Иако веќе извесно време не сум директно вклучена во медиумите, после речиси 25-годишниот стаж и неколкугодишната пауза од медиумско опсервирање на концертната сцена кај нас, чуствував несопирлива потреба на овој начин да ги канализирам моите импресии од исклучителниот концерт на Белградската филхармонија, раководен од маестро Зубин Мехта. Како дел од циклусот концерти во рамките на програмата „Отворен Балкан“ и во јубилејната сезона на оркестарот во чест на еден век постоење, се одржа на 24 јуни во големата сала на Македонската филхармонија, а на програмата беа изведени Симфонијата бр.7 од Лудвиг ван Бетовен и „Фантастичната симфонија“ од Хектор Берлиоз.
Иако на нас, музичките критичари, обично ни се зема „за зло“ подлегнувањето на емоциите и се очекува „ладна глава“ и максимална објективност и во оценките, поради нашиот багаж од многубројни слушачки и рецензентски искуства, го земам ризикот да ја искажам мојата целосна одушевеност од завчерашното вонсериско концертно доживување. Таа голема одушевеност секако не се должи само поради неоправданата предрасуда од нашите вечни трауми дека Балканот е секогаш зад супериорниот Запад, туку, пред сѐ поради евидентниот квалитативен скок на овој оркестар, кој во последните две децении, граби напред кон највисоките врвови во оркестарската интерпретатива.
Кој ги познава приликите, ќе знае дека говориме за подемот кој започна во времето откако на чело на оваа институција дојде Иван Тасовац и откако започна стратешкото кадровско екипирање, обезбедувањето квалитетен инструментариум и поставувањето највисоки уметнички цели – креирање сложена програма и ангажирање врвни диригенти, кои овозможија континуиран и сигурен раст и развој на ансамблот. Во уметноста сме сведоци и на брзи, но куси и инцидентни вивнувања, но во овој случај, кога станува збор за голем симфониски ансамбл, патот нагоре ниту може да биде брз, ниту краткорочен. Затоа, денес Белградската филхармонија, во годината кога го слави големиот јубилеј – еден век постоење, може да ужива во плодовите на повеќедецениската макотрпна и правилна стратешка определба да биде „рамо до рамо“ со најпознатите европски и светски оркестри и да се справува со најсложените дела на симфонизмот, на начин што ќе остава и свој специфичен белег во музичката историја.
Не знам дали некој некаде напишал или ни се наметна како моментна констатација, дека ако сакате да направите брз тест на квалитетот на еден симфониски апарат, а воедно и да го проверите квалитетот на концертната сала, отсвирете само еден фрагмент од некоја Бетовенова симфонија. Со делата на мајсторот на симфонизмот нема простор за маскирање на недостатоците, ниту лажно филување на реалните капацитети.
Симфонијата број 7 во А-дур, оп. 92 од Лудвиг Ван Бетовен, е важно дело во класичната музика, кое што остварува трајно влијание врз следните композитори и трајно се позиционира во симфонизмот. Ритмичкиот порив и емоционалниот интензитет на оваа творба инспирираа многу музичари и влијаеја на различните жанрови во музиката. Компонирана е помеѓу 1811 и 1812 година, во традиционалниот манир на структурирање на симфониско дело, во четири става – Poco sostenuto – Vivace (обемен вовед кој води до брза и жива главна тема), Allegretto (прогонувачки, меланхоличен став со карактеристичен ритам), Presto – Assai meno presto (енергично, фуриозно скерцо) и Allegro con brio (триумфално и радосно финале што води до возбудлива кулминација).
Симфонијата е позната по својата емоционална длабочина, ритмичка енергија и иновативни музички техники. Ова дело, поради темпото и набојот, создава чувство на постојано движење, своевидно „возење“ без престан или како што би рекол големиот Вагнер, тоа е вистинска „апотеоза на танцот“. Нејзината ритмичка виталност ја турка музиката напред, но од друга страна и меланхоличното Allegretto е едно од најпрепознатливите, а воедно и едно од најомилените музички парчиња на Бетовен (впрочем, како и целата симфонија). Бездруго, неговиот севкупен композиторски опус е познат по емоционалната длабочина, па оттука и Седмата симфонија не е никаков исклучок. Таа во себе содржи широк спектар на чувства, од радосни и раскошни, до мрачни и интроспективни. Секој став има свој карактер, што заедно со богатата и колоритна оркестрација, впрегнувајќи ги во погон сите расположливи инструменти за да создаде и еден динамично моќен звук, го прави наративот на оваа симфонија безвременски привлечен и трајно популарен. Сите овие карактеристики придонесуваат Седмата симфонијата на Лудвиг Ван Бетовен да е неизоставна на омилениот репертоар на сите релевантни филхармониски оркестри во светот.
И ќе се прашате зошто овие редови посветени на главните карактеристики на оваа симфонија? Затоа што сите замисли и барања на Бетовен и неговата творба, упатени низ диригентската палка на Мехта до секоја една оркестарска група на Белградската филхармонија, беа спроведени на дело. Овие музичари ни ја пренесоа главната идеја, беа во доменот на изворната естетика и внесоа свој личен печат во целокупната изведба. Бетовен дозволува да биде изведен само бетовеновски и никако поинаку, зашто неговата музика е осмислена и јасно отсвирена во неговата глава уште пред да биде напишана.
„Symphonie fantastique“ или „Фантастичната симфонијата“ на Хектор Берлиоз со право се смета за едно од највлијателните дела на 19 век, кое што ги помести границите на оркестрацијата и ги прошири експресивните можности на музиката. Делото инспирација за Вагнер и Лист, е една од клучните творби за целокупниот развој на оркестарската музика. Со помош на нагласената програмска природа на делото и низ употребата на фикс идејата (idée fix), провлекувачката музичка тема – синоним на неговата љубена, Хектор Берлиоз практично успева низ раскажаните приказни полни лични искуства и емоции, да го напише својот епитаф. Петте ставови, пет аналогии на пет различни епизоди од животот – Rêveries – Passions”, “Un baл”, “Scène aux champs”, “Marche au supplice” и “Songe d’une nuit du sabbat”, резултираат со музички парчиња кои ја отсликуваат целата вештина на композиторот во создавањето богати и живописни музички текстури. Секако тоа е производ на една неверојатно иновативната, енергична и разнобојната оркестрација, која вклучува голем оркестар (на сцената имаше над 80 музичари!) со проширена лепеза од дувачки, гудачки и ударни инструменти и која создала суштински пример на романтична музика.
Интензивниот емоционален израз, драматичните контрасти и индивидуалистичкиот дух, проткаени со темите на љубовта, опсесијата, очајот и халуцинацијата, а спроведени со неверојатната композиторска вештина за пренесување на наративот во неконвенционална структура за тогашниот симфонизам, го прават Берлиоз еден и единствен. Оваа симфонија не само што е едно од најголемите дела на романтизмот, туку е и едно од најпредизвикувачките композиции во симфониската литература и за диригентот и за оркестарот, нудејќи огромен опсег на интерпретативни опции, но и барајќи виртуозна брилијантност, умешност, суптилност и вештина за маестрално темпо.
Оркестарот на Белградската филхармонија, како и во Седмата симфонија на Бетовен, успешно се справи со сите предизвици, а најмногу со она што го нарекуваме колективитет, ансамблово единство и вредност. Бевме сведоци и на најсуптилни пијанисима и на највозбудливи, та дури и потресни моменти на вистинска кулминација, со труби кои ја надвишуваа салата и тимпани кои нѐ удираа рафинирано, но директно во плексусот (читај: срцето). Ни дојде и да заиграме валцер, танцувајќи на прекрасните звукоизвлекувања на фасцинантно музикалните виолончела и возбудливите „мрсни“, а целосно прецизни тонови на контрабасите. Треперевме на ударите на непретенциозните ѕвона во Dies Irae, нѐ завлече и шармантната гротеска Ronde du Sabbat, онака суптилна и привлечна каква што ја замислувал и самиот Берлиоз.
Англискиот рог во завчерашната изведба беше своевидна Моцартова волшебна флејта, во случајов во фантастичниот свет на Хектор Берлиоз. Со прекрасен тон и јасна звукова емисија, и во прекрасниот дијалог со одличната обоа, која респонзоријално доаѓаше од ходникот пред концертната сала, бевме пренесени во трансцеденталните сфери на посебниот хабитус на композиторот. Впрочем, целиот дувачки корпус звучеше сродено, мамејќи нѐ да посакаме да ги слушнеме и во некој Дебиси или Равел.
Но, она што беше во главниот фокус на нашата фасцинација, и визуелно и аудитивно, беше гудачкиот корпус на Белградската филхармонија, кој што низ овој бисерен пример на романтичарската литература, се покажа како еден од најубавите што некогаш сум ги слушнала. Начув од музичарите дека од големо значење е набавката на нови, добри инструменти во кои инвестирала државата, но секој еден од нас знае дека човечкиот фактор е пресуден тие инструменти за да зазвучат. А тие завчера звучеа врвно, со впечаток како да имаат двојно поголеми гудала од стандардните. Максимално искористени по целата должина и со целиот вариетет на интерпретациски извлекувања на бои и нијанси. Збирната звучна панорама на целиот изведувачки апарат беше како од аналоген отисок на грамофонска плоча, со целиот динамички опсег, без денешните продуцентски „пеглања“, кои за жал ѝ ја одземаа душата на класичната музика. Таа не може да се вкалапи во модерните дискографски фајлови на сеопшта звукова „урамниловка“, туку бара простор слободно да дише и да ни го пружи целиот музички раскош иманентен на симфониската музика.
Ние критичарите обично негодуваме на преголемата сценска драматичност и емотивниот патос без добра музичка оправданост, нешто што ретко ѝ пречи на обичната публика. Но, за време на овој концерт, авторката на овие редови едно време се фати себеси како наизменично ги отвора и затвора очите за да види дали исклучителната сценичност и сугестивната театралност на првата виолина на белградските филхармоничари, која речиси го носеше целиот оркестар во синхронизирани сценски бранувања, се рефлектира на самата музичка изведба или е само заради сценска впечатливост.
Но, концертмаестрата Тијана Милошевиќ во целост ја оправда довербата на најодговорната задача во целиот ансамбл. Нејзиниот темперамент и целосна предаденост на доловување на изворната естетика на двете грандиозни симфониски дела беше во целосна хармонија помеѓу музичкото и сценското. Таа беше вистински лидер на оркестрантите низ музичкиот тек и неприкосновен преносник на синергијата од композиторските замисли и диригентските насоки. Притоа, воопшто не се штедеше при изведбата на највиртуозните и најризичните делници, на кои многу оркестри ги имаат направено најголемите интерпретативни грешки.
Ваквиот пристап низ целата вечер, му даде на концертот додадена вредност, поради која ќе се памети уште долго на овие простори. А овие простори за мене не значи само Балканот, туку и Европа, зашто без ниту ронка скромност, можам да кажам дека Белградската филхармонија денес е оркестар од висок европски ранг, а со тоа и еден од најквалитетните во светот. Затоа, воопшто не зачудува фактот што еден од најголемите диригенти на денешницата, маестро Зубин Мехта го има за свое милениче, континуирано помагајќи го и поттикнувајќи го неговиот раст и развој.
И конечно, неколку зборови и за човекот-двигател на високиот уметнички чин, маестрото Зубин Мехта, еден од малкуте живи легенди на диригентската елита. Роден на 29 април 1936 во Мумбаи, Индија, станува еден од најистакнатите планетарно познати диригенти чие име се поврзува со подемот на неколку значајни оркестри, како Симфонискиот оркестар на Монтреал (1961-1967), Филхармонијата на Лос Анџелес (1962-1978), Њујоршката филхармонија (1978-1991) и Израелската филхармонија (од 1969 година). Покрај неговата оркестарска работа, Мехта диригирал и бројни оперски продукции во реномирани оперски куќи ширум светот, вклучувајќи ги операта Метрополитен, Ла Скала и Виенската државна опера. Има добиено бројни признанија и награди за неговиот придонес во музиката, вклучувајќи ги почесните одликувања како она од Центарот Кенеди, потоа Ѕвездата на солидарноста од Ватикан и наградата Греми за животно дело.
Откако го најави своето повлекување во 2019, Зубин Мехта е назначен за почесен диригент на Израелската филхармонија. Неговото наследство како еден од најистакнатите и највлијателните диригенти на неговата генерација продолжува да инспирира генерации музичари и љубители на музиката.
Заслужено омилен кај музичарите од Белградската филхармонија, со кои бележи над 10 настапи, маестро Мехта е и во срцата на скопјани, кои оваа година ја имаа честа да го видат по третпат на македонско тло. Првиот пат во 1967 настапи со Филхармонискиот оркестар на Лос Анџелес во Универзалната сала, а вториот во 2007 со Израелската филхармонија во „Метрополис арена“ на Скопскиот саем, кога и авторката на овој осврт имаше привилегија да направи ексклузивно телевизиско интервју со него. Љубовта и нескриената возбуда од уметничката големина на овој диригентски маг беше со несмален интензитет и при ова трето гостување во салата на Македонската филхармонија со оркестарот на Белградската филхармонија, прославувајќи ја 100-годишнината на националниот српски оркестар.
Иако, длабоко навлезен во девететата декада од животот, кревок и зависен од асистенција при движењето, маестро Мехта на саботниот концерт во Скопје, веднаш при седнувањето на своето диригентско столче, со давањето на првиот знак за почеток, го распосла целиот свој раскошен диригентски „габарит“ пред присутните во салата. Диригирајќи целосно напамет, со зачудувачка виталност по прашање на физичка и менталната спремност, како и со својата зрелост и професионален, но пред сѐ човечки авторитет здобиван низ годините, успеваше без одвишок знаци, но со карактеристичната стаменост и јасна гестикулациска сугестија за карактерот на секоја партитура, да ги води оркестрантите низ еден процес на создавање чиста музика полна љубов. Со секој еден такт се чувствуваше меѓусебната почит на маестрото и филхармоничарите. Едноставно, уште еднаш покажа, зошто е еден од најголемите пред диригентскиот пулт.
Суверено држејќи ги диригентските узди (па дури нивелирајќи ја и за нијанса преголемата акустика на салата, една од „фалинките“ на објектот на Филхармонија според зборовите на самиот диригент), поттикнуваше белградските филхармоничари да ја ослободат целата своја вештина и музикалност и да ја преточат во една прекрасна синергија која ги бришеше сите хиерархиски разлики меѓу музичарите, меѓу различната природа на инструментите, дистанцата меѓу исполнителите и примателите на музичките пораки. Неговата авторитетна појавност и диригентска супериорност едноставно не остави никого рамнодушен. Долгите стоечките овации на нашата публика, но и на гостите на сцената, беа само искрен одговор на благодарноста за исклучителното музичко доживување кое што тој ни го овозможи.
Ако мора авторката на овие редови да даде и своја забелешка, тоа би била единствено сугестијата, во програмата на Белградската филхармонија, макар на нивните меѓународни претставувања, да биде вклучено и едно дело од националниот опус. Не само заради оправдување на статусот национален оркестар или формалното задоволување на очекувањата од секој културен амбасадор на својата држава, туку повеќе заради убавината и вредноста на творештво на српските композитори, кои недвосмислено ја задолжиле српската и балканската култура. Конечно, вистински да го отвориме Балканот.
Бранка КОСТИЌ-МАРКОВИЌ
ИЗВОР: sdk.mk