БиХ: Посмртните останки на 30 жртви од Сребреница со солзи и молитви испратени од Високо

July 9, 2023
2 mins read

ВИСОКО (АА) – Посмртните останки на жртвите од геноцидот во Сребреница, положени во 30 ковчези, утрово беа испратени со солзи и молитви од Високо на пат до нивното последно почивалиште, Меморијалниот центар во Поточари, каде што на 11 јули ќе се одржи колективен погреб, јавува Анадолу.

Пред тргнувањето од Високо, семејствата на жртвите и граѓаните, со рецитирање на делови од Куранот, молитва и положување цвеќиња на камионот со ковчези, покриен со знамето на Босна и Херцеговина, им оддадоа почит и ги испратија посмртните останки на жртвите на геноцидот од 1995 година, геноцидот во кој единиците под команда на хашкиот осуденик Ратко Младиќ во масовни убиства, на повеќе локации на подрачјето на Сребреница, убија повеќе од осум илјади Бошњаци.

Ковчезите со жртвите од геноцидот би требало да пристигнат во Поточари денес во попладневните часови, а во вторник на 11 јули ќе бидат извршени колективна погребна молитва и погреб.

– Тага, но и радост поради пронаоѓањето на најмилите –

На испраќањето утрово во Високо беше и Садик Селимовиќ, кој годинава во Поточари ќе го погребе својот трет брат Сабахудин. На прашањето како се чувствува денес, Селимовиќ рече дека неговите чувства се измешани.

„Чувствата се измешани. За момент наиде чувство на задоволство, свесен дека го најдов комплетен и дека конечно ќе најде мир. Потоа доаѓа чувство на тага знаејќи дека ова е последен пат. Се надевам дека по погребот ќе почувствувам некакво олеснување и ќе се затвори некој круг во животот затоа што брат ми ќе има надгробен натпис“, рече Селимовиќ.

„Кој го негира геноцидот е без памет“, рече жителот на Високо, Ибрахим Јашаревиќ, кој секоја година е на испраќањето на сребреничките жртви во Високо.

Портпаролката на Институтот за исчезнати лица на Босна и Херцеговина, Емза Фазлиќ, изјави дека посмртните останки на повеќето жртви што годинава ќе најдат мир во Поточари биле ексхумирани години наназад.

„Некои од жртвите и во далечната 1998 година. Семејствата едноставно до оваа година немаа сила да ги закопаат бидејќи има само мал дел од скелетите што досега се пронајдени. Само во два случаја имаме посмртни останки на жртвите што се ексхумирани минатата 2022 година. Од 30-те жртви оваа година имаме само два комплетни скелета“, рече Фазлиќ.

Додаде и дека реексхумацијата ќе започне на 12 јули, а годинава во Поточари ќе бидат отворени 71 гроб.

Амор Машовиќ, кој долги години работеше како претседател на Колегиумот директори на Институтот за исчезнати лица на Босна и Херцеговина и стана симбол на потрагата по исчезнатите за време на војната во Босна и Херцеговина, рече дека самиот факт дека денес, 28 години по геноцидот, „сѐ уште сме на ова место сведочи каква е монструозноста на овие злосторства“.

„Факт е дека вистината се крие 28 години и дека масовните гробници се кријат. Навистина нема гаранција дека она што се случувало во месеците по јули 1995 година не се случува и ден-денес, да се преместуваат примарните гробници. Можеби не оние што содржат стотици тела бидејќи денес би било логистички тешко да се скрие од очите на јавноста“, рече Машовиќ.

Меѓу 30-те лица што годинава ќе бидат погребани на колективниот погреб на 11 јули, има четири малолетници. Најмладата жртва што ќе биде погребана годинава е Елвир Салчиновиќ, момче што имало 15 години кога е убиено. Убиен е на подрачјето на Баљковица, а неговите останки се ексхумирани од масовната гробница Липље кај Зворник во 2001 година. Идентификуван е во 2011 година. Последниот мир ќе го најде покрај таткото Турабија и братот Алмир, кои беа погребани во Поточари во 2003, односно 2011 година.

Најстарата жртва што ќе биде погребана е Незир Муминовиќ, кој имал 65 години во моментот кога е убиен. Неговите посмртни останки се ексхумирани во 2007 година на подрачјето на Каменица.

На гробиштата во Меморијалниот центар во Сребреница – Поточари, досега се погребани 6.721 жртва на геноцидот извршен од тогашната војска на Република Српска под команда на осудениот воен злосторник Ратко Младиќ врз Бошњаците во 1995 година во Сребреница. Сѐ уште се трага по околу 1.000 жртви на геноцидот.



На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS)..

Извор: www.aa.com.tr

VERO marketi

EVN MACEDONIA

MATINA DENTAL CLINIC

AUTO SHKOLLA BEKO

Претходно

(ВИДЕО) Зеленски се врати од Турција со заробените команданти од „Азовстал“, тие ветуваат враќање на бојното поле

Следно

Ја нарече ЕУ „хартиен тигар“- многу реакции против министерката за надворешни работи на Косово

Latest from Blog

Реал Мадрид го потврди трансферот на Диоманде

Повеќе нема дилеми дека досегашниот член на Ред Бул, Јан Диоманде се сели во Мадрид, и потпишува за тимот на Реал. Оваа информација ја потврдија и „Кралевите“ со официјално соопштение по повод

МВР и Бирото за јавни набавки потпишаа меморандум за поефикасна размена на податоци и заедничка борба против корупцијата

Меморандумот го потпишаа директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, и директорката на Бирото за јавни набавки, д-р Маре Богева Мицовска. Со потпишувањето на меморандумот се воспоставува рамка за унапредување на

Димитриеска-Кочоска: Новата финансиска конструкција ќе ја забрза изградбата на пругата кон Бугарија

Владата останува цврсто посветена на реализацијата на стратешките инфраструктурни проекти, а во изминатите две години интензивно работи на забрзување на проектите кои биле наследени со застој, како и на започнување нови капитални

Македонската берза со позитивен финиш, промет над 6,3 милиони денари

Изготвен од Илирика Инвестментс АД Скопје врз основа на официјални податоци од Македонска берза. Тргувањето на Македонската берза на 06.08.2026 заврши со благ пораст на индексот МБИ10, кој изнесуваше 9.236,00 поени. Во

Битола добива нов паркинг простор – обезбедени 25 нови паркинг места

Изградбата на нов паркинг простор и реконструкцијата на улицата „Браќа Џаферови“ во Битола влегуваат во завршна фаза. Денеска се асфалтираше површина од 1.100 квадратни метри, со што проектот е чекор поблиску до
Go toTop