Убиството за кое е осуден Мемети се случило во 2016 година во Мала Речица. Тој првично бил осуден во отсуство, бидејќи не бил достапен за органите на прогонот. Во 2020 година бил уапсен во Берлин, Германија и екстрадиран во земјава. По екстрадицијата, против Мемети била повторена судската постапка во која тој повторно е осуден на долгогодишна затворска казна
Министерството за внатрешни работи денеска распиша меѓународна потерница по 36-годишниот Беким Мемети, кој доцна синоќа под чудни околности, налик на филмско сценарио, им побегна на службениците на затворската полиција додека со службено комбе го спроведувале во болница.
„Мемети Беким, роден 30.1.1986 година во Тетово, каде што и живее на ул. „115“ бр. 8, кој се бара за бегство од КПУ ‘Идризово’ за сторено кривично дело по чл. 123, чл.396 и чл.215 од КЗ на РСМ“,
гласи меѓународната потерница распишана по затвореникот.
Убиството за кое е осуден Мемети се случило во 2016 година во Мала Речица. Тој првично бил осуден во отсуство, бидејќи не бил достапен за органите на прогонот. Во 2020 година бил уапсен во Берлин, Германија и екстрадиран во земјава.
По екстрадицијата, против Мемети била повторена судската постапка, во која тој повторно е осуден на долгогодишна затворска казна.
Министерството за правда утрово преку писмено соопштение информира дека синоќа во 23:20 часот, додека припадници на затворската полиција со службеното возило на КПУ „Идризово“ го спроведувале 36-годишниот затвореник со иницијали Б.М. од затворот во Ургентниот центар „Мајка Тереза“, заради укажување на лекарска помош поради повреда на десната рака, кај бензинската пумпа на „Лукоил“ на автопатот кон Скопје, биле пресретнати од возило марка „ауди“ со сива боја, кое им го блокирало патот.
Затвореникот во тој момент му го одзел пиштолот од футролата на затворскиот полицаец И.Х. кој го управувал комбето, пукал во него и го ранил во долниот дел на стомакот.
Возачот, поради повредата, го запрел возилото, а осуденикот се дал во бегство со „аудито“.
Од Обвинителството информираат дека по осуденикот се трага под сомнение дека сторил кривично дело обид за убиство на службено лице.
Во меѓувреме тројца од затворските полицајци, кои заедно со својот ранет колега го вршеле спроводот на осуденикот, како и нивниот сменски командир, се задржани во полициска станица.
Дежурен јавен обвинител на Основното јавно обвинителство Скопје, во врска со бегството на осуденикот издаде наредби за обезбедување на снимки од видеонадзорот во Казнено поправната установа, листинзи од телефоните на службените лица за да се утврди дали постојат основи на сомнение за кривично дело противзаконито ослободување лице лишено од слобода.
„Повредениот припадник на затворската полиција е задржан на лекување, додека другите тројца кои го спроведувале осуденото лице и нивниот сменски командир се задржани во полициска станица. Дополнително уште неколку лица се повикани да дадат свој исказ во полициска станица за целосно испитување на настанот. Со цел да се утврди дали во конкретниот случај се испочитувани законските процедури дали евентуално има основи за сомнение за кривично дело – противзаконито ослободување лице лишено од слобода од член 373 од Кривичниот законик, јавниот обвинител веднаш нареди да се обезбедат снимки од видеонадзорот во КПУ ‘Идризово’-Скопје, како и листинзи од мобилните телефони на службените лица. Од Управата за извршување санкции е побарано да изврши вонреден надзор врз почитувањето на затворските процедури“,
се наведува во соопштението на Јавното обвинителство.
Од Министерството за правда најавија дека Управата за извршување санкции, која е под надлежност на Министерството, ќе ги испитува околностите и пропустите што довеле до настанот, како и дали постои одговорност за организацијата на спроведувањето на затвореникот.
Сега, како што се наведува и во соопштението од Правда, Управата за извршување на санкции ќе треба да одговори на прашањата што се наметнуваат во врска со филмското бегство на затвореникот, а се однесуваат на почитувањето на протоколите за спровод на осудено лице.
Она што дополнително им дава тежина на ваквите прашања е што станува збор за затвореник, кој издржувал затворска казна од 21 година, за убиство и за трговија со дрога.
- Како се случило осуденикот да му го одземе пиштолот на затворскиот полицаец кој го управувал комбето на КПУ „Идризово“, дали седел до возачот?
- Дали бил врзан, согласно протоколите, или рацете му биле слободни?
- Дали станува збор за претходно добро организиран план за бегство, што според опишаните околности во соопштението од Министерството за правда наведува токму на вакво сценарио?
На овие прашања, но и на многу други, одговор се очекува да даде најавениот вонреден инспекциски надзор на Управата за извршување санкции на затворот „Идризово“.
Според Министерството за правда, односно Управата за извршување санкции, Беким Мемети бил осуден на вкупна казна од 21 година затвор, од кои 19 за убиство и две за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.
Казната ја издржувал од 28 декември 2020 година, а му истекува на 17 април 2040 година.
Она што досега е утврдено, а е дел од пропустите што треба да се испитуваат и за кои ќе се утврдува евентуална одговорност, е дека не била обезбедена полициска асистенција за спровод на осуденикот во болница.
ИЗВОР: 360stepeni.mk