(ВИДЕО) Кога срцето продолжува да чука – сторија за животот по трансплантација

September 30, 2023
6 mins read

Во последните три години трансплантирани се вкупно 66 органи од 19 пациенти со мозочна смрт. 99 отсто од трансплантациите се успешни и пациентите се во добра состојба, велат лекарите

Според податоците од Министерството за здравство, на средината на септември 2023 година на националните листи за трансплантација чекаат вкупно 181 пациент. Од нив, 21 чекаат за срце (со и без механичка потпора), 139 за бубрег и 21 за црн дроб

Утрото на 23 мај 2020 година во јавноста силно одекна веста за првата трансплантација на срце во земјава. Согласноста на семејството на предвреме починатата Емилија Динева да ги донира нејзините органи, значеше шанса за нов живот.

„Едно големо благодарам што со донирањето спасија три животи, од кој едниот е животот на татко ми.“

порача Васил Огњановски, син на Иван – првиот пациент на кого му беше извршена трансплантација на срце (23.05.2020).

Една година подоцна, бројните медицински тимови на Клиниката за кардиохирургија се поклонија пред уште една хероина – 20-годишната Верица Белчовска, која животот го загуби во сообраќајка.

„Мојот син успеа преку нејзините родители да добие срце… на својот син му го продолжи животот!“

изјави Цветко Стрезовски, татко на Иле (17.04.2021).

Пред две и пол години татко му се заблагодаруваше на шансата за нов живот за неговиот син. Денес 23-годишниот Иле Стрезовски ја живее таа шанса. Домот му е во Брвеница, но често патува кон Тетово или Скопје. А откако добил ново срце, набрзо стигнала и нова етапа во животот – се оженил. Брзо им се вратил и на работните обврски во салон за мебел. Единствената разлика е, вели, што сега не смее да крева товар поголем од 15 килограми.

Иле Стрезовски, пациент со трансплантирано срце

Срцето на Иле работело со 13% и немало можност за вградување механичко срце. Единствена опција била трансплантација, на која чекал четири месеци. Датумот на операцијата го одбележува како голем ден за него и за семејството.

Роденден не, но во црква носам лепче за здравје, панагија, по нашки. Еднаш месечно одам на контрола и еднаш во три месеци можеби или повеќе да ми направат биопсија, ми прават за да проверат дали е сè ок со срцето“,

вели Иле Стрезовски, еден од пацинетите на кои им беше трансплантирано срце.

Тешко му е да искаже колку е благодарен на семејството на Верица, чие срце продолжи да чука кај него. Заедничките средби, иако не се чести, се многу емотивни, раскажува Иле.

Не многу често, но контактираме кога имаме време, кога ќе бидеме послободни. Не чекаме некој роденден да дојде или празник, па да се слушнеме, не, тие ми се фамилија,“

додава Стрезовски.

Иле е само еден од луѓето на кои им е трансплантирано срце на државната Клиника за кардиохирургија. Изминативе три и пол години се извршени десет трансплантации. Директорот Марјан Шокаровски вели дека оваа интервенција полека станува рутинска.

„Пациенти коишто се индицирани за трансплантација на срце се оние кои се во таа терминална срцева слабост. Тоа се пациенти коишто се стигнати во фаза кога се исцрпени сите можности на лекување“,

вели директорот на Клиниката за кардиохирургија, Марјан Шокаровски.

Марјан Шокаровски, директор на Клиниката за кардиохирургија

По операцијата, пациентите продолжуваат со редовни контроли – ехосонографски прегледи, се следи состојбата на ѕидовите на срцето, а се прават и биопсии и тестови за отфрлање на срцето, објаснува Шокаровски.

Ја примаат таа имуносупресивна терапија која мора да ја примаат до крај на животот. За нашите пациенти можам да кажам дека сите се во добра состојба, да не кажам одлична кондиција. До сега нема ниту еден покажано знаци на некој тип на отфрлање на срцето од она што досега го правиме како испитување,“

додава Шокаровски.

Токму на Клиниката за кардиохирургија работи првиот пациент во земјава кому му беше трансплантирано срце. 56-годишниот Иван Огњановски од Скопје е во одлична кондиција. По операцијата животот му се променил за 180 степени, велат лекарите, а потврдува и самиот Иван, кој отворено зборува за чувството да живееш со пресадено срце.

Три и пол години се чувствувам добро, се движам, работам, помагам на кого можам. За цело работно време јас не застанувам пет минути, така што и тоа ме држи уште повеќе“,

вели Иван Огњановски, првиот пациент со трансплантирано срце.

Иван Огњановски, првиот пациент со трансплантирано срце

Пред операцијата, здравствената состојба на Иван драстично се влошила. Со месеци бил третиран во болница и биле исцрпени сите можности за лекување.

18% ми работеше срцето. Ми рекоа, ако тоа не се случи во овие два-три дена. -Да има донор? -Да има донор и да добиеме пумпа за одржување, да те одржува во живот, повеќе немаш шанси. Истиот ден ме пуштија дома, јас доаѓам дома, маж како маж, викам, малку ти е пишано, пуштам музика, правам ќеиф некој таму, телефонот ми ѕвонел, никој не слуша. Доаѓа син ми, вика, те бараат од горе, викам добро. Пратиле кола по мене, јас во такси и си отидов“,

се сеќава Огњановски.

Закрепнувањето траело долго, бидејќи брзо по операцијата Иван се разболел од корона, а развил и инфекција на бубрезите. Но, откако целосно закрепнал, ѝ се вратил на пасијата за мотори и риболов. Среќен е зашто има со кого тоа и да го сподели – семејството Диневи – кое одлучи да ги донира органите на Емилија.

Мислам дека се повеќе од мое семејство, повеќе би сакал да контактирам со нив, отколку со некој од овде што имам од фамилии. Имаме разни разговори, особено со детето е младо, обожава мотори, коли, се разбира во тие работи. Ја сум рибар, обожавам езеро, он исто. Си наоѓаме многу убав муабет, со татко му исто“,

раскажува Огњановски.

Освен на срце, во земјава речиси триесет години се изведуваат трансплантации на бубрези од жив донор, но и од кадавер, односно лица кај кои е констатирана мозочна смрт. Коскено ткиво од починат донор се пресадува од 2021 година, а во зачеток од минатата година е и трансплантација на црн дроб. На Клиниката за дигестивна хирургија досега се направени три пресадувања на црн дроб.

Мораше да се развие тој систем на кадаверична трансплантација. Тоа значи подготовка на единиците на интензивна нега таков донор да препознаат, да ги одржат и на крај да стапат на сцена хирурзите и да ја извршат трансплантацијата. Затоа можеби и доцневме, заради тоа што ова е операција која не можете сами да ја направите. Клиниката работи кога станува збор до индвидуални спосбности на одреден хирург, меѓутоа овде ви треба организиран систем на соработка со повеќе институции одеднаш,“

објаснува Светозар Антовиќ, дигестивен хирург и декан на Медицинскиот факултет.

Светозар Антовиќ, дигестивен хирург и декан на Медицинскиот факултет при УКИМ

Тројцата пациенти се во добра здравствена состојба, вели професорот Антовиќ, кој е еден од хирурзите во тимот за трансплантации. На клиниките се стремат да ги развијат и пресадувањата на црн дроб од жив дарител, со што би се намалиле листите на чекање. Но, треба многу повеќе да се работи на системот за кадаверична трансплантација, смета Антовиќ.

Јас се надевам дека конечно ќе почнеме што се вели, да имаме пациенти кои нема да ни одбиваат трансплантација, бидејќи за првиот пациент кога го трансплантиравме, првите тројца одбија. И сосема разбирливо, уплашени, прва трансплантација, немаа доверба во тимот, ниту сме се појавиле дотогаш, меѓутоа за третата трансплантација имавме двајца пациенти кои ги исполнуваат условите и тука одбирот беше само за анатомските карактеристики на тие два пациенти и хирурзите го направија изборот

вели Антовиќ.

Според податоците од Министерството за здравство, на средината на септември 2023 година на националните листи за трансплантација чекаат вкупно 181 пациент. Од нив, 21 чекаат за срце (со и без механичка потпора), 139 за бубрег и 21 за црн дроб.

Листа на чекање за трансплантација до 14.09.2023

Од 2020 година кога е започната програмата за мултиорганска трансплантација, процесирани се 19 пациенти со мозочна смрт и трансплантирани се вкупно 66 органи, велат од Министерството за здравство. Од нив 34 пациенти добиле бубрег, тројца црн дроб, деветмина пациенти добиле срце и кај 19-мина се трансплантирани коскени ткива. Или, во просек, годишно се изведуваат само по три трансплантации на срце и на црн дроб.  

Иако малку на број, според националната координаторка за трансплантации, Маја Мојсова Мијовска, податоците покажуваат висок процент на успешност и значително зголемување на свеста за органодарување.

Ако ги споредам нашите разговори пред три и пол години и сегашните разговори, точно знаат за што зборуваме. Посветуваме многу време на семејствата, за да може да го објасниме процесот, да ја објасниме состојбата, да им ги покажеме доказите за тоа дека се работи за мозочна смрт, за да можат и да одлучат“,

потенцира националната координаторка за трансплантација, Маја Мојсова Мијовска.

Маја Мојсова Мијовска, национална координаторка за трансплантација

На листите на чекање за орган има многу пациенти, но ургенции и врски за предност нема, тврди Мојсова Мијовска.

Има алгоритам по кој излегува прв на листа. Врски искрено не затоа што ние не сакаме на никој пациент лошо да му направиме. Врските можат да доведат до лош исход. Треба да е компатибилен пациентот,треба имнуолошки да е компатибилен, големината да компатибилна, крвната група да соодветствува со донаторската“,

вели Мојсова Мијовска.

Нешто што се уште не може да се прави во земјава е да се даруваат органи во странство и обратно – од странство да се донираат органи кај нас. За да се случи тоа, неопходно е членство во мрежата ЕУротрансплант. Но, Северна Македонија е далеку од исполнување на критериумите кои главно подразбираат – повеќе донатори и повеќе операции. Затоа, во скоро време, се очекува и странска помош за доразвивање на системот за трансплантации, преку европски проект кој ќе се спроведува во следните година и половина.

Скенирање на процесот, во суштина да добиеме некој базичен договор, што не значи размена на органи, туку значи едукација и тренинг, односно едукација и менаџирање на системот“,

додава Мојсова Мијовска.

6 октомври е денот на органодарителството. Во следните 18 месеци Министерството за здравство ќе води кампања преку која ќе се зборува за тоа што значи органодонорство, кој се може да биде донор и како тоа спасува животи.

Тој што отишол не може да се врати, а може да се спасат многу животи. Така би требало нашата свест малку да се разбуди и има и многу луѓе што чекаат, тие секунди ги чекаат, баш тие моменти ги чекаат“,

порачува Огњановски.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

MARKETING

MARKETING

MARKETING

Претходно

Златна „Камера 300“ за кинематограферите Џевахир Сахин и Курсат Уресин

Следно

Груби ја направи Македонија бизнис-партнер со бугарски мафијаш кој се наоѓа во притвор

Latest from Blog

Холандските обвинители работат на блокирање на извозот на делови за авионите Ф-35 во Израел

ХАГ (АА) – Главниот обвинител на холандскиот Врховен суд побара одобрување на одлуката на Апелациониот суд за стопирање на извозот на делови за борбените авиони Ф-35 во Израел, се вели во официјалното

Во тешка сообраќајка загина Живко Пејковски, поранешен пратеник

Во сообраќајна незгода денеска загина Живко Пејковски, поранешен пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен директор на затворот „Идризово“. Веста за неговата смрт ја потврди и неговиот син преку објава на социјалните

Фетаи: Неселективна и примерна правда за кривични дела говор на омраза и нетрпеливост

Потпретседателот на Владата на Македонија, одговорен за политиките на добро владеење, Арбен Фетаи, денеска го осуди палењето на македонското и албанското знаме, опишувајќи ги како кукавички чинови, кои сведочат за опасниот раст

Скаловски: Институтот за родови студии е во алармантна состојба поради недостаток на кадар

Семејното насилство, фемицидите и дискриминациите, во отворена или камуфлирана форма, и натаму опстојуваат за жал, и тоа е и светски тренд. Но тоа не смее да биде оправдување за да се откажеме

Заврши амандманската расправа по Предлог-буџетот за 2025 година

Собраниската Комисија за финансирање и буџет вечерва го заврши претресот на амандманите по Предлог-буџетот за 2025 година. По амандманската расправа, како Дополнет предлог-буџет документот се враќа во Владата на финално одобрување по
Go toTop