ЕКРИ: Северна Македонија напредуваше во справувањето со расизмот и нетолеранцијата, но продолжува дискриминацијата на ЛГБТИ лицата и Ромите

4 mins read

реклама



Од 2016 година Северна Македонија постигна напредок и разви добри практики на повеќе полиња во справувањето со расизмот и нетолеранцијата, но сепак некои прашања и натаму се причина за загриженост, особено во однос на дискриминацита на припадниците на ЛГБТИ заедницата и на Ромите, се оценува во шестиот извештај на Европската комисија против расизмот и нетолеранцијата (ЕКРИ) објавен денеска.

Документот првенствено се фокусира на ефикасната рамноправност и оставрување на правата, појавите на говор на омраза и насилството мотивирано од омраза, како и на интеграцијата и инклузивноста.

реклама

Извештајот, кој се однесува на период од усвојувањето на петтиот извештај за земјава на 18 март 2016 година до 30 март 2023 година, содржи и препораки со кои се бара од властите да преземат мерки во неколку области за кои се однесуваат воочените забелешки. Согласно практиката, Комисијата одредува две препораки за кои бара приоритетна имплементација, за што ќе спроведе процес на привремено следење најдоцна две години по објавувањето на Извештајот.

Во документот се наведува дека на почетокот на 2021 година е формирана Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, како и дека е усвоен нов Закон за спречување и заштита од дискриминација, што содржи повеќе заштитни мерки и обезбедува независност на Комисијата.

реклама

– Во областа на инклузивното образование, Министерството за образование и наука доделува грантови до 30.000 денари (околу 500 евра) на училиштата кои спроведуваат активности кои придонесуваат за мултикултурализам, меѓуетничка интеграција и толеранција. Во учебните 2020/21 и 2021/22 година, грантови беа обезбедени за 94, односно 95 училишта. Во овој контекст, позитивно е да се види дека „мултикултурната интеграција“ е вклучена како индикатор во евалуацијата на училиштата, посочува Комисијата.

Извештајот наведува и дека новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација ги вклучува и сексуалната ориентација и родовиот идентитет како основи за заштита, како и дека Министерството за труд и социјална политика обезбедило финансиска поддршка за националната СОС линија за помош на припадниците на ЛГБТИ заедницата.

реклама

– Соработката меѓу Министерството и граѓанското општество, исто така, резултираше со отворање на скопскиот Квир центар во 2021 година, кој обезбедува бесплатно советување, психотерапија и поддршка за социјална грижа за ЛГБТИ лицата, се истакнува во документот.

Комисијата нагласува и дека како мерка за справување насилството мотивирано од омраза, повеќе од 2 000 македонски полицајци учествуваа на обука против криминалот од омраза, организиран од Канцеларијата за демократски институции и човекови права на ОБСЕ (ОДИХР) за припадниците на безбедносните сили.

Покрај ова, како позитивно остварување се посочува и обуката за борбата портив криминалот од омраза на ОДИХР и Академијата за судии и јавни обвинители наменета за припадниците на судската власт и на Јавното обвинителтво.

– Беа преземени неколку иницијативи во рамките на Националната стратегија за Ромите 2016-2020 за подобрување на вклученоста на Ромите во сферите на домувањето, здравството, образованието и вработувањето. На припадници на ромската заедница им беа доделени социјални станови, а беа постигнати добри резултати и за нивно вклучување во образовниот систем преку зголемен упис во предучилишното и основното образование, со помош на ромските образовни медијатори, се наведува во Извештајтот.

Комисијата го потенцира како достигнување и подготовката и усвојувањето на новата Стратегија за вклучување на Ромите 2022-2030 од страна на Владата.

Во Извештајот се нагласува и дека властите спроведоа теренска активност за да го утврдат бројот на Ромите кои во периодот на осамостојувањето на земјата од поранешна Југославија ги немаа потребните документи за идентификација за да добијат македонско државјанство.

– Идентификувани се неколку стотици лица и во 2018 година беше донесен Закон со цел да им се обезбедат посебни лични идентификациски броеви на овие лица, со кои ќе можат да пристапат до јавните услуги, вклучително и до здравствена заштита, социјалната помош и формалниот пазар на трудот, додека се чека обработката на нивните случаи за обезбедување на документи за лична  идентификација и евентуално државјанство, се додава во документот.

Комисијата посочува и дека и покрај формирањето на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, досега се именувани само шест од седумте предвидени членови, како и дека таа се соочува со проблеми во добивањето одобренија за пополнување на сите планирани кадровски позиции и на соодветен буџет за извршување на сите свои функции.

– Покрај тоа, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, како и Канцеларијата на Народниот правобранител, мора да бараат одобрение од Министерството за финансии за трошоците што сакаат да ги направат од сопствените буџетски ресурси. Ова предизвикува одложувања и потенцијален ризик за нивната севкупна независност, смета Комисијата против расизмот и нетолеранцијата.

Комисијата посочува и дека иако низ земјата минува т.н. балканска мигрантска рута, не постојат официјални проценки за бројот на нерегуларно присутни мигранти, но додава и дека нивниот престој во државата е обично многу краток, во повеќето случаи од само неколку дена.

Во извештајот се забележува и дека се уште не е спроведена независна сеопфатна студија за сите форми на дискриминација на ЛГБТИ лицата.

– Исто така, нема акциски план за ЛГБТИ или платформа за дијалог меѓу Владата и ЛГБТИ заедницата, се додава во Извештајот.

Во документот се нагласува и дека во земјата се уште не постои правна рамка која би им овозможила на истополовите двојки препознавање и заштита на нивните врска, со цел „да ги решат практичните проблеми поврзани со општествената реалност во која живеат“, како и дека условите за официјално признавање на нов пол на една личност се уште не се јасно регулирани.

Комисијата наведува и дека без судска разрешница завршиле „нападите врз ЛГБТИ центарот во Скопје, што постојано се случуваа“.

– Немањето соодветна казна за вакви инциденти на криминал поттикнат од омраза може да доведе до опасно чувство на неказнивост и отсуство на ефективно одвраќање од идни напади, заклучува Комисијата.

Во документот се наведува дека според податоците што властите ги доставуваат до Канцеларијата на ОДИХР, во 2018 година биле регистрирани 33 инциденти за насилство мотивирано од омраза, во 2019  – 23, во 2020 – 29, а во 2021 година 22 случаи. Сепак, Комисијата наведува дека според граѓанските организации во наведените години неофицијален број на вакви инциденти е околу 800, од кои околу 70 проценти се случаи на насилство меѓу млади Македонци и Албанци „со ниско ниво на интензитет и честопати не се официјално пријавени“.

Во однос на случаи на говор на омраза, во Извештајот се посочува дека тие најчесто се однесуваат на меѓуетничките односи меѓу Македонците и Албанците, но цел на говор на омраза, особено на интернет и на социјалните мрежи, се и припадниците ЛГБТИ заедницата и други етнички групи, како што се Ромите или Бугарите.

реклама



Претходно

Луис Енрике: Мбапе е најдобриот фудбалер во светот!

Следно

Во Њујорк се одржа првиот самит на шефови на држави од Централна Азија и САД

Latest from Blog