Внукот на Ахмети со нула денари добива 39% од „Соравиа“ која должи 20 милиони евра

June 26, 2023
5 mins read

Внукот на Ахмети ќе поседува 39 отсто од фирмата „Соравиа инвест“, а 49 отсто од „Соравиа менаџмент“. Меѓутоа, колку пари дал, не е познато бидејќи сумата за продажбата е деловна тајна. Али Ахмети, вели младиот бизнисмен, ми е чичко и тој е моја мотивација, но нема врска со мојот бизнис

Досегашниот единствен сопственик на трговскиот и бизнис-центар, Австриецот Хано Соравиа, пак, вели дека верувал во претприемачкиот дух, образованието и вештините на внукот на Ахмети, а не во политичките врски

Зградата на бизнис-центарот „Соравиа“ е една од првите, па ако не и првата изградена во центарот на Скопје налик архитектурата типична за крајот на 20. и почетокот на 21. век за деловните центри на градовите во Западна Европа.

Воочлива за минувачите, од изминатата недела зградата стана неизбежна и за медиумите и за коментари од граѓаните. Причината е што досегашните австриски газди решија да продадат најголем дел од уделот и „Соравиа“ од наесен и официјално треба да добие нови газди.

Станува збор за продажба на две фирми – „Соравиа инвест“ и „Соравиа менаџмент“, од кои Австријците продаваат 90 односно 100 отсто. Новите газди, пак, ќе бидат реномираната компанија со седиште во Албанија „Пе-вла-ку“ и домашната „Тхор индустрис“ ДООЕЛ.

Оваа бизнис-зделка можеби и немаше да падне во очите на јавноста ако во неа не е вмешан младиот Дрин Ахмеди, сопственик на домашната „Тхор“ но и внук од брат на лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

Албанската фирма ќе поседува 51 отсто, внукот на Ахмети со удели од 39 и 49 отсто

Зошто газдата Хано Соравиа решил да го продаде трговскиот и бизнис-центар, за колку пари ќе го направи тоа, како внукот на Ахмети се нашол во зделката и со колку/чии пари учествува во неа, се дел од прашањата кои се наметнаа во јавноста откако информацијата за продажбата стана вест во медиумите по известувањето за зделката, што го објави Комисијата за заштита од конкуренцијата.

Хано Соравиа преку видеоврска, а Дрин Ахмеди и албанскиот бизнисмен од фирмата „Пе-вла-ку“, Владимир Пјетерѓокај, денеска излегоа на прес-конференција пред медиумите во Скопје, за, како што рекоа, да одговорат и да ги разјаснат сите работи.

А, првото нешто за што бараа разјаснување новинарите беше – за колку се продаде „Соравиа“?

„Тоа е деловна тајна“,

им рече Хано Соравиа на новинарите, но, според него, станува збор за фер цена.

Низ текот на прес-конференцијата, сепак, беше објаснето дека дел од договорот е двајцата нови газди да го преземат долгот од над 20 милиони евра што на „Соравиа“ ѝ се наталожил низ годините наназад, а бил и една од причините зошто австрискиот газда решил да ја продаде.

Тој ќе задржи 10 отсто од уделот, и тоа само во фирмата „Соравиа инвест“, додека останатите 90 отсто ќе ги поделат „Пе-вла-ку“, која ќе биде мнозински сопственик со 51 отсто, и „Тхор индустрис“ на Дрин Ахмеди, со удел од 39 отсто.

Во „Соравиа менаџмент“ албанската фирма исто така ќе поседува 51 отсто, додека компанијата на Ахмеди ќе поседува 49 отсто.

„Дојдовме до информација дека имаат голем долг што не може да го вратат“,

зборуваше Ахмеди за тоа како дошле до идејата да го купат трговскиот и бизнис-центар.

Решиле да ја искористат шансата и во октомври 2022 година, како што раскажа тој, биле на состанок со Хано Соравиа во Виена, каде што го презентирале својот план. Рече дека од самиот старт имало „хемија“ меѓу нив, разговарале секојдневно и на крајот од мај годинава постигнале договор.

Додека информацијата за колку се продава „Соравиа“ останува тајна, она што го открија идните сопственици е дека зеле шест милиони евра од кредитна линија преку банката „Креденс“ во Тирана, каде што токму газдата на „Пе-вла-ку“, Владимир Пјетерѓокај, е мнозински акционер.

Како гаранција во земањето на кредитот, уверуваше Ахмеди, тој и неговата фирма не дале ниту денар. За нив гарантирал Пјетерѓокај, кој исто така ги уверуваше новинарите дека верува во овој проект.

Која е „Тхор индустрис“

Според финансиските податоци што ги обезбеди „360 степени“, фирмата „Тхор индустриес“ на Ахмеди има, благо речено, скромни финансиски резултати.

Лани, во 2022 година, компанијата имала вкупни приходи од околу 370 000 евра и нето-профит од околу 60 000 евра. Но, претходната 2021 година, „Тхор“ има 0 приходи, а околу 70 000 евра расходи. Во годината на основањето, пак, нема ниту приходи ниту расходи. Овие бројки, секако, не се незначителни, но се минорни кога ќе се спомене преземање на компанија со, како што велат инвеститорите, 20 милиони евра долгови.

Самиот Ахмеди, пак, се јавува како сопственик и во други фирми:

  • „Еверест ЏД“;
  • „Потам-плант“ (преку Еверст ЏД);
  • „Хелиос плант“.

„Еверест ЏД“ е фирма од Кичево формирана во 2005 година. Во моментов е во целосна сопственост на Дрин Ахмеди. Според јавно достапните регистри, оваа фирма добила концесија за експлоатација на варовник во 2006 година, кога била раководена од друго лице. Ахмеди денеска објаснуваше дека фирмата не работела добро кога дошла во негови раце.

Компанијата „Еверест ЏД“, пак, е единствен сопственик на „Потам-плант“, компанија формирана во 2019 година со дејност – производство на електрична енергија.

„Хелиос плант“ е исто така компанија за производство на електрична енергија и постои од 2018 година. Таму е еден од вкупно тројца сопственици. Покрај него, капиталот го дели со Бесиан Ахмети и со Шкумбин Ахмети (син на Али Ахмети).

„Со Хано Соравиа имаме многу поголем проект во Валона“

Меѓутоа, ова не е прва соработка со Соравиа. Албанскиот бизнисмен посочи дека со Австриецот соработуваат на многу поголем проект на албанското крајбрежје кај Валона, што била и една од причините да се реши преку неговиот трговски и бизнис-центар да влезе на македонскиот пазар. Првично, рече, планирал друг проект за во земјава, но излегла шансата со „Соравиа“.

За да ја покаже сериозноста на неговата компанија, тој им подели материјали на новинарите за неговите бизниси и инвестиции во регионот – најмногу во Албанија и Косово, но присутен е и во Хрватска.

Нема да му биде ниту прва соработка со внукот на Ахмеди бидејќи, како што рече, се познаваат повеќе од четири години и соработувале во Италија.

Пјетерѓокај и Македонија

Купувањето на „Соравиа“ на Пјетерѓокај нема да му биде прв обид преку своите фирми да работи во Македонија. Одговарајќи на прашањата од новинарите, тој сподели дека досега неколкупати се обидел да добие некој државен тендер, но безуспешно.

Тврди дека во минатото поднел најниска понуда од 11 милиони за изградба на канализација во Кичево, но не го добил тендерот и зделката ѝ била доделена на фирма од Азербејџан. Конкурирал и на тендер во Гевгелија, но завршил на ист начин.

„И за патот Скопје–Блаце дадов најниска цена и изгубив“,

рече бизнисменот од Албанија.

На прашање, пак, дали можеби ќе биде дел од фирмите што ќе бидат ангажирани за изградбата на коридорите 8 и 10-д кои треба да ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“, Пјетерѓокај рече дека размислува, но сè уште не одлучил.

Ако „Соравиа“ не стане профитабилна, ќе оди повторно на продажба

Во меѓувреме, дали албанскиот бизнисмен ќе остане дел од „Соравиа“, ќе покажат резултатите од работата на младиот Дрин Ахмеди, кој според најавите ќе го води овој бизнис. Новите партнери не открија многу од идните планови освен дека ќе се обидат да го направат енергетски ефикасен објектот со стандарди како во ЕУ и најважно, од фирма загубар да ја претворат компанијата во профитабилна.

Ако не се направи ваков пресврт, вели Пјетерѓокај, за две до три години, тогаш ќе ја продадат.

„Чичко ми е, но Али Ахмети нема никаква врска со мојот бизнис“ – „Секој овде е нечиј внук“

И албанскиот бизнисмен и Австриецот Хано Соравиа уверуваа дека семејното стебло на нивниот млад бизнис-партнер не влијаела во нивните деловни одлуки.

„Секој овде е внук на некого и би бил пресреќен ако и моите потомци еден ден бидат во ваква положба“,

рече Пјетерѓокај.

Хано Соравиа, пак, уверуваше дека бил „купен“ од претприемачкиот дух на Дрин Ахмеди.

„Верувам во неговото образование, преговарачките вештини. Веруваме во личности, не во политички врски“,

рече тој.

Дрин Ахмеди, пак, за својот чичко имаше само пофали зборови, но и отфрли поврзаност на лидерот на ДУИ со неговиот бизнис.

Али Ахмети, рече, му е мотивација и тој ѝ помогнал на оваа држава бидејќи Македонија, вели младиот бизнисмен, денес ќе ја немаше.

„Ќе ја немавме Македонија ако го следевме Љубчо Георгиевски кој ќе ја поделеше државата, а Али Ахмети не го потпиша тоа. Горд сум што ми е вујко, но тој нема никаква врска со мојот бизнис. Нула поврзаност“,

рече Дрин Ахмеди.

Тоа што медиумите пишуваат за неговата семејна врска, се пожали, им прави штета на неговата бизнис-мрежа и на соработниците.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

MARKETING

MARKETING

MARKETING

Претходно

Дискусија на тема „Од превод до книга – лавиринт со повеќе излези“

Следно

Путин обвини дека Западот и Киев сакале Русите да се убиваат едни со други

Latest from Blog

ВМРО-ДПМНЕ: Децата на Заев во партиското раководство на неговата марионета, Филипче не можат да бидат решение, тие се виновниците за лошите состојби во државата

Нема нови лица во СДС. Целото партиско раководство, под водство на марионетата на Заев, Венко Филипче се стари и излитени кадри, се вели во партиското соопштение на владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Сите до еден

Максути: Имаме повеќе кривични дела за луѓето кои избегнуваат да служат воен рок, отколку за криминалци кои се бават со сите други кривични дела

Професорот Беким Максути вечерва во дебатниот магазин „Click Plus“ говореше за растечката тенденција на враќање на воениот рок во регионот. Тој истакна дека треба да се најде баланс кој ќе ги задоволува

СДСМ: Најостро ги осудуваме инцидентите и сквернавењето на македонското знаме

СДСМ најостро ги осудува инцидентите и сквернавењето на македонското знаме, нарушувањето на јавниот ред и мир, како и употребата на огнено оружје што се случија за време на одбележувањето на Денот на

ВМРО-ДПМНЕ остро реагира и го осудува сквернавењето на македонското знаме кое се случи во текот на вчерашниот ден

ВМРО-ДПМНЕ остро реагира и го осудува сквернавењето на македонското знаме кое се случи во текот на вчерашниот ден. Истовремено реагираме на навредливите скандирања и дивеења на неодговорни групи зад кои веруваме дека

Претседателката Сиљановска Давкова на средба со премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска, на вториот ден од официјална посета на Црна Гора, ќе има средба со црногорскиот премиер Милојко Спајиќ. Во рамки на официјалната посета, Сиљановска Давкова ќе одржи предавање
Go toTop