„Со историја и со корени, ние сме Македонци. Така политиката дојде. Луѓето земаат пасош и бегаат надвор“, ни рече Лазо Стојановски, вработен во Општина Пустец, кога го прашавме – дали има Бугари во ова место во Мала Преспа
Иако името (Пустец) носи своја асоцијација, местото е живописно, со уникатен шмек, традиција и атмосфера. Кој оди првпат, ќе се воодушеви
„Ќе ти зборувам, сине, само прашувај погласно“, ни рече пензионерката Грозда Вангеловска, која ја запознавме во еден од калдрмосаните сокаци во Пустец. Го виде телефонот подготвен за снимање, се поднамести на портата од куќата во која живее и во двеминутен разговор како да го раскажа целиот живот.
„Во Пустец се живее старски живот. Младите си заминаа. Сега сами останавме. Младите се по државите, по Aмериките. Како вашите што побегнаа, сега нашите. Ние сме сами старите. Зборувавме за вас, а сега нам ни дојде до глава. Од една рака млади, да останам сама“,
вели Вангеловска.
Се пожали дека прима 100 илјади лека или околу стотина евра пензија и дека со толку пари ни во Пустец не се живее. Ја прашавме дали државата им помага, дали имаат водовод, канализација и патишта?
„За помагање – што ќе ни помагаат?! Толку имаат можност. Вода има, за тие работи не сме гладни, ама многу ми е ниска пензијата. Не земаат сите исто. Ние помалку“,
ни кажа таа.
Во сокакот поминуваше нејзина сосетка. „Добрина да имате секаде, добро и арно да си имате“, нè поздрави таа. Од соседната порта излезе уште една комшика. Побаравме да застанат заедно за да ги фотографираме. „Извади ја шамијата и поднамести се“, се слушна тивок разговор меѓу нив. Еве ја таа фотографија:
Пустец е село во истоимената општина во областа Мала Преспа во Република Албанија. Распослано е на самиот брег на Преспанското Езеро од каде што се гледа островот Мал Град. Иако името (Пустец) носи своја асоцијација, местото е живописно, со уникатен шмек, традиција и атмосфера. Особено кој оди првпат, ќе се воодушеви.
Низ селото има стари камени куќи, но и нови со убави фасади и уредени дворови. Тоа кажува дека Пустец е печалбарско место. Жителите најчесто се занимаваат со сточарство и полјоделство – и тоа на традиционален начин. Главно превозно и товарно средство останало магарето. Го има насекаде. Можеби ова треба многу повеќе да се искористи за туристички цели.
Лазо Стојановски е жител на Пустец и вработен во локалната самоуправа – одговорен за туризам и култура. Вели дека покрај сточарството и полјоделството, конечно, во општината се искористува и туристичкиот потенцијал. Во краткиот разговор ни рече: Ако може, Македонија нека помогне, но само да не нè заборави.“
„Цел буџет на Општина Пустец е од Република Албанија и со градежни проекти од Европската Унија. Ние не ѝ се лутиме на Македонија. Македонија си има проблеми со Бугарија и други нешта. Ние само не сакаме Македонија да нè заборави. А ако може, нека помогне“,
порача Стојановски.
Минатото лето македонските медиуми беа полни со написи дека Бугарија создава свое малцинство во Албанија. Во репортажата што ја сними „360 степени“ во септември 2022 година жителите сведочеа дека вадат бугарски пасоши за подобра егзистенција, што е пракса и во Македонија. „Од зорт и мака ќе се правиме Бугари, ама ние сме Егејци Македонци“, рече тогаш една наша соговорничка. Најдовме и такви кои се изјаснуваа за етнички Бугари.
И денес низ Пустец ова е тема за дебата, иако сите жители со кои разговаравме прашањето за етничката припадност го сведуваат на баналност велејќи – секако дека сме Македонци.
„Со историја и со корени ние сме Македонци. Нашите дедовци и татковци умреа како Македонци. Ние сме нивни потомци. Не можеме да се сториме, по толку време, Бугари. Така политиката дојде. Луѓето земаат пасош и бегаат надвор“,
вели Стојановски.
Нико Андон, пак, е наставник од Корча, град во кој живеат Македонци, Власи и Албанци. Тој е член на партијата Македонска алијанса за европска интеграција. Често е во Пустец.
„И од порано и во иднина нема место за бугарско население. Македонци! Секаква интерпретација може да има за овој регион, за лични интереси. Ама не. Не е случено и нема да се случи во Мала Преспа, во Албанија, да живее друга националност освен Македонци“,
смета Андон.
Пустец викендов го размрдаа две високи делегации. Во посета беше претседателот Стево Пендаровски со сопругата Елизабета Ѓоргиевска. Ги пречекаа неговиот албански колега Бајрам Бегај со сопругата Арманда Бегај.
Пуфчани, како што самите се нарекуваат жителите на Пустец, ги пречекаа со леб и сол. Пред нив завија македонско оро. Делегациите ја посетија црквата „Свети Архангел Михаил“. Имаа средба и со претставници на локалната самоуправа.
Претседателот Пендаровски првпат доаѓа во Пустец. Донира книги на македонски јазик за училиштето „Митре Колефски и Трајан Ѓоргијовски“ од македонските класици Блаже Конески, Петре М. Андреевски, Живко Чинго и други.
Во училиштето го пречека иднината на Пустец – најмладите жители кои му читаа извадоци од приказни и љубопитно ги разгледуваа книгите што ги добија.
„Условите за живот се одлични, условите за учење на македонски јазик се, исто така, одлични. Во овој објект зад нас имаме и основно и средно училиште. Има и градинка. Поради иселувањето, бројката на ученици не е на она ниво на кое била пред пет или десет години, меѓутоа тие што се тука ги имаат сите услови – ги имаат сите нагледни средства, имаат доволно наставен кадар. Голема благодарност на Албанија како држава за поддршката што ја дава. Денеска сум тука да дадам и јас прилог во таа насока. Носам одредена количина книги на македонски јазик. Нашите класици Блаже Конески, Петре М. Андреевски, Живко Чинго и други. На тој начин сакаме да помогнеме македонските деца да го знаат, да го учат, да го зборуваат македонскиот јазик и така да бидат постојано во контакт со својата татковина и матица“,
рече Пендаровски.
Албанскиот претседател рече дека намерно избрале да ја посетат оваа општина.
„Сакаме да покажеме дека нашите односи, на двете наши земји, се односи на две партнерски земји во НАТО, земји што имаат заедничко залагање за членство во Европската Унија. Се разбира дека Албанците во Северна Македонија и македонското малцинство во Пустец се многу важни во нашите односи. Албанците во Северна Македонија се добро интегрирани во општеството, имаат придонес во создавањето на државата и се активни и во политичкиот и во економскиот живот. Предизвиците за двете земји се големи. Заедно треба да се соочуваме со нив. Еден од тие предизвици е да имаме благосостојба за нашите заедници“,
рече албанскиот претседател Бегај.
На заминување од Пустец се возевме по истиот асфалтиран пат по кој дојдовме што е во одлична состојба.
Остана чувството дека за еден ден само ја гребнавме површината и дека има уште многу што да се дознае и истражува за Пустец – место што и не е толку пусто.
ИЗВОР: 360stepeni.mk