„Вашингтон пост“: САД во средина на јуни дознале дека Пригожин планира вооружена акција во Русија

2 mins read

Американското разузнавање изразило загриженост за тоа дали Владимир Путин ќе остане на власт и што би можела да значи нестабилност за контрола на рускиот нуклеарен арсенал

Американските разузнавачки агенции уште во средината на месецов собрале информации кои укажувале на тоа дека Евгениј Пригожин – шеф на паравоената формација „Вагнер“ – планирал вооружена акција против рускиот одбранбен естаблишмент, објавува „Вашингтон пост“.

За добиените сознанија веднаш била известена Белата куќа, како и други владини агенции.

Точната природа и времето за плановите на Пригожин не биле јасни непосредно до пред неговото зачудувачко преземање на воената команда и походот кон Москва, изјавиле официјални лица.

„Но, имаше доволно сигнали за да може да му се каже на раководството (на САД, н.з.) … дека нешто се случува“,

изјавил официјален претставник на САД, кој како и другите зборувал под услов да остане анонимен поради чувствителноста на темата.

Во текот на изминатите две недели постоеше „голема загриженост“ за тоа што може да се случи – дали рускиот претседател Владимир Путин ќе остане на власт и што би можела да значи нестабилност за контролата на рускиот нуклеарен арсенал, рекол соговорникот.

„Имаше многу прашања во таа насока“,

рекол изворот.

Припадник на „Вагнер“ на улиците на Ростов на Дон вчера. Фoто: EPA-EFE/STRINGER EPA-EFE/STRINGER

Клучниот страв бил од нестабилноста што би можела да произлезе од руската „граѓанска војна“.

Покрај Белата куќа, високи функционери во Пентагон, Стејт департментот и во Конгресот изминатите две недели биле брифирани за разузнавачките информации, изјавија официјални лица.

Си-ен-ен претходно објави дека официјални лица ги информирале лидерите во Конгресот на оваа тема минатата недела.

Клучен поттик за Пригожин, како што кажале официјални лица, била наредбата на руското Министерство за одбрана од 10 јуни – сите доброволни воени одреди да потпишат договори со владата.

Иако во наредбата по име не се споменува групата „Вагнер“, импликацијата беше јасна: преземање на платеничките трупи на Пригожин, кои суштински придонесоа за руската воена кампања во Украина и помогнаа да се извојуваат некои од најзначајни тактички победи.

И украинските воени претставници, исто така, го набљудуваа Пригожин по објавата на 10 јуни и се повеќе веруваа дека тој може да ги мобилизира своите сили против Москва, кажал висок украински функционер.

Пригожин јавно протестираше против наредбата на Министерството за одбрана, а украинските власти сериозно ја сфатија можноста тој да тргне против руските позиции, навел изворот.

Според висок претставник на администрацијата на Бајден, пак, тензиите на релација „Вагнер“ – руско Министерство за одбрана не се тајна и Пригожин јавно ја критикувал, предупредувал, па дури ѝ се заканувал на руската војска во повеќе наврати.

Американските разузнавачки агенции веруваат дека и Путин бил информиран оти Пригожин заговарал нешто. И иако не е јасно кога точно му било кажано, тоа било „дефинитивно пред повеќе од 24 часа“ пред настаните, изјавил официјален претставник на САД за „Вашингтон пост“.

Останува нејасно зошто Путин не презеде акција за да го спречи преземањето на воената команда од Пригожин или неговиот поход кон Москва.

Пригожин повика на вооружен бунт против руското воено раководство во петокот, а вчера наутро неговите приврзаници влегоа во штабот на руската армија во градот Ростов на Дон, кој е главен логистички центар за нападите врз Украина. Неговата група потоа се упати кон Москва, но запре на околу 200 километри пред руската престолнина.

По бунтот, Пригожин треба да оди во Белорусија откако вчера со посредство на белорускиот претседател Александар Лукашенко тој се согласи да ги врати своите војници во воените бази.

Договорено е контроверзниот основач на „Вагнер“ да се пресели во Белорусија, а кривичната постапка против него за организирање вооружен бунт да биде прекината. Нема да има кривично гонење ниту на неговите борци кои учествуваа во бунтот.

Извор: 360stepeni.mk

Претходно

Руски воздушен напад на пазар во сириски Идлиб: Загинаа девет, ранети се 30 цивили

Следно

Вучиќ и Дачиќ за настаните во Русија: Србија никогаш нема да поддржи пуч во ниту една земја

Latest from Blog