Новата членка на Советот на јавни обвинители, која доаѓа од редот на членови што ги избира Собранието, Кети Петкова, предизвика нова поделба – каков експертски кадар (поворно) избира политиката во телото кое разрешува и избира обвинители
Петкова самата била обвинителка до 2009 година. Според неа, таа година не била (ре)избрана за функцијата. Според опозицијата, била разрешена од функцијата. Според јавно достапните документи, обвинителската кариера на Петкова (тогаш Камчева), барем формално, прекинала и поради двете причини
Од една страна се претседателот на Собранието, Талат Џафери, генералната секретарка на Собранието, Цветанка Иванова, и претседателот на Советот на јавни обвинители, Антонио Јолевски. Од друга страна, сама, е Кети Петкова. До скоро адвокатка од Гевгелија, а по вчерашната свечене заклетва овековечена на фотографијата подолу, членка на Советот на јавни обвинители. Тоа е телото кое избира, унапредува, казнува и разрешува обвинители.
Оваа сценографија е горе-долу вообичаена кога се дава свечена заклетва.
Но, вчера заклетва даде човек кој самиот бил обвинител и престанал да биде тоа, не по своја волја.
Опозиција тврди дека таа била разрешена од функцијата поради несовесна работа во службата. Самата Петкова се бранеше дека не била разрешена туку дека, едноставно, не и бил продолжен мандатот.
Назад во 2009 г.
Се вративме 14 години наназад низ архивите на Службен весник и на медиумите. Денот бил 20 јули 2009 година, кога Советот на јавни обвинители ја одржувал 36. седница. Била од огромно значење.
Зошто? Затоа што по стариот закон обвинителите се бирале со мандат од 6 години. Односно, секој избран обвинител поднесувал барање за (ре)избор – продолжување на мандатот, пред да му истечат тие 6 години. Советот на јавни обвинители бил тој што одлучувал – дали ќе му го продолжи мандатот на некој обвинител или не.
Тој 20 јули 2009 година бил последен пат кога се продолжувал мандат на обвинители бидејќи во 2004 година законот бил сменет и обвинителската функција станува постојана. Со други зборови, на тој 20 јули 2009 година за последен пат се правел реизбор на обвинители. Тие што биле (ре)избрани добиваат постојан мандат. Останатите, како и во минатото, морале да бараат нова работа.
За колку колосален избор станува збор кажува фактот што во тој момент во Јавното обвинителство работат околу 200 обвинители, а имало 146 барања за продолжување на мандатот на обвинители избрани по стариот закон. Советот одлучил да го продолжи (и претвори во траен) мандатот на 131 јавен обвинител или на 90 проценти од обвинителите. На останатите…
„Мандатот не им е продолжен на 15, односно на 6,8 проценти од обвинителите кои поднеле барања. Од нив, на пет мандатот им истекува поради исполнување на услови за старосна пензија, на осум поради нестручно и несовесно вршење на функцијата и на двајца јавни обвинители поради недостојно однесување во врска со извршување на функцијата и надвор од неа“,
изјавила тогашната претседателката на Советот на јавни обвинители, Елена Гошева.
Ако некој се прашува дали обвинителката Елена Гошева е истата Елена Гошева која подоцна ќе стане претседателка на Уставниот суд, одговорот е – „да“. И да, тоа е истата Гошева под чие водство Уставниот суд отвори простор за тогашниот претседател Ѓорге Иванов да може да ги помилува сите осомничени од „бомбите“, вклучувајќи ги оние за дела против изборите. Тоа е истата Елена Гошева чија ќерка имаше и партиска кариера во ВМРО-ДПМНЕ и институционална додека на власт беше таа партија, исто како и зетот, Игор Гиевски. Министер за правда, во време на големиот реизбор, е Михајло Маневски од ВМРО-ДПМНЕ, а државен јавен обвинител е Љупчо Шврговски.
Но, да се вратиме на главната тема. Во време кога Гошева го води Советот на јавни обвинители, телото одлучува да не им го продолжи мандатот на вкупно 15 обвинители, од кои на 8 поради нестручно и несовесно вршење на функцијата јавен обвинител и на уште двајца поради недостојно однесување во врска со вршење на функцијата.
Во службениот весник со број 90 од 22 јули 2009 година се објавени поголем дел од имињата на „разрешените“ обвинители. Тоа се:
- Кети Камчева (сега Петкова) – нестручно и несовесно вршење на функцијата јавен обвинител;
- Стерјо Зиков – нестручно и несовесно вршење на функцијата јавен обвинител;
- Владо Лазаровски – нестручно и несовесно вршење на функцијата јавен обвинител;
- Драган Гаџов – нестручно и несовесно вршење на функцијата јавен обвинител;
- Горан Богдановски – нестручно и несовесно вршење на функцијата јавен обвинител;
- Митко Митровски – недостојно однесување во врска со вршење на функцијата и
- Ленче Ставрева – недостојно однесување во врска со вршење на функцијата.
Што се огрешила Петкова (тогаш Камчева)?
Уште кога на 3 јули 2023 година името на Кети Петкова се појави како предлог за член на Советот на јавни обвинители на комисиска расправа, „360 степени“ побара изјава од неа. Таа ни потврди дека била јавен обвинител и дополни дека во 2009 г. не и бил продолжен мандатот.
„Tогаш се даде можност и да не се продолжи мандатот на обвинителите што и се случи. Еден од колегите од нашата група кој исто како и на мене не му го продолжија мандатот тогаш, тужеше во Стразбур и се спогоди со државата. Неговиот епилог беше мотив да аплицирам и за член на Советот на јавни обвинители, инаку досега работев како адвокатка“,
изјави Кети Петкова за „360 степени“.
Во изјавата, таа не ги спомена причините поради кои не и бил продолжен мандатот. А тие, според одлуката објавена во Службен весник 90/2009, се „нестручно и несовесно вршење на функцијата јавен обвинител“. За жал, во одлуката не е напишано во што се состои несовесното вршење на функцијата. Ниту, пак, тоа може да се слушне на седниците на Советот на јавни обвинители, а не пак да се објавува писмено.
Така е и сега. А дека така било и тогаш говори изјава за весникот „Вечер“ на еден од разрешените во пакет со Петкова, тогашниот шеф на скопското обвинителство (сега адвокат) Стерјо Зиков.
„Не би можел да кажам ништо. Знаете дека сум разрешен поради нестручно и несовесно работење. За време на мојот шестгодишен мандат немало никави замерки за мојата работа. Но, ете, Советот донесе одлука. Очигледно дека сакаат да постават свои луѓе во обвинителствата“,
изјавил Стерјо Зиков за „Вечер“.
Иако наликува на семантичка разлика, употребените термини и контекстот говорат дека е точно оти на Кети Петкова не и бил продолжен мандатот, но и дека тоа било направено со формална причина – нестручно и несовесно вршење на функцијата јавен обвинител.
Дали и колку тоа образложение „држи вода“ може да се процени само ако се види/објави извештајот (ако воопшто го има) врз основа на кој Советот на јавни обвинители решил да не и го продолжи мандатот. Само така би можело да се заклучи дали Елена Гошева и тогашниот Совет основано одлучиле да ги санкционираат Петкова и останатите на кои не им го продолжиле мандатот на тој 20 јули 2009 година или сакале „да постават свои луѓе во обвинителствата“, како што вели тогаш Стерјо Зиков.
ИЗВОР: 360stepeni.mk