструменти, тоа е кај вештачењето и кај супервештачењето, во ниту еден друг случај судот не може сам без предлог на јавниот обвинител да донесе одлука. Тоа е голем пропуст, бидејќи ако се раководиме од принципот на економичност при водење на кривичната постапка ние сега создаваме дополнителни трошоци без каква било потреба поради тоа што рацете на судот му се врзани во овој контекст“,
рече адвокатот на Мијалков.
За потсетување, предметот „Трезор“ се однесува на начинот на набавка на британска опрема за следење на комуникациите. Го отвори поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО), а потоа, исто како и другите предмети, премина во рацете на редовните обвинителства, но обвинителите, со овластување од Љубомир Јовески, останаа исти. Артан Ајро и Трајче Пеливанов го застапуваа предметот во текот на судскиот процес и според нивните тврдења било договорено опремата, наместо директно од британската компанија „Гама интернешнл“, да се набави преку фирма посредник од Скопје. Станува збор за „Финзи“, која, како што тогаш потенцираа обвинителите, била основана од офшор-фирма во САД и кај која, како краен сопственик, се јавува бизнисменот Орце Камчев. За прв управител на скопската фирма бил регистриран братот на обвинетиот помошник-министер во МВР, Небојша Стајковиќ, а потоа управител станал починатиот Коста Крпач.
Инаку, предметот се суди по втор пат во прв степен.
Со правата првостепена пресуда која Основниот кривичен суд Скопје ја изрече на 13 април 2021 година највисока казна од 15 години затвор доби ексначалникот на Петтата управа на тогашната УБК, Горан Грујевски, ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, беше осуден на осум години затвор, додека поранешниот помошник-министер во МВР, Небојша Стајковиќ, и ексначалникот на оддел во УБК, Тони Јакимовски, добија по пет години затворски казни.
Но, по речиси година и пол, на 25 ноември лани, Апелацискиот суд Скопје соопшти дека ја укинува првостепената пресуда и предметот го враќа на повторно судење. Во образложение на одлуката беше наведено дека Апелација констатирала оти првостепениот суд сторил суштествени повреди на одредбите од Законот за кривична постапка.
Конкретно за случајот „Трезор“, Судскиот совет при контролата констатира дека не поминало толку долго време од одржување на јавната седница до донесувањето одлука, односно поминал само еден месец. Меѓутоа, Советот констатира дека нема образложение зошто на Апелација ѝ требале пет месеци за да ја напише пресудата откако била донесена одлуката. Овде судијка известител беше Лирије Елези.
ИЗВОР: 360stepeni.mk