Прашањето што денеска се наметна во политичкиот дискурс е во зборот „гарантирам“ (кој беше употребен во симултаниот превод на прес-конференцијата), односно дали Шолц рекол така или е непрецизност во преводот. Според ВМРО-ДПМНЕ, станува збор за погрешен превод – германскиот канцелар не рекол така
Германист, кој го консултира „360 степени“, вели дека фразата „dafur stehe ich“, која ја користи Шолц, би ја превел со „јас стојам зад тоа“, но додава дека еден од алтернативните преводи на фразата е „гарантирам“. Преведувачката што симултано го толкуваше германскиот канцелар на синоќешната прес-конференција ги кажува двете варијанти на преводот. Прво вели „зад тоа стојам јас“ и потоа се дополнува (дообјаснува) со – „гарантирам“
Премиерот Димитар Ковачевски ја привршува посетата на Сојузна Република Германија, која се оценува како успешна, според наративот што во јавноста го промовира владејачкиот СДСМ, чиј шеф е премиерот, како и самиот тој во своите изјави.
Централен момент од дводневната официјална посета на Ковачевски на Берлин беше заедничката прес-конференција со неговиот домаќин и колега, канцеларот на Германија, Олаф Шолц, која се одржа вчера доцна попладне.
Прес-конференцијата помина во знак на пораки за поддршка од Германија за евроинтегративниот пат на С Македонија и благодарност од македонската страна за ангажманот на Берлин во овој процес.
Сепак, еден детаљ од изјавата Шолц го предизвика вниманието на јавноста, како и на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Иако мал, овој детаљ му даде правец на целиот наратив со кој настапува СДСМ, а од друга страна, се најде во фокусот на реакциите што доаѓаат од нејзиниот главен политички опонент.
Станува збор за одговор на Шолц на новинарско прашање поврзано со билатералните односи меѓу С Македонија и Бугарија и евентуално поставување нови услови, покрај внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав. Во тој контекст, германскиот канцелар Олаф Шолц беше прашан дали за него е прифатливо да се поставуваат нови услови со оглед дека за Македонија сè беше дефинирано минатата година во преговарачката рамка, особено околу стартот на преговорите.
Според симултаниот превод на македонски јазик за време на прес-конференцијата, Шолц на ова одговори:
„Ќе бидам јасен, тоа е јасно договорено и треба така да биде, да биде редовен пристапен процес, според постапките кои се управуваат од ЕУ, тоа се работи кои се веќе напишани на хартија и не треба да дојдат други што се однесува до билатералната состојба. Зад тоа стојам јас, гарантирам“.
Прашањето кое денеска се наметна во политичкиот дискурс е токму во зборот „гарантирам“, односно дали Шолц рекол така или е непрецизност во преводот.
Пратеникот во Собранието и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, смета дека станува збор за грешка во преводот.
„Ве повикуваме уште еднаш да го погледнете преводот на изјавата на Шолц. Цениме дека е направена грешка во преводот, намерна или ненамерна од службите. Изјавата на канцеларот Шолц е дека не треба да има нови условувања, што е, секако, и наш партиски став, меѓутоа тоа не се гаранции дека нема да има нови условувања“,
рече денеска Ковачки.
Инаку, фразата што ја користи Шолц на германски гласи: „dafur stehe ich“.
Редакцијата на „360 степени“, во обид да дојде до одговор што точно кажа канцеларот Шолц, консултира германист, според кого, преводот на неговата изјава на македонски јазик е:
„Тоа треба така да биде, да биде сосема регуларен пристапен процес, со сите постапки што Европската Унија ги управува и, се разбира, сите нешта за кои станува збор се запишани тука. Нема нови барања што се однесува до билатералната ситуација. И јас стојам зад тоа“.
Сепак, германистот што го консултиравме вели дека еден од алтернативните преводи на фразата на Шолц би можел да биде и „гарантирам“.
Дека фразата може да биде преведена и со гарантирам покажува и следниот пример. Имено, реченицата: „Dafur stehe ich mit meinem Namen“ во превод на англиски е „I guarantee that with my name“. Што преведено на македонски гласи: „Гарантирам за тоа со моето име“.
Преведувачката што симултано го толкуваше германскиот канцелар на синоќешната прес-конференција ги кажува двете варијанти на преводот. Прво вели: „Зад тоа стојам јас“ и потоа се дополнува (дообјаснува) со „гарантирам“.
Во денешните настапи на СДСМ доминираат пораките за добиени цврсти гаранции од канцеларот Шолц – дека нема да има нови услови на евроинтеграцискиот пат на земјава.
„Посетата на претседателот на СДСМ и премиер Димитар Ковачевски на Германија донесе дополнителни придобивки за државата и нашата европска иднина. Директно од канцеларот Олаф Шолц добивме јасни и цврсти гаранции дека нови услови, нови пречки на европскиот пат нема да има. Дополнително, тој јасно ја нагласи големата почит за македонскиот идентитет, јазик и историја и за огромните напори што Северна Македонија ги вложува во реформи на патот кон ЕУ. Сето ова доаѓа по усвојувањето на резолуцијата во германскиот Бундестаг со која се потврдува и дополнително афирмира македонскиот како рамноправен со сите останати јазици на Европската Унија“,
велат од Бихаќска.
Варијантата со глаголот „гарантирам“ во својот наратив ја присвоија и претставниците на македонските медиуми, кои во Берлин ја следеа официјалната посета на Ковачевски и прес-конференцијата со канцеларот Шолц. Па така, македонскиот премиер денеска на прес-конференција директно беше прашан како Шолц кажал дека гарантира дека нема да има нови условувања, кога одлуките во Европската Унија се носат со консензус, односно потребна е согласност од секоја од 27-те земји членки.
Ковачевски не беше конкретен во одговорот, но од она што може да се извлече од него е дека германскиот канцелар ги повторил гаранциите кои веќе стојат во преговарачката рамка.
„Јас знам како се носат одлуките во Европската Унија, јас бев дел од Самитот на ЕУ кога се преговараше Преговарачката рамка. На Самит на ЕУ се постигнува консензус помеѓу сите 27 земји членки и Преговарачката рамка е консензус помеѓу сите 27 земји членки. Јас многу јасно истакна на прес-конференцијата и се заблагодарив на поддршката и на активното учество на германскиот канцелар при финанлизирањето на Преговарачката рамка. Таа Преговарачка рамка има многу јасни одредби во неа. Тоа е дека на 19 јули ќе биде одржана правата меѓувладина конференција, којашто се одржа, дека ќе биде потпишан Договорот со Фронтекс, којшто се потпиша и каде за првпат го имаме македонскиот јазик – чист, без никакви додавки, фусноти, заедно со сите други јазици на Европската Унија, одобрен од сите 27 земји членки на ЕУ, вклучително и Бугарија и Грција што никој не можеше да верува претходно, дека втората меѓувладина конференција ќе биде одржана без никаква дополнителна одлука по спроведувањето на уставните измени и завршувањето на скрининг процесот и практично германскиот канцелар ги повтори тие гаранции кои веќе стојат во Преговарачката рамка. Други услови не може да има во Преговарачката рамка и затоа она што ЕУ требаше да го направи досега – го направи, она што ние треба да го направиме, верувам дека ќе го направиме и потоа продолжува процесот на отворање на поглавјата и на сите реформи што следуваат“,
рече Ковачевски денеска.
Инаку, од опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска и од друг аспект ја коментираа изјавата на Шолц. Пратеникот и член на ИК на партијата, Антонијо Милошоски, во објава на Фејсбук, која потоа беше и преточена во официјално соопштение, наведе дека како држава подобро е да бидеме претпазливи кон ветувањата што ни ги дава Европската Унија отколку повторно да останеме разочарани.
„За да се процени кредибилноста на изјавата на германскиот канцелар Шолц, дека ‘нема да има нови услови од Бугарија’, освен нивното наметнато барање за измена на Уставот, корисно е да се потсетиме на изјавите на претходната канцеларка Меркел од 2018 и 2020 година, кога исто така од владата во Берлин беа дадени сериозни ветувања за интеграцијата во ЕУ, од кои до денес ниту едно не е исполнето, и покрај болните и изнудени измени на Уставот на Република Македонија“,
наведе Милошоски.
ИЗВОР: 360stepeni.mk