Интересен податок од истражувањето е падот на Германија, која лани фигурирала како втор или трет партнер во поглед на економијата и демократскиот развој, но годинава бележи огромен пад
Во однос на поддршката за ЕУ, 61 отсто од испитаниците сметале дека Унијата е најдобра опција, додека 34 отсто се за тоа дека треба да бараме друга алтернатива
Во рамки на истражувањето е направен и т.н. лист експеримент кој покажува дека најмногу кликови би собрале позитивни вести за Русија, позитивни или негативни вести за ЕУ и застрашувачки вести за вакцини. Граѓаните најмногу би поверувале, пак, во негативни вести за ЕУ
Србија е перципирана како најголем пријател на Северна Македонија, а најважно за ваквиот став на граѓаните се заедничките вредности и интереси што ги споделуваме. Покрај најголем пријател, Србија со САД и ЕУ е во топ три држави или сојузи за кои македонските граѓани сметаат дека најмногу придонеле за демократскиот и економскиот развој на нашата земјата. Генерално, односите со соседите, пак, според перцепцијата на граѓаните се оценети со средна оценка – „ниту добри ниту лоши“, односно со тројка на скала од еден до пет. Во однос на членството на ЕУ, пак, 61 отсто сметаат дека тоа е најдобра опција за Северна Македонија наспроти 34 отсто кои велат дека треба да бараме друга алтернатива. Голем процент, дури 23,3 отсто од граѓаните се информираат од социјални мрежи, а од вести најмногу би кликнале на нешто позитивно за Русија, позитивно или негативно за ЕУ, а би поверувале во нешто што е негативно за Унијата.
Вака во неколку реченици може да се сумираат иницијалните заклучоци од истражувањето на јавното мислење што го спроведе Преспа институтот во април и мај годинава. Анкетата била спроведена електронски на примерок од 1 500 испитаници, а се однесува на областите надворешна политика, медиуми и дезинформации.
Огромен раст за Србија
Деталните резултати од истражувањето во однос на прашањето која држава или меѓународен сојуз/унија е најголем пријател на Северна Македонија покажуваат дека Србија е неприкосновена на врвот со 45,3 отсто. По неа, од соседите се Косово и Албанија со за кои се определиле 9 односно 5,6 отсто од испитаниците.
Останатите две соседни држави, Грција и Бугарија, пак, се на дното на листата. Дека Бугарија е најдобар пријател сметаат само 0,2 отсто, а за Грција истото го мислат 0,5 отсто.
Ако се погледне пошироко од соседството, пред Албанија подобро рангирани се САД и Турција, кои како најголем пријател ги посочиле 6,8, односно 6,7 отсто од испитаниците. ЕУ, пак, е веднаш по Албанија со 5,1 отсто.
Дури 10,3 отсто од граѓаните, пак, сметаат дека ниту една земја не ни е пријател.
„Најважен критериум за нашите граѓани за тоа кој е пријател или не, се споделуваните интереси и вредности, но не до тој степен и демократскиот придонес или економијата и соработката што ја имаме со таа земја“,
вели Ивана Јордановска, надворешна соработничка и истражувачка во Преспа институтот.
Така, Србија кај 62,8 отсто од испитаниците била одговор и на прашањето „со која држава или меѓународен сојуз/унија Северна Македонија споделува најмногу вредности или интереси и следствено на тоа би требало да има најблиски односи“. На прашањето, пак, кои се тие вредности или интереси, граѓаните најчесто ги посочувале културата, религијата и традицијата.
Очигледната доминација на Србија годинава, не била случај претходните години. За три години се бележи пораст од околу 30 отсто. Во 2020 година, на пример, само 14 отсто од испитаниците сметале дека таа е најпријателска земја. Во 2022, пак, тој процент изнесувал 38,6 отсто.
Меѓу причините за ваквиот скок на Србија во перцепцијата на граѓаните, според истражувачите, за ланските резултати во споредба со 2020 година би можел да биде ковид-периодот, кога оваа држава ни донираше вакцини, додека годинава улога одиграло решавањето на црковното прашање.
Србија со ЕУ и САД „најмногу придонела за демократскиот и економскиот развој“ – Голем пад на Германија
Дел од истражувањето на Преспа Институтот биле и прашања за тоа која држава или меѓународен сојуз/унија придонеле за демократскиот и економскиот развој. За разлика од лани кога Србија не фигурирала во одговорите, сега е во топ три со САД и ЕУ.
Така, на пример, според перцепцијата на граѓаните во однос на придонесот за демократскиот развој, први се САД со 24,2 отсто. Следна е ЕУ за која се определиле 22,8 отсто, а потоа доаѓа Србија со 14,7 отсто.
Во однос на економијата, пак, ЕУ е прва со 21,2 отсто. Втора е Србија за која се определиле 15,9 отсто од испитаниците, а веднаш зад неа се САД со 15,6 отсто.
Интересен податок во овој дел е падот на Германија.
„Она што е важно е дека споредено со податоците од лани, каде што Германија фигурира како втор или трет партнер во поглед на економија и демократски развој, тој тренд не го забележуваме оваа година“,
вели Јордановска.
Лани, на пример, Германија била прва (26,8 отсто) според бројот на граѓани кои сметале дека придонела најмногу за економскиот развој на Северна Македонија, а трета (11,3) во однос на перцепцијата за придонесот во демократскиот развој.
Падот годинава е огромен – 10,7 отсто од испитаниците сметаат дека придонела најмногу за економскиот, а само 2,7 отсто за демократскиот развој.
Само 1,1 отсто ја гледаат Русија како пријател
Кога станува збор за Русија, пак, во однос на перцепцијата за овие прашања, се забележува пад. Годинава, на пример, само 1,1 отсто од испитаниците ја посочиле оваа држава како најголем пријател. Лани, тој процент бил 2,2 отсто, а во 2020 изнесувал 4,4 отсто.
Русија годинава ниско котира и во однос на тоа кој најмногу придонел за демократскиот и економскиот развој резултатите се исти. Годинава, за неа се определиле 0,9 (за демократскиот развој), односно 1,4 отсто (за економскиот развој). Лани, овие проценти изнесувале 0,9 и 1,5 отсто.
За 61 отсто од граѓаните ЕУ е најдобра опција
Во однос на надворешната политика, дел од истражувањето се и прашања поврзани со интеграцијата на земјава во ЕУ за што 61 отсто од испитаниците сметале дека Унијата е најдобра опција, додека 34 отсто се за тоа дека треба да бараме друга алтернатива.
Од оние кои одговориле дека ЕУ е најдобра опција, околу 90 отсто како причини ги навеле економскиот развој и новите работни места, па следат владеење на правото, почитувањето и заштитата на човековите права, па антикорупцијата.
Од тие што сметаат дека треба да бараме друга алтернатива, 49 отсто како причина за таквиот одговор навеле дека ќе ни ја сменат историјата и идентитетот, 32 отсто дека немаме исти вредности, а 29 отсто оти ќе го загубиме јазикот.
Ако утре се одржи референдум, ист процент од 61 отсто би гласале за, а 30 отсто против. 5,4 отсто од испитаниците, пак, не сакале да одговорат, а 1,9 отсто рекле дека нема да излезат на референдум.
Зошто досега не сме членка на ЕУ – 48 отсто од испитаниците причината ја посочуваат во блокадите од соседите. Кај 27 отсто одговорот бил дека тоа е поради недостатокот на реформи, а 22 отсто дека така e затоа што ЕУ постојано наоѓа изговори.
Над 23 отсто се информираат од социјални мрежи, најмногу „кликови“ би собрале Русија, ЕУ и вакцините
Во однос на медиумите и дезинформациите, пак, дел од анкетата било и од што најмногу се информираат испитаниците. Речиси половина – 48 отсто рекле од телевизија, а дури 23,3 отсто од социјални мрежи. Од портали, пак, се информираат 18,5 отсто.
Интересен дел од истражувањето е и лист експеримент, кој бил применет по првпат. Податоците сè уште се обработуваат и дополнително ќе бидат презентирани, но од досега обработеното е познато што најмногу би кликале испитаниците, од една страна, и во што би поверувале, од друга страна.
Така, на листата на она што би кликнале се: позитивна вест за Русија; позитивна и негативна вест за ЕУ и застрашувачка вест за вакцини.
Најмногу би поверувале, пак, според резултатите, во негативна вест за ЕУ.
ИЗВОР: 360stepeni.mk