И трансакциите кон „Бехтел и Енка“ ќе останат тајна, ЈПДП не е на „Отворени финансии“

April 28, 2023
5 mins read

Премиерот Ковачевски денеска не спомена конкретни суми за исплатите кон „Бехтел и Енка“, но потврди дека го овластиле Министерството за транспорт и врски да ги почне процедурите, вклучително и за првите трансакции

Наспроти Ковачевски, кој обвини дека ВМРО-ДПМНЕ шири лаги за да прави хистерија, Мицкоски денеска остана на тврдењето за вртоглави суми што дополнително треба да се платат како пенали. Тој изнесе, како што рече, и сигурна информација дека веќе се префрлени првите 120 милиони евра што треба да завршат на сметката на „Бехтел и Енка“

Владата го задолжила Министерството за транспорт и врски да ги почне процедурите за изградба на автопатите од коридорите 8 и 10-д, а од Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) велат дека во тек е реализацијата на авансното плаќање кон американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“.

Ова се информациите што денеска за време на увидот во изградбата на експресниот пат Ранковце – Крива Паланка ги дадоа премиерот Димитар Ковачевски и директорот на ЈПДП, Ејуп Рустеми, одговарајќи на следното новинарско прашање: „Според информациите од трезорот, префрлени се 120 милиони евра на сметка на ЈПДП, дали овие пари се за ’Бехтел и Енка‘?“. Ниту Ковачевски ниту Рустеми во одговорите спомнаа конкретни суми.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак, денеска рече дека има сигурни информации оти преку Министерството за транспорт и врски на ЈПДП му се префрлени 120 милиони евра.

ЈПДП го нема на „Отворени финансии“

Јавно достапна информација преку системот „Отворени финансии“ не постои. Наспроти ова, изминативе денови владини претставници (вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи и министерот за транспорт и врски Благој Бочварски) тврдеа дека секој денар ќе биде објавен и јавно видлив токму преку овој систем. Меѓутоа, таму го нема ЈПДП.

Побаравме објаснување од Владата како во ваква ситуација исплатата ќе биде транспарентна.

„Како ќе се објават исплатите/трансакциите ако се има предвид дека Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) не е дел од ’Отворени финансии‘?“, гласи прашањето што „360 степени“ го упати до владината прес-служба на 24 април.

Петти ден нема одговор оттаму.

Ковачевски и Рустеми потврдија дека трансакциите се во тек, без суми

Кога пред новинарите одговараше дали 120-те милиони евра се за „Бехтел и Енка“, премиерот Ковачевски не спомена конкретни суми, но рече дека го задолжиле Министерството за транспорт и врски да ги почне процедурите вклучително и тие за плаќање.

„Владата, согласно Законот за изградбата на Коридорот 8 и Коридорот 10-д и согласно потпишаниот договор врз основа на тој закон, го задолжи Министерството за транспорт и врски да ги отпочне сите потребни процедури за почеток на активностите за проектирање, ангажирање на сите потребни ресурси кои се потребни за отпочнување на работите и, секако, за правење на трансакциите на финансиските средства кои се согласно со договорот и кои се за отпочнување на работите“,

рече Ковачевски.

Тој повтори и дека не постојат никакви пенали и оти „тоа се лаги на опозицијата кои од ден на ден се покажува дека се за правење хистерија“.

Одговарајќи на истото прашање – дали парите се за „Бехтел и Енка“, директорот на ЈПДП, исто така, не кажа конкретна сума, но потврди дека во тек се трансакциите и оти станува збор за пари наменети за мобилизација и авансно плаќање.

„Договорот е според правилата на ФИДИК, како што се и договорите за овие делници (експресен пат Ранковце-Крива Паланка) со ’Штрабак‘ и ’Гранит‘ се според тие правила. И според правилата на ФИДИК, секако, на почеток кога ги воведуваме на работа сите компании плаќаме авансно за мобилизирање на компанијата што ќе изврши градење и за сите други трошоци. На тој начин и според договорот што го имаме со ’Бехтел и Енка‘ и според програмата што е помината на Влада за плаќање за сите тие средства, ние ги почитуваме и договорот и програмата бидејќи тие средства се буџетски средства и ние сме во тек да ги реализираме сите тие трансакции што произлегуваат од договорот ама тие се за мобилизирање и за авансно плаќање за почеток на градежните работи“,

рече Рустеми.

На констатацијата и прашањето дали на првиот брифинг со медиумите Рустеми рекол дека првиот аванс ќе биде околу 80 милиони евра, директорот рече дека не сака да излегува со конкретни бројки бидејќи нив ги имале службите.

„Значи, сите тие се предвидени во договорот и според програмата што ја поминавме и на Влада. Сега не сакам да произнесувам точни бројки бидејќи тие се предвидени и службите ги имаат и според тоа што се предвидени и во финансиската програма и според договорот ние ги вршиме сите трансакции“,

рече Рустеми.

Мицкоски тврди дека исплатите се и за аванс и за пенали

Договорот со „Бехтел и Енка“ за изградба на автопатските делници од коридорите 8 и 10-д, како што беше презентирано од Владата, треба да чини околу 1,3 милијарди евра. Тие пресметки, како што потврди министерот Бочварски на еден од брифинзите со новинарите, се под услов власта да овозможи зголемување на работната недела за работниците ангажирани во изградбата. За тоа да го направи, пак, во Собранието беа предложени измени на Законот за работни односи.

Опозицијата, пак, тврди дека изградбата ќе чини многу повеќе, а поради тоа што законските измени не се направија во рок од 45 дена од потпишувањето на договорот (на 8 март), сега власта ќе плаќа пенали. Наспроти Ковачевски, кој обвини дека ВМРО-ДПМНЕ шири лаги за да прави хистерија, Мицкоски остана на тврдењето за вртоглави суми што треба да се платат дополнително.

„Бројката којашто врз основа на тој договор којшто го добивме ние од свиркач се облигации коишто ги има создадено државата, што по основ на тој договор, што по основ на пенали, е 301 495 000 евра. Околу 173 милиони евра се обврски коишто ги презела државата врз основа на самиот договор како авансно плаќање, како трошоци за подготовка на градилиште и трошоци за подготвителни работи, вклучително и менаџирање на самиот проект. Тоа се околу 173 милиони евра, а останатите се пенали поради тоа што во рок од 45 дена од потпишување на договорот не е променет Законот за работни односи, односно работната недела не е продолжена од 40 на 60 работни саати“,

рече денеска Мицкоски.

Информацијата дека кон ЈПДП се префрлени 120 милиони евра, тој ја даде во одговор на новинарско прашање дали досега се исплатени дел од парите за пенали и аванс.

„Имам сигурни информации, а еве ги повикувам медиумите да ги проверат, дека пред два дена од трезор се префрлени пари преку Министерството за транспорт и врски на ЈПДП, на Јавното претпријатие „Државни патишта“, околу 7 милијарди 250 милиони денари, тоа е околу 120 милиони евра. Приближно толку се и тие пари, претпоставувам треба да се веќе легнати на сметка на компанијата изведувач на овие делови од коридорите 8 односно 10-д. Оваа информација ја имам од пред два дена, односно да бидам попрецизен, од средата“,

рече Мицкоски.

Тој повтори и дека ВМРО-ДПМНЕ не се против изградбата на коридорите ниту, пак, против „Бехтел и Енка“, но се против, како што вели, „криминални политичари кои ги распродаваат народните пари“.

Се чека Џафери да каже кога договорот ќе се презентира пред пратеници

Што пишува точно во договорот, дали има пенали како што тврди опозицијата или нема, како што уверува власта, пратениците со безбедносен сертификат треба да се уверат наскоро. Кога ќе се случи презентацијата пред нив, денеска премиерот Ковачевски рече дека очекува повратна информација од претседателот на Собранието, Талат Џафери.

„Вчера имаше координација кај претседателот на Собранието, знаете дека го информирав да каже на кое тело, во која комисија треба да дојдат претставниците на Владата за да го презентираат договорот, значи сите детали во него на пратеници. Откако ќе добиеме повратна информација од претседателот на Собранието ќе можам да ве информирам. Сè дотогаш не би сакал да зборувам во името на претседателот на Собранието и во името на пратениците“,

рече премиерот.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

MARKETING

MARKETING

MARKETING

Претходно

Претставата „Одења и слични кореографски решенија“ го затвора вечерва „Танц фест“

Следно

Разузнавачката служба од странство во Туркије го донесе терористот на ПКК, Расим Акјол

Latest from Blog

Денот на албанското знаме во Скопје се прослави рафално, во Приштина и Тирана, достоинствено

Во Македонија се случи еуфорична прослава на албанско знаме, каква што немаше ниту во Косово ниту во Албанија. Тамошните граѓани, Денот на албанското знаме го прославија достоинствено. Во Тирана по повод 112

Македонија со убедлив пораз од Шведска го започна ЕП за ракомтарки

Женската ракометна репрезентација на Македонија со убедлив пораз од Шведска го почна настапот на Европското првенство, загубивме со 28-18. Македонските ракометарки имаа добар старт на мечот, поведовме и со 3-1, следуваше серија

Хаџи Јанев: Девастација на целиот систем 30 години, сите доајени на политикава се однесувале несоодветно

Во однос на состојбата во скривниците и нивното одржување, вечерва во дебатниот магазин „Click Plus“ на ТВ21 проговори и проф. Методи Хаџи Јанев. Тој вели дека има девастација на целиот сектор речиси

Славјето на Денот на албанското знаме на скопските улици заврши со засилено полициско присуство

Со колони возила со развиорени знамиња на Албанија вечерва низ скопските улици се славеше Денот на албанското знаме.  Во центарот на градот забележително беше засилено полициско присуство. Денот на албанското знаме денеска
Go toTop