Пендиков дојде во охридскиот суд, но рочиштето се одложи: Кажа дека добивал смртни закани

May 31, 2023
5 mins read

Рочиштето од судскиот процес против Илија Спасески, кој е првообвинет за претепувањето на Пендиков, се одложи откако неговите бранители ја напуштија судницата бидејќи судијата не им даде време за да ги анализираат новите докази што обвинителството ги достави до судот

Адвокатот Димитрија Цобоски, кој е бранител на Спасески, коментирајќи го текот на денешното рочиште и напуштањето на судницата, рече дека очигледно се брзало со поднесувањето на обвинението и дека има некаков притисок врз судот

Христијан Пендиков, секретарот на сега веќе поранешното здружение „Цар Борис Трети“, кој беше претепан во јануари годинава, денеска се појави во судница во охридскиот суд, но рочиштето од судскиот процес кој се води против првообвинетиот за тепањето, Илија Спасески, се одложи.

Христијан Пендиков (во средината) на денешното рочиште во Основниот суд Охрид/Фото: МИА

Причина беа новите медицински докази што ги достави обвинителството. Одбраната на Спасески побара одложување на рочиштето за да има повеќе време да ги проучи, но откако судијата Бојан Мартиноски не дозволи, адвокатите на обвинетиот револтирано ја напуштија судницата.

Обвинетиот Спасески по ова пред судот рече дека не сака да се брани сам и побара одложување. Судијата Мартиноски, пред да го одложи рочиштето, му даде поука и го предупреди Спасески дека доколку не ангажира нови бранители, следното рочиште ќе се одржи, а одложување нема да има ниту во случај доколку новите или актуелните бранители повторно ја напуштат судницата.

Следното рочиште судијата Мартиноски го закажа за 12 јули.

Пендиков, кој на судењето дојде во костум без вратоврска, по излегувањето од судот во Охрид, прашан од новинарите прво за неговата здравствена состојба, рече дека сега е подобро, но дека треба да му се направат дополнителни прегледи.

„Фала на прашањето, сега сум подобар. Има уште прегледи кои ми следуваат поради тоа што имам два пукнати пршлени и се надевам дека ќе можам да патувам на 12 јули. Сакам да го остварам своето право да бидам овде, бидејќи треба да се соработува со судот“,

рече тој.

Околу стравувањата за својата безбедност, кои ги изнесуваше претходно, тој денеска во Охрид рече дека не се плаши, но посочи дека добивал голем број закани по живот и непријатни коментари на социјалните мрежи.

„Лично, дали се плашам, не се плашам. Но, сепак не е убаво чувството да добивате по 20-30 смртни закани, пцуење на Фејсбук, на Месинџер, сè што може да постои да читаш во коментари. Не е убаво чувството.

Христијан Пендиков по излегувањето од охридскиот суд/Фото: Принтскрин од видео на „А1он“

Пендиков беше прашан и за политичките димензии што ги доби случајот, но на сугестија на неговиот адвокат Стефан Камишевски, тој не одговори.

За денешната постапка на одбраната на обвинетиот Спасески, адвокатот Камишевски рече дека од процесен аспект таа е во ред.

„Одбраната има право да побара одложување затоа што имаше дополнување на медицинското вештачење бидејќи лекарската документација беше доставена подоцна“,

рече тој.

Прашан дали Пендиков вчера за време на исказот во обвинителството рекол дека постои уште едно лице од Битола кое учествувало во нападот, адвокатот рече:

„Точно, постои уште еден напаѓач, дури и на самата снимка која беше изведена како доказ на претходното рочиште тука во судот, беше евидентно дека две лица го тепаат оштетениот“.

За натамошниот тек на постапката Камишевски рече дека останува да се види како таа ќе се одвива, додавајќи дека тврдењата на одбраната кои биле изнесени досега „паѓаат во вода“ и дека обвинението е основано.

Стефан Камишевски, адвокат на Христијан Пендиков/Фото: Принтскрин од видео на „А1он“

На следното рочиште, доколку Пендиков биде присутен, исказот ќе го дава на македонски јазик, рече неговиот адвокат, бидејќи тоа бил јазикот на кој досега се образувал.

„Исказот ќе го дава на македонски јазик, се разбира, затоа што е тука роден, завршил основно образование и тоа претпоставува дека одлично го владее македонскиот јазик“,

рече Камишевски.

Адвокатот Димитрија Цобоски, кој е бранител на обвинетиот Илија Спасески, коментирајќи го текот на денешното рочиште и напуштањето на судницата, рече дека очигледно се брзало со поднесувањето на обвинението и дека има некаков притисок врз судот.

„Застапникот на обвинението требало во фаза на истрага да ги расчисти сите факти и околности пред да поднесе обвинение… Сите докази се доставуваат или со поднесување на обвинението или по завршувањето на доказната постапка, ако од изведените докази произлегуваат некои нови околности заради кои треба да се изведуваат нови докази. Чинот на напуштање на расправата е револт, но и судот има, еве, некој притисок, бидејќи ова е основно право, право на одбраната да ги има сите докази. Не е сеедно во овој момент ако има некоја измена на медицинското вештачење, тоа да не го го знаеме и да не можеме да поставуваме одредени прашања. Јас претпоставувам што е направено бидејќи се јавува тука и проблем зошто така брзо и на тој начин оштетениот ја напушти болницата ‘Свети Еразмо’, која е позната болница, и во фаза кога требало да биде префрлен на максилофацијална хирургија во Скопје. Наместо во таа болница е однесен на аеродром и со владин авион на Република Бугарија е однесен во Бугарија“,

изјави Цобоски.

Димитрија Цобоски, бранител на обвинетиот Илија Спасески/Фото: Принтскрин од видео на „А1он“

На дополнително прашање, на каков притисок кон судот се сомнева, Цобоски кажа:

„Па, така. Ако вие како новинари не можете да одговорите, не го чувствувате тој притисок како од еден случај Пендиков се направи меѓународен проблем и европски проблем, тогаш не знам зошто ме прашувате воопшто. Истата вечер имало друг настан каде што бил претепан човек од повеќе извршители, каде, исто така е повреден, но ниту се спомена (тој случај), ниту излезе во вестите“.

Сепак, како што додаде тој одговарајќи на новинарско прашање, со тоа не вели дека одлуката на судот ќе биде политичка.

„Меѓутоа за да не биде одлуката политичка, тука сме ние, бранителите, и стриктно ќе се бориме за апсолутна примена на законот. Ако врз основа на доказите произлегува дека е виновен, ќе си одговара тој што е виновен. Меѓутоа, гледате дека во самото обвинение стои дека обвинетиот Илија со Н. Н. лице. Е, тоа Н. Н. лице кои повреди ги нанесе?“,

изјави Цобоски.

Пендиков не присуствуваше на претходните две рочишта од овој судски процес поради, како што соопшти тогаш неговиот адвокат Стефан Камишевски, здравствени причини.

На претходното рочиште, кое се одржа на 5 април, првообвинетиот за нападот на Пендиков, Илија Спасески, рече дека не се чувствува виновен откако претставник на обвинителството го прочита обвинителниот акт, според кој се товари за извршено кривично дело „нанесување тешки телесни повреди“.

Адвокатот на обвинетиот, Димитрија Цобоски, тогаш посочи дека одбраната не спори оти Пендиков критичната вечер бил повреден, но дека во доказната постапка ќе успее да го убеди судот дека нема докази за зборови од омраза, како што сака тоа да го наметне обвинителството.

Христијан Пендиков, кој од јануари престојува во Софија, на почетокот на месецов стана бугарски државјанин.

На свечена церемонија, на која се интонираше бугарската химна, потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова, на 10 мај му ги врачи бугарските лични документи на охриѓанецот Христијан Пендиков, велејќи дека е горда што и покрај насилството и заканите, Пендиков останал доследен на своето потекло.

Христијан Пендиков, пак, заблагодарувајќи се на бугарски јазик, се пожали дека Бугарите како него во Македонија трпат притисоци од македонските власти.

Откако беше претепан на 19 јануари пред кафе-бар во Охрид, Пендиков со бугарски владин авион експресно беше пренесен на лекување во Софија, а бугарските власти му обезбедија престој и лично обезбедување.

Поврзани вести:

Почна и веднаш се одложи судењето на напаѓачот на Пендиков

Како нападот врз Пендиков е од омраза кога таткото на обвинетиот спасуваше Бугари од бродската несреќа, прашува адвокатот

Пендиков ќе дојде во суд кога ќе може да зборува – неговиот адвокат вели не го гледал интервјуто за бугарска телевизија

ИЗВОР: 360stepeni.mk

MARKETING

MARKETING

MARKETING

Претходно

Со „Аида“ на Џузепе Верди вечерва се затвораат Мајските оперски вечери

Следно

Истанбул – древен град што не спие

Latest from Blog

Трамп го угости извршниот директор на Мета, Закерберг, на вечера во неговиот клуб Мар-а-Лаго во Флорида

ИСТАНБУЛ (АА) – Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп го угости извршниот директор на Мета, Марк Закерберг, на вечера во неговото одморалиште Мар-а-Лаго во Флорида, објави „Си-би-ес њуз“, пренесува Анадолу. Средбата ги спои

Стојаноски: Наместо да работеа за подобрување на стандардот на граѓаните, СДС-ДУИ мислеа на богатење на својот џеб

Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, на седницата посветена за пратенички прашања, постави три прашања кон претседателот на Владата, Христијан Мицкоски. За своето прво прашање, тој побара став од претседателот на

Гаши за уставните измени: Штом ќе има политички договор ние сме спремни да ја почнеме процедурата

На денешниот брифинг со новинарите претседателот на Собранието, Африм Гаши нагласи дека законодавниот дом е подготвен да ја почне процедурата за донесување на уставните измени, доколку, како што рече, има политички договор.

Со „Избрани дела“ од Такит, се зголеми фондот книги преведени од латински на македонски

Од печат излезе нов превод од латински јазик во едицијата „Арго“ на издавачката куќа ИЛИ-ИЛИ, со што се зголеми фондот на книги преведени од латински. Се работи за книгата „ИЗБРАНИ ДЕЛА“ од

Уште колку време компаниите ќе чекаат на парите од унгарскиот заем и кој ќе стигне до нив

Откако премиерот Христијан Мицкоски обзнани дека условите за парите од унгарскиот заем наменети за бизнис секторот се договорени со банките, интересот кај компаниите се зголемил, велат некои претставници на дел од коморите.
Go toTop