Во петокот ЕК на амбасадорите на земјите членки им го претставила предлогот за 11-тиот пакет санкции против Русија, кој првенствено ќе биде насочен против оние што ѝ помагаат на Русија да ги избегне санкциите
Претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, утре, на Денот на Европа, 8 Мај, ќе го посети Киев и ќе се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски, соопшти денеска портпаролот на ЕК.
„Претседателката на Комисијата ќе ја потврди непоколебливата поддршка на Европската унија за Украина“,
изјави Ерик Мамер.
Тоа ќе биде петта посета на Фон дер Лајен од почетокот на руската агресија врз Украина на 24 февруари минатата година.
Мамер рече и дека во петокот ЕК на амбасадорите на земјите членки им го претставила предлогот за 11-тиот пакет санкции против Русија, кој првенствено ќе биде насочен против оние кои ѝ помагаат на Русија да ги избегне санкциите.
По правило, Комисијата не објавува предлози за санкции додека не добие согласност од земјите членки, кои за тоа ќе расправаат во наредните денови. Според дипломатски извори, ЕК предлага да се создаде законска можност за ограничување на извозот во земјите за кои постои сомневање дека ѝ помагаат на Русија да ги заобиколи санкциите.
Тоа треба да биде еден вид одвраќање, а доколку не е ефективно, Унијата би можела да воведе забрана за извоз на производи наменети за двојна употреба, цивилна и воена, во одредени земји. Исто така, можно е неколку кинески компании да се најдат на санкционираната листа.
Извор: 360stepeni.mk