Бундестагот ја изгласа резолуцијата за поддршка на С Македонија – десничарската ЦДУ се изјасни „против“  

June 15, 2023
3 mins read

Резолуцијата пред пратениците во германскиот парламент ја претстави државната секретарка за Европа во германската влада, Ана Лирман, која доаѓа од редовите на Зелените, наведувајќи дека со неа „им оддаваме длабока почит на македонскиот идентитет, јазик, култура и историја”

Двајцата пратеници од десничарските ЦДУ и ЦСУ, Кристоф Плос и Тобијас Винклер, кои учествуваа во дебатата, настапија со критики кон владејачкото мнозинство, бидејќи, како што рекоа, со резолуцијата ја издвојува Северна Македонија од останатите земји од Западен Балкан, спротивно на политиката што претходно ја спроведувала поранешната германска канцеларка Ангела Меркел

На критиките на опозцијата одговорија пратеникот на владејачките социјадемократи (СПД) Јосип Јуратовиќ и неговиот колега од редовите на либералите Томас Хакер, истакнувајќи дека секоја земја кандидат за членство во Европската Унија секогаш се вреднувала поединечно, а не го група. Јуратовиќ воедно побара од конзервативната ЦДУ да влијае на нивната сестринска партија во земјава ВМРО-ДПМНЕ за уставните измени

Германскиот парламент – Бундестагот, со мнозинство гласови на пратениците од трите владејачки партии – Социјалдемократите, Либералите и Зелените вечерва ја изгласа резолуцијата со која се дава поддршка на македонскиот идентитет, јазик и култура на патот на земјава кон членство во Европската Унија.  

Момент од расправата во Бундестагот за резолуцијата за С Македонија/Фото: Принтскрин

Резолуцијата не доби поддршка од опозициските партии, вклучително и од конзервативната Христијанско-демократска унија/Христијанско-социјална унија (ЦДУ/ЦСУ) на поранешната канцеларка Ангела Меркел.  

Инаку, ЦДУ и баварската ЦСУ идеолошки се сестрински партија на ВМРО-ДПМНЕ.  

Со карактеристична германска прецизност, расправата по предлог-резолуцијата почна во 21:25 часот и заврши во 21:55 часот, како што претходно беше најавено на официјалната интернет-страница на Бундестагот.

Предлог-резолуцијата пред пратениците ја претстави државната секретарка за Европа во германското Министерство за надворешни работи, Ана Лирман, која е од редовите на Зелените.

„Со оваа резолуција им оддаваме длабока почит на македонскиот идентитет, јазик, култура и историја“,

рече Лирман, пренесува Дојче веле.  

Таа воедно најави дека наскоро повторно ќе ја посети земјава заедно со нејзините колеги од Франција и од Полска за да ги охрабрат уставните измени чие донесување е услов за земјава да го продолжи својот пат кон членство во Европската Унија.   

„Граѓаните ја губат вербата во ЕУ перспективата. Мора да ја вратиме довербата во ЕУ и да ги искористиме сите можности за да ги охрабриме нашите партнери во Северна Македонија“,

рече Лирман најавувајќи ја посетата, четврта во последната година. 

Државната секретарка зе Европа во германската влада, Ана Лирман/Фото: Принтскрин 

Таа порача дека промената на Уставот не го загрозува македонскиот идентитет, туку напротив го зајакнува мултиетничкиот карактер на државата.  

„Тврдењата дека ова ќе го загрози идентитетот се погрешни. Вметнувањето дополнителни заедници во Уставот, напротив само ќе го зајакне мултиетничкиот карактер на државата која е пример за целиот регион“,   

рече Лирман. 

Ставот против резолуцијата пред Бундестагот го образложија двајца пратеници од ЦДУ/ЦСУ. Кристоф Плос од ЦДУ се огласи со критики кон владејачкото мнозинство затоа што, како што рече, ја издвојува Северна Македонија од останатите држави од регионот на Западен Балкан.

„Да се разгледува секоја земја од Западниот Балкан одделно не е целисходно“,

рече Плос.  

Тој потсети дека поранешната германска канцеларка Ангела Меркел на регионот секогаш му пристапувала како на целина.  

Пратеникот од редовите на ЦДУ, Кристоф Плос/Фото: Принтскрин

И неговиот колега од баварската ЦСУ, Тобијас Винклер, во сличен тон ја критикуваше предлог-резолуцијата со кој се издвојува Северна Македонија и побара да се прифати предлогот на неговата пратеничка група во која се бара поддршка за сите шест земји од Западен Балкан. 

„Барате резолуција само за една земја, со лош тајминг“,

рече Винклер. 

Тој во своето образложение наведе дека ситуацијата во Северна Македонија е политички чувствителна и дипломатски сензитивна, алудирајќи притоа на спорот со Бугарија.

На крајот тој иронично им порача на пратениците од владејачкото мнозинство дека преведената резолуција е веќе објавена во македонските медиуми, па можат да се радуваат уште пред гласањето, забележува Дојче веле.

Пратеникот на владејачките Социјалдемократи (СПД) Јосип Јуратовиќ и неговиот колега од редовите на либералите Томас Хакер одговорија на критиките на опозицијата, со став дека секоја земја кандидат за членство во Европската Унија секогаш се вреднувала поединечно, а не во група.  

Пратеникот од редовите на Либералите, Томас Хакер/Фото: Принтскрин

„ЕУ процесот е регата и се вреднуваат индивидуалните постигнувања. Не може последниот да го чека првиот. Денеска се работи за искрената политика на проширување на ЕУ. Северна Македонија е кандидат од 2005 и сега е време“,

рече Јуратовиќ. 

Тој истакна дека со резолуцијата сакаат да ја охрабрат Македонија и дека македонската култура ќе ја збогати Европската Унија.

Јуратовиќ побара од конзервативната ЦДУ да влијае на нивната сестринска партија во земјава ВМРО-ДПМНЕ за уставните измени. Тој од владата на премиерот Олаф Шолц побара во ЕУ да се залага за укинување на правилото за одлучување со консензус и негова замена со квалификувано мнозинство, затоа што, како што рече, популистите го злоупотребуваат актулениот начин на одлучување. 

Пратеникот на Социјалдемократската партија (СПД) Јосип Јуратовиќ/Фото Принтскрин

Пратеникот на крајно десничарската АФД Маркус Фронмајер го повтори партискиот став што тие го имаа изнесено во посебна резолуција дека на земјите од Западен Балкан не им е местото во ЕУ. 

Иронично прашувајќи: „Ја сакате Северна Македонија во ЕУ?“, тој рече дека станува збор за една корумпирана и нестабилна држава. 

„Просечната социјална помош во таа земја е 50 евро месечно. Замислете таа земја да влезе во ЕУ и на два милиони луѓе да им дадеме пристап до нашиот социјален систем”,

реле Фронмајер.  

Пратеникот на радикално-десничарската АФД, Маркус Фронмајер/Фото: Принтскрин

За него беше спорно и барањето од резолуцијата според кое германската влада треба да помогне за енергетската независност на земјата. 

„Со младинска невработеност од 40 отсто  и секој петти жител кој живее под границата на сиромаштија, токму сончеви колектори се она што и треба на земјата“,

рече Фронмајер. 

ИЗВОР: 360stepeni.mk

MARKETING

MARKETING

MARKETING

Претходно

Кафеавата мечка по подолг период за првпат е документирана во природен парк во Албанија

Следно

САД бараат од Белград безусловно ослободување на уапсените косовски полицајци 

Latest from Blog

Ирански генерал загина во судирите меѓу режимот на Асад и антирежимските групи во Алепо и Идлиб

Бригадниот генерал Кејумерс Пурхашими, еден од командантите на Армијата на иранската револуционерна гарда, загинал во нападот што го изврши сириската опозиција на западниот дел на Алепо, известува Анадолу. Според веста на иранската

Сиљановска Давкова се сретна со претседателот на Собранието на Црна Гора

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, во рамки на официјалната посета на Црна Гора, денеска во Подгорица оствари средба со претседателот на Собранието на Црна Гора, Андрија Мандиќ. На средбата беше изразено задоволство од

Стојановски: Приватните превозници го прифатија предлогот на советниците од ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје, цената за километар да биде 100 денари!

Мартин Стојановски, координатор на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Град Скопје, денеска истакна дека приватните превозници го прифатиле предлогот на советниците од ВМРО-ДПМНЕ, а цената за километар ќе биде 100

Брисел: Креативните решенија мора да бидат усогласени со заклучоците на Советот

Работиме на изнаоѓање решение за Северна Македонија да оди напред во втората фаза од преговорите со ЕУ. Не сакаме Северна Македонија да биде оставена назад. Сепак, креативните решенија мора да бидат усогласени

Јакнење на македонско-британската соработка во делот на енергетиката

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска денеска остварила средба со британскиот комесар за трговија за Европа, Крис Бартон и со британскиот амбасадор во Северна Македонија, Метју Лосон. На средбата
Go toTop