На почетокот на 2021 година, општината Сарај ги сруши преостанатите објекти околу езерото Треска и ги избрка камперите. Објаснувањето беше – комплексот ќе се нуди на приватен инвеститор. Две и пол години подоцна, нема ниту јавен повик за такво нешто
Локалната власт, предводена од градоначалникот Блерим Беџети, ја обвинува централната власт за доцнењето на процедурите. Централната власт, пак, вели – општината треба да е поажурна со „домашната задача“
Овие кадри се од 1978 година, кога во Сарај се градеше езерото и рекреативниот центар „Треска“.
Изградено со самопридонес на скопјани, езерото ѝ служеше на својата намена околу две децении. При крајот на 90-тите години, беше донесена забрана за капење.
Властите никогаш не најдоа решение за филтрирање на водата, па последните остатоци од комплексот и камп-населбата беа срушени во 2021 година. На местото на езерото Треска требаше да никне комерцијално-станбен комплекс.
Но, две години по рушењето, кравите се единствени жители што ги затекнавме во некогашниот рекреативен центар. Камперите се избркани, срамнети се со земја речиси сите некогашни придружни објекти, а езерото е претворено во мочуриште.
Теренот, пред две години, го расчисти Општината Сарај која го доби центарот „Треска“ од Градот Скопје. Се ветуваа 200 милиони евра инвестиции на просторот, поделени во повеќе содржини – аквапарк, спортски терени, хотели, продавници, викенд-куќи…
Градоначалникот на Сарај, Блерим Беџети, вели дека локалната самоуправа си ја завршила домашната задача за да се реализира инвестицијата. Работата била заглавена во владината комисијата за спроведување на постапката, каде
што мнозинството членови се од државни институции.
„Општина Сарај ги спроведе сите соодветни процедури и сета надлежност е во рацете на Владата, односно надлежните институции, Министерството за економија и Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот и со целосна одговорност велам дека сега е сета компетентност и обврска нивна, но сепак има доцнења што неколкупати го спомнав, кои ми се неразбирливи бидејќи сметам дека институциите мора да имаат функционални капацитети за да имаат соодветна динамика и не го гледам како разумно оправдување кога цело време се повикуваат криејќи се зад комисијата која според законот функционира таму“,
вели Беџети.
Комисијата, која според Беџети го кочи проектот, е формирана согласно Законот за туристички развојни зони. Па, без согласност од министерствата за економија, финансии и транспорт, како и од Агенциите за катастар и за промоција и поддршка на туризмот, рацете на Сарај се врзани.
„За отпочнување на работите мора да се распише јавен повик, да се јават сите заинтересирани за да почнат и работите, така што, Општина Сарај ѝ стои на располагање на Владата, каде што можеме и каде што треба да дадеме свој придонес што поскоро да се реализира оваа капитална инвестиција, многу важен проект не само за жителите на Општина Сарај и Градот Скопје, туку и пошироко“,
рече Беџети.
Спротивно на тврдењата на Беџети, првиот човек на Министерството за економија, Крешник Бектеши, вели дека институцијата што ја води веќе дала позитивни мислења за прогласување на Треска за слободна туристичка зона.
Па, според него, постапката треба да се забрза во самата комисија за Треска, на чие чело е претседател кој го делегира општината Сарај.
„Ја охрабрувам комисијата, особено претседателот на комисијата, да свикува што почесто состаноци доколку има разни пречки од други институции. Сигурно како комисија можат да ја информираат и Владата и Министерството за економија, но особено Агенцијата за развој на туризмот, и тогаш зошто да не, доколку има пречки од различни членови, Владата може да донесе одлука за промена на членовите на комисијата, прашање кое во моментов не е официјално побарано од актуелната комисија која работи на оваа тема“,
вели Бектеши.
Го прашавме Бектеши и кога, потенцијално, ќе биде објавен јавниот повик до потенцијалните инвеститори. Не даде временска рамка, туку ни објасни дека се испитуваат можностите – кој и како да го распише огласот кога ќе дојде време за тоа, бидејќи земјата нема претходна пракса.
„Со предлог на членот на Министерството за економија и членот на Општината, побарано е до ЗЕЛС, кој управува со електронскиот систем, да го објави како јавен повик на кој ќе можат да се појават различни инвеститори. До моментот кога зборуваме немаме добиено одговор од оваа институција која управува со тој систем, но ова прашање најдобро треба да го знае претседателот на комисијата, кој е делегиран од Општина Сарај“.
рече Бектеши.
Во Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот имаат сличен став како и Министерството за економија. Велат, сите отворени прашања треба да се решаваат во комисијата.
А, такви прашања, според директорот Љупчо Јаневски, има уште.
„Всушност, комисијата го има главниот збор сега бидејќи комисијата одлучува по многу други точки, точки каков софтвер ќе се користи, сертификати, сертификати на учесниците во комисијата, на каков начин и по која цена ќе биде продадено земјиштето од РМ, каква ќе биде спецификацијата и кои услови ќе се побараат понатаму во туристичката развојна зона. Всушност, тоа е и работа на самата комисија во којашто Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот има член и заменик член, сè останато го работи претседателот на комисијата и се донесуваат сите одлуки со мнозинство на членовите од комисијата“.
вели Јаневски.
Според нашите соговорници, комисијата која треба да ја спроведе постапката за стратешки инвеститор има одржано само 6 или 7 состаноци од нејзиното формирање. Неофицијално, причината за малиот број состаноци се честите промени на членовите. Може само да се претпостави дека не помагаат и поделбите во ДУИ – градоначалникот на Сарај е дел од т.н. огнена група, а шефовите на дел од министерствата кои имаат член во комисијата се блиски до актуелното раководство на интегративците.
Ништо не им недостасува, се чини, само на новите жители во „Треска“. Ако можеа да зборуваат, сигурно немаше да имаат ништо против сè да си остане како што е сега.
ИЗВОР: 360stepeni.mk