АФД ја претрка СДП, на чекор е до ЦДУ, расте поддршката за анти-ЕУ и анти-НАТО радикалите во Германија

August 1, 2023
3 mins read

Екстремно десничарската Алтернатива за Германија, која според последните анкети е втора по популарност партија во земјата, се залага за излегување од ЕУ и од НАТО, за депортација на емигрантите, укинување на санкциите за Русија и на мерките за заштита на животната средина. Во однос на неонацизмот, АФД нема критички став за Хитлер и злосторствата од времето на национал-социјализмот

Најголема популарност АфД има во Источна Германија, а политичките аналитичари сметаат дека е несфатливо партијата која за проблемите ги обвинува странците, најчесто муслиманите, да ужива најголема поддршка меѓу германските Турци, како и кај доселениците од земјите од Западен Балкан.

Последното истражување на јавното мислење во Германија покажува сериозен раст на популарноста на Алтернативата за Германија (АФД), партија на ултрадесницата со радикални ставови, за кои многумина аналитичари сметаат дека се глас на неонацизмот.

Анкетата која за весникот „Билд“ ја изработил Институтот ИНСА, ја позиционира АФД веднаш зад Демохристијанската партија (ЦДУ), а пред владејачката Социјадемократска партија (СДП).

На прашањето за кого би гласале ако денеска се одржуваат изборите за Европскиот парламент (редовните се наредната 2024 година), 26 отсто од испитаниците се решиле за ЦДУ. На второто место е АФД со 23 проценти, зад нив се социјалдемократите со 19 отсто, по што следуваат Зелените, кои би биле избор на 15 отсто од германските гласачи.

Трендот на АФД е нагорен. Тоа го покажуваат и резулатите од последните локални избори кои се одржаа во јуни во областа Зоненеберг во сојузната покраина Тирингија, каде нивниот кандидат Роберт Сеселман со освоени 52,8 посто од гласовите по првпат ѝ донесе челна позиција на партијата во која било област во Германија. Победата на Сеселман уште позначајна ја прави фактот дека во вториот круг неговиот противкандидат Јурген Копер од ЦДУ не успева да триумфира, иако ја добива поддршката од сите останати учесници во изборната трка.

Резултатите од последното истражување на јавното мислење

ЗА ШТО СЕ ЗАЛАГА АЛТЕРНАТИВАТА ЗА ГЕРМАНИЈА (АФД)?

Подемот на АФД е мошне деликатен поради нацистичкото минато на Германија, а токму оваа партија од многумина е оценета како некритична кон таа политичка матрица. Таа има фундаментално радикални позиции по речиси сите политички, економски и општествени случувања од другите партии и што е исклучително интересно, најголема поддршка ужива во поранешна Источна Германија, каде што по силата е водечка во најмалку три сојузни покраини.

На партиската Конвенција одржана неодамна во Магдебург, АФД ги отфрли сите политички достигнувања на Германија во последните децении и најави дека на следните европски избори нивна програмска определба ќе биде напуштањето на т.н. западни организации.

„Европскиот парламент мора да биде укинат, Германија треба да престане да го користи еврото, мора да излезе од Европската Унија и од НАТО. Мерките за заштита на животната средина, мерките против климатските промени и градењето обновливи извори на енергија мора да бидат укинати“,

пишува во партиските документи донесени во Магдебург.

Исто така, АФД од Конвенцијата повика на изградба на „Тврдина Европа“, како брана против иселениците и против исламот. Според АФД, сите доселеници треба да се депортираат, бидејќи за да бидеш Германец не е доволно да имаш германски пасош, а сите што ќе се обидат да влезат во Германија, веднаш треба да бидат вратени во земјата од каде што потекнуваат. За нив, треба да се отфрли борбата против расизмот и дискриминацијата на истиот начин како што треба да се отфрла и соочувањето на бруталната германска колонијална историја.

„Културата на срам и вина, која се прави обид да се востанови како постколонијална идеологија ширум Европа не одговара на историските факти. Затоа ја отфрламе“,

е ставот на АФД.

Раководството на Алтернатива за Германија на Конвенцијата во Магдебург
EPA-EFE/CLEMENS BILAN

НЕСФАТЛИВО Е КОЈ ЈА ПОДДРЖУВА АФД

Во тој контекст, долгодишниот пратеник во германскиот Бундестаг, социјалдемократот Јосип Јуратовиќ зборува за бесмисленоста на политиката и на поддржувачите на ова партија.

„Навистина е парадоксално. АФД ги обвинува странците, најчесто муслиманите, за проблемите со кои се соочува Германија, а значаен број од нејзините гласачи се германски Турци. Или е за депортација на мигрантите, а ужива огромна поддршка кај сите доселеници од земјите од Западен Балкан. Навистина е несфатливо“,

вели Јуратовиќ.

Партијата се противи на економските санкции кон Русија и се залага за итен прекин на испораката на оружје за Украина, додека ставот кон САД им е негативен и сметаат дека Германија и Европа треба да се ослободат од зависноста од Америка. Партиските приврзаници и дел од нивните ограноци во Источна Германија дури отворено изразуваат симпатии за Путиновото владеење и даваат подршка за руската агресија во Украина.

Во однос на неонацизмот, АФД нема критички став за Хитлер и злосторствата од времето на националсоцијализмот. Дури и дел од нивните функционери кои позитивно се изјасниле за тој период од историјата никогаш не се соочиле, дури ниту со дисциплинска санкција. Напротив, во нивните редови е сè поголем бројот на поранешни неонацисти и екстремни десничари.

Од минатогодишните антивладини протести под мотото: Топла есен наместо студена соба, ќе ве запалиме.
EPA-EFE/HANNIBAL HANSCHKE

СЛУЖБИТЕ ПРЕДУПРЕДУВААТ, АФД Е ЗАКАНА ЗА ГЕРМАНИЈА

Германската служба за заштита на уставниот поредок, но и бројни аналитичари и експерти за есктремизам постојано предупредуваат на опасноста од АФД. Тие сметаат дека крајно десниот екстремизам претставува најголема закана за демократијата во Германија и бараат гласачите да бидат претпазливи кон политиките на АФД.

По бројните критики од левицата, денеска се огласи и лидерот на европската десница, Манфред Вернер. Првиот човек на Европската народна партија (инаку потпретседател на Христијанско-социјалната унија (ЦСУ), која е коалициски партнер на ЦДУ) истакна дека секој мора да направи јасно разграничување од политиките на АФД бидејќи таа го става под знак прашање сето тоа што Германија и Европа го сториле во последните десетлетија за мирот и просперитетот.

„Ние мора одлучно да се спротивставиме и да се разграничиме со нив. Тие се нашите политички непријатели. Тие ги подриваат темелните вредности на нашата држава и сакаат да ја уништат Европската Унија“,

истакна денеска Вернер.

Извор: 360stepeni.mk

VERO JUMBO MACEDONIA

EVN MACEDONIA

MATINA DENTAL CLINIC

AUTO SHKOLLA BEKO

Претходно

ОН ја запираат програмата за превенција на потхранетоста во Јемен

Следно

Данска во осминафинале на СП, Кина елиминирана

Latest from Blog

Фото: Најбараната манекенка има ново момче? Тој е 18 години постар од неа

Познатата манекенка од кланот Кардашијан – Џенер, атрактивната Кендал е една од омилените членови на семејството Кардашијан Џенер, веројатно поради нејзиниот пристап кон животот и работата. 30- годишната Кенедел, за разлика од

Видео: Принцезата Леонор од Шпанија го направи првиот независен воен лет

Принцезата Леонор од Шпанија го направи својот прв самостоен лет како дел од воената обука на Општата авијациска и вселенска академија (AGA) во Сан Хавиер, каде што веќе четири месеци е на теоретска и практична обука

Арсенал со минималец се врати на врвот

фото: Arsenal (X) Арсенал оствари нова победа во Премиер Лигата со 0:1 против екипата на Евертон во вечерашниот натпревар кој се одигра на „Гудисон Парк“. Со оваа победа „топџиите“ повторно го завзедоа

УХМР: Следната недела снег во Македонија

Стабилното и тивко време ќе продолжи до вторник, при што маглата ќе се задржува во котлините, проследена со зголемена облачност. Од вторник навечер се очекува промена на временските услови, со повремени локални
Go toTop