Министерката Шукова ќе се појави на протестот против рудникот во Иловица

July 14, 2023
3 mins read

Се консултиравме начелно и со професори, тешка загадувачка индустрија e и мислам дека треба сите, вклучително и Владата, да бидеме многу внимателни со овој процес, вели министерката Шукова

Протестот е закажан за утре во 11 часот, во Струмица. Организаторите порачуваат – кој нема да се појави, не треба да се мачи да се појавува на какви било идни политички собири во југоисточна Македонија

Каја Шукова – министерка за животна средина и просторно планирање

Министерката за животна средина, Каја Шукова, најави присуство на протестот против рудникот во Иловица, кој за утре е закажан во Струмица.

Собирот е во организација на Иницијативата „Здрава котлина“, по веста дека владата ги споила концесиите и дека на повидок е отворање на рудникот за експлоатација на минерална суровина, руди на бакар и злато на локалитет во Иловица.

„Точно е дека Владата донесе одлука за спојување на концесиите. Тие две концесии веќе беа издадени, со ова  немаше спојување на концесискиот отпад. Јас ја разбирам загриженоста на граѓаните. Ако можам денеска да го изразам мојот личен став, јас сум истотака против нови рудници во државата. Сметам дека особено тој земјоделски крај, кадешто треба да се развива земјоделието и каде државата ги поддржува земјоделците, мислам дека тоа треба да ни биде приоритет, тоа е мој личен став. Јас ќе се придружам утре, ќе бидам во Струмица. Сакам да ги слушнам граѓаните и сакаме да бидеме дел од овој процес. Владата, во координација со премиерот и со другите министри повторно ќе ја разгледа одлуката за спојување на двете концесии, иако, повторно ќе кажам, тоа во принцип не значи зголемување на концесискиот обем, тоа само значи административно спојување на две концесии“,

изјави Шукова по денешната конференција за промоција на новиот Национален катастар за подземни води.

Министерката неколкупати повтори дека во мала држава земјоделието треба да е приоритет. Посочи дека во Министерството за животна средина не е пристигнато барање за отпочнување на постапка за оценка на влијание врз животна средина.

„Ако дојдеме до таа фаза, многу сериозно ќе пристапиме на разгледување на студијата, во зависност од тоа каков процес ќе биде понуден за евентуалана експлоатација на руда во тој регион. Она што веќе го направивме, во меѓувреме, се консултиравме со професори кои работат на оваа проблематика за начелно да имаме сознанија, тешка загадувачка индустрија e и мислам дека треба сите, вклучително и Владата, да бидеме многу внимателни со овој процес“,

рече Шукова.

Протестот е закажан за во 11 часот, а збирно место е раскрсницата кај ГТЦ Глобал – Струмица. Организаторите велат, кој нема да се појави на протестот, не треба да се мачи да се појавува на какви било идни политички собири во југоисточна Македонија.

„Ова што се случуваше изминатите 7 години и она што ќе се случува во следните месеци е само рефлексија и одговор на севкупната состојба во државата која целосно се распаѓа во морето на криминал и корупција и за која одговорност пред се имаат политичките елити на секое ниво! Принудени сме да се браниме со сите расположливи средства и методи затоа што во Македонија веќе подолго време НЕ ПОСТОИ правен систем и правен поредок кој треба и мора да ги заштити граѓаните токму од вакви тешки злоупотреби на манипулативни и бескрупулозни функционери кои се целосно распуштени и без контрола, опиени од моќта поради контролата која ја имаат врз механизмите на власта. Рудникот на смртта Иловица-Штука е зло кое мора да биде запрено и тука сите сме на јасно освен оние што имаат намера да профитираат врз маката на сите жители во југоисточна Македонија“,

велат од „Здрава Котлина“ и повикаа демонстрантите да носат реквизити со кои ќе се прави звук и бучава.

фото: Здрава Котлина

Протестот добива поддршка и од јавни личности.

Минатата недела и Министерството за економија соопшти дека спојувањето на концесиите е засебна административна процедура, и дека без исполнување на највисоките светски стандарди и без претходно одобрение од страна на локалното население, дозвола за отворање рудник во Иловица нема да има.

Одлуката за спојување на двете концесии за рудникот кај струмичкото село Иловица на маса повторно го врати спорното прашање за кое екологистите и локалното население во струмичкото село водеа неколкугодишни битки со државата.

Прашањето за отворање рудник во оваа област се отвори пред неколку години, кога тогашната влада донесе одлука за експлоатација на минерали во овој регион, но со текот на годините локалното население, но и екологисти од земјава во неколку наврати излегоа на протести против отворање на ваков рудник велејќи дека на овој начин ќе се уништи еколошката рамнотежа во регионот.

Инаку, според проценките на експерти, во Иловица се наоѓаат 69,5 тони злато и 411 илјади тони бакар.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

VERO JUMBO MACEDONIA

EVN MACEDONIA

MARKETING

Претходно

Гратис викенд фантазирање

Следно

Стартува меморијалниот турнир „Љубомир Рајчевски – Рајче“: Глуво(вуд) подготвен за 45-дневниот фудбалско-естраден спектакл

Latest from Blog

Ангелов: Ноќеска повторно гореше и во „Дрисла“, состојбата сега е стабилна

Директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов изјави дека околу 2:30 часот по полноќ добиле дојава дека повторно има горење на депонијата „Дрисла“ и веднаш се упатил таму. -Се гледаа одредени пламени јазици, но

Тудор после Интер: Беше лудо, не знам дали ја заслуживме победата!

Во италијанското дерби полно со пресврти, Јувентус го победи Интер со 4:3 пред своите навивачи. Победничкиот гол беше постигнат во судиското продолжение. Тренерот на Стара дама, Игор Тудор, призна по натпреварот дека

Трипуновски: Секој кој има штета ќе биде обештетен

Министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски присуствуваше на прес-конференција на Управувачкиот комитет за справување со кризи кој во проширен состав заседаваше во МВР. Во регионот каде што е пожарот во

Џон Малкович за аферата со убавата Мишел Фајфер: Кога ќе ја преминете границата, нема враќање

 Двајцата биле во брак во тоа време, а нивната романса од снимањето се прелеала и во реалниот живот. Во историската романса од 1988 година, режирана од Стивен Фрирс, Малкович и Фајфер ги
Go toTop