Постапуваме, ќе се исчисти градот, уверува градската власт во Скопје
Директорката на јавното претпријатие „Комунална хигиена“, Косана Мазнева, на прес-конференција објави дека по тридневна блокада претпријатието е вратено во нормала и дека екипите од полноќ наваму непрекинато се обидуваат да го исчистат сметот од главниот град.
„Екипите после полноќ се пуштени на терен, екипирани се сите работници и ве уверувам дека нема да постои ниту една општина каде што нема да се исчисти сметот. Почнато е со градските главни улици, ќе работиме 24 часа, онолку колку што е потребно, без никаков застој, само да може да ги сервисираме граѓаните на Град Скопје. Заврши веќе работата со мафијашките структури, претпријатието е комплетно ставено во функција“,
кажа Мазнева на прес-конференција.
Таа вели дека претпријатието било под заложништво на, како што рече, „мафијашки структури“, но поради заштита на лични податоци не сакаше да ги објави нивните имиња, туку ги повика надлежните институции побрзо да постапуваат.
„Сите институции што треба да се информирани, се информирани“,
кажа директорката.
Според Мазнева, блокадата на „Комунална хигиена“ ја направила помала група на вработени, потпомогната од група луѓе кои воопшто не биле вработени таму. Тие, како што тврди директорката, противзаконски со години ја држеле третата смена во претпријатието, а дел од нив не се ни појавувале на работните места.
„Поголем дел од нив воопшто не се појавуваат на работното место, го блокираат редовното работење на претпријатието и извршувањето на работните задачи и исто така не дозволуваа овие неколку дена да се исчисти сметот во Скопје. Иако навремено ги известивме надлежните институции за блокадата, им беше дозволено и понатака да продолжат со самоволието и незаконската блокада на работата на нашето јавно претпријатие. Само откако притисокот од јавноста стана целосно неподнослив, надлежните органи си ја завршија својата работа за која и тие исто така земаат плата и ја отстранија блокадата на претпријатието. Имаше лица кои воопшто не беа вработени во претпријатието“,
рече таа.
Директорката на „Комунална хигиена“ вели дека исплатила К-15, по првпат од 2007 година, како и дека на вработените им се поделени лични и заштитни средства и опрема.
За сите дополнителни информации околу финансиската кондиција на претпријатието рече дека може да свика и дополнителна прес-конференција.
Мазнева денеска доби поддршка од градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, која посочи дека треба да се охрабри директорката која става ред во претпријатието по толку многу години.
„Таму има луѓе што земале плати со години, а не оделе на работа и затоа оваа жена треба да ја поздравите сите и да кажете браво за тоа на каков начин се справи со ситуацијата. Нема мафијаши повеќе да уценуваат и тоа што се собрале 50 луѓе, од кои 30 не се вработени, треба многу да ви каже. Во МВР има соодветна идентификација на овие луѓе, има пријави, случајот ќе се разреши за многу скоро време, а претпријатието е ставено во функција. Ако некој се обидува политички да се пресметува треба прво добро да размисли и да се засрамат сите што молчеле 30 години, а не да ја напаѓаат оваа жена. Еден маж досега не се нашол да застане“,
кажа Арсовска и посочи дека фатиле луѓе кои живеат и работат во Германија, а земаат плата од претпријатието.
Скопје од 7 јули до денеска е во комунален колапс поради блокада на претпријатието на дел од вработените. Тие побараа оставка од директорката поради отпуштања на дел од нивните колеги. Дополнително, беше соопштено дека се бара зголемување на платите, исплата на К-15 и бенефициран работен стаж.
Синоќа, со полициска асистенција, Мазнева успеа да извлече неколку камиони кои почнаа да го чистат главниот град.
Скопјани денеска се револтирани оти градот се најде во комунален колапс.
ИЗВОР: 360stepeni.mk