Извонредно погрешниот напад на Тикток

April 4, 2023
5 mins read

Генерално, позитивно е кога партиите и функционерите од целиот политички спектар наоѓаат заедничка основа и работат заедно за решавање на колективните проблеми. Во случајот со Тикток, се погласното барање за забрана на апликацијата и спречување или драматично ограничување на пристапот до неа за американските граѓани е длабока грешка – не затоа што Тикток е многу важен на еден или друг начин, туку затоа што неговата забрана е во спротивност со клучната сила на американското општество: неговата отвореност.

Анимозитетот на Вашингтон кон Тикток расте со години. Во 2020, како што популарноста на апликацијата растеше во првите денови од пандемијата, така тогашниот претседател Доналд Трамп се закани со забрана, и ја притисна кинеската мајка компанија Бајтденс да се согласи дека сите американски податоци ќе бидат чувани во САД и контролирани од Оракл, американската компанија за сервери. Дури и кога Тикток сите американски податоци ги префрли на Оракл сервери во 2022, бунтот против него продолжи да расте по основа дека компанијата била закана за националната безбедност која одговара пред Кинеската комунистичка партија.

Претседателот Бајден не само што ги продолжи агресивните политики на својот претходник кон Кина туку и ги ескалираше, користејќи ја моќта на размената и трговијата за спречување на целиот извоз на напредни чипови и опрема во Кина и забранувајќи го Тикток на компјутерите и телефоните на американската државна администрација.

Загриженоста е дека мајката компанија на Тикток е во кинеска сопственост, па владата во Пекинг би имала пристап до податоците од стотици милиони американски корисници. Како што кажа директорот на ФБИ, Кристофер Вреј, „ова е алатка која во крајна инстанца е под контрола на кинеската влада – и таа, за мене, алармира на проблеми за националната безбедност.“ Друга загриженост што ја имаат некои критичари е дека кинеската влада би можела да ги користи алгоритмите на Тикток за да ги преплави американските корисници со дезинформација и пропаганда, потенцијално предизвикувајќи хаос во САД.

Овие забелешки не можат веднаш да бидат отфрлени, но тие се речиси сигурно претерани, според експерти за безбедност.

Податоците од Тикток корисниците (возраст, регион, пасворди, имиња, шопинг навики) не се ништо поразлични од она што го собираат неброени онлајн трговци и други социјални мрежи. Иако податоците се приватни и енкриптирани, најголемиот дел од нив можат да бидат собрани или анонимно (па често пати се користат во обемниот и профитабилен комерцијален пазар на податоци) или веќе се проверени од сајбер разузнавачки агенции. Корисничките податоци никаде не се посебно безбедни. Што и да сакала кинеската влада да собере од корисниците на Тикток, таа веројатно го има собрано, без разлика каде се чуваат податоците.

Потоа тука е теоријата за погон на хаосот, дека Тикток по насоки од кинеската влада некако би можел да предизвика забуна во домашната политика и да промовира одредена идеологија во САД. Ова потсетува на руското мешање во изборите 2016, што нормално предизвикува одредена загриженост. Меѓутоа додека странските влади можат да се обидат да ги користат социјалните мрежи за ширење дезинформации и предизвикување поделба, вкупниот ефект од ова не е јасен во контекст на толку многу друга галама што ја има во сајбер светот. Дали тоа може да ја засили веќе нервозната политичка клима? Можеби, но речиси сигурно тоа нема да може само од себе и не на кој било јасен и насочен начин, а тоа претпоставува целосна и тотална контрола на Тикток од Пекинг, што е нешто во што ретко кој во моментов верува или обвинува.

Но ајде да речеме дека ККП може и ќе го користи Тикток. Дури и тогаш забранувањето на апликацијата е ужасна идеја за САД. Зошто? Затоа што темелната сила на САД е дека е отворено општество во кое информацијата може и тече слободно. Забранувањето на Тикток, платформа со често пати неверојатно креативна и често пати зачудувачки банална содржина која стига до 150 милиони Американци, е чекор наназад од отвореното општество и чекор кон затворено.

Токму затоа размислувањето на САД за забранување на Тикток е многу поразлична работа отколку во Индија, која веќе го забрани Тикток. Владата на Нарендра Моди во Индија веќе ја засили цензурата во повеќе сфери, а неговиот потег против Тикток и други кинески апликации се дел од поширок обид за контрола на информациите. САД, сепак, имаат богата традиција на слобода на говор и создадоа правен апаратус за заштита и поттикнување на отворениот тек на информациите. Не се работи само за Првиот амандман на Уставот и последователните судски случаи и преседани создадени за да го поттикнат правото на слобода на говорот; се работи за јасната поврзаност меѓу здрава, робусна демократија и способноста да се комуницираат сите идеи, дури и оние што многумина ги сметаат за погрешни и прекорливи, без страв од цензура и потиснување од владата.

Кинеската Влада нема такви вредности, и всушност верува дека информациите први и најважно треба да и служат на државата. Да, кинескиот Устав предвидува заштита на правото на слобода на говор но не ако таков говор „ги поткопува интересите на државата“. Слободниот говор во Кина не се смета за клучен столб на силата на нивното општество, тој провизорен и вреди се додека не го поткопува првенството на Комунистичката партија.

Наспроти нив, САД се борат за отворено општество како врвен гарант за човековата слобода и просперитет, и како една од најробусните кочници на неограниченото практикување на владина и корпоративна моќ. Ние можеме да дебатираме дали отвореноста и слободниот говор навистина им служат на овие цели, но тие во најмала рака го отежнуваат наметнувањето на контрола. И распространетата бучавост во американското општество исто така е забележителен контраст на многуте други држави низ времето и еден од препознатливите знаци на демократијата која дозволи поединците да кажат и да прават тоа што ќе одберат.

Ова, за возврат, беше погонот за богата култура на иновации и креативност, научна и уметничка, вклучувајќи го и создавањето и комерцијализацијата на сајбер-свет кој сега сите го населуваме. Тикток можеби е кинеска апликација, но е изградена на американска иновација.

Меѓутоа ако Тикток како исклучителна апликација на социјална мрежа во суштина е манифестација на американската сила, забранувањето на Тикток во суштина е копирање на кинеската политика. Кина создаде свој внатрешен интернет и го изгради „Големиот фајрвол“ за да го спречи влегувањето на непосакувани информации во јавната сфера. Кинеската влада, со своите легии од цензори, контролира што и како може да биде кажано, и ги казнува оние кои премногу ќе скршнат од прифатените параметри. Тоа само се зголеми по нула-ковид политиките кои зависеа од масовно следење на смартфоните за да се контролира движењето на американските граѓани. Напорите да се контролираат 1,5 милијарда луѓе, што ќе кажат и како ќе кажат во јавност, се еден од начините на кои партијата ја задржува контролата во Кина. Тоа е изворот на нивната сила.

САД никогаш нема да можат да се натпреваруваат со Кина во цензурирање информации, ниту пак треба да се натпреваруваат. Но тоа би можело да ја поткопа нашата виталност како отворено општество ако се тргне по патот на забранување апликации во име на национална безбедност. Бранот на црни листи и апсења од ерата на Меккарти на Американци кои изјавуваа комунистички па дури и социјалистички верувања и симпатии не го направија САД побезбеден во првите денови од студената војна; ја направија земјата попараноична и покршлива, ја поткопаа креативноста и слободниот тек на научни информации и на кратко се заканија дека ќе ја поткопаат стабилноста на самите владини агенции како Стејт департментот и Пентагон кои беа задолжени за зачувување на националната безбедност.

Америка и не е нешто посебно добра во потиснување на слободата на говорот, и тоа е добро. И ние не треба да работиме на иднина во која ќе бидеме подобри со тоа што повторно ќе се пробаме во цензура. За САД ризикот од Тикток е далеку помал отколку од ризикот за забранување на Тикток.

Веројатно единствениот позитивен знак кај можната забрана е дека тоа можеби ќе им даде енергија на десетици милиони пасионирани Тикток корисници низ САД – од кои најголемиот дел помлади од 30 години – да ја искористат својата политичка моќ, да го искористат својот глас и говор, за со гласање да ги сменат оние што дале поддршка за забраната. Не треба да изненадува што Александра Оказио Кортез, една од политичките икони на таа група, веднаш се спротивстави на забраната, додека истовремено го повика Конгресот да воведе поригорозни закони за приватност на податоци, направени за да се заштитат Американците од секаков вид на жнеење податоци, од кој најголемиот дел се случува од американски компании. Секако, ќе биде иронија само по себе дека во обид да се замолчи говор, оние кои ја воведоа забраната ќе ослободат многу повеќе говор од сегмент на популацијата која е обвинета дека е политички апатична. Меѓутоа и овој можен ќар сепак не е цената што се исплати да се плаќа.

Кина можеби е предизвикот за САД во 21 век и на извесен слободен светски поредок. Пресретнувањето на овој предизвик ќе бара зголемување на силите на отвореното општество. Забраната на Тикток е акт на слабост што нема никако да помогне да се направи Америка да биде побезбедна, и всушност ќе го направи спротивното.

Закари Карабел,
Политико

ИЗВОР: off.net.mk

MARKETING

MARKETING

MARKETING

Претходно

Нинисто: Членството на Финска во НАТО не е насочено против никого

Следно

Ученици ја посетија „Лајка“ и учеа за одговорно сопствеништво

Latest from Blog

Димитриеска-Кочоска: Даночното затајување е предизвик на сите земји, клучно во борбата е соработката и размената на податоци

Даночното затајување е предизвик присутен во сите земји, како во неразвиените, така и во развиените, затоа соработката помеѓу земјите и размената на инфорамции е клучна во борбата со овој феномен, порача министерката

Има ли надеж шесте еко автобуси на ЕУ да ги „повлечат“ ветените 250?

Во јавниот градски превоз во главниот град следната недела треба да се вклучат шест нови еколошки автобуси на компримиран природен гас, што Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) вчера ги доби преку проект од

Мицкоски: Нашата визија е јасна- сакаме јавна администрација која ќе биде пример за ефикасност, транспарентност и отчетност

Денес зборуваме за една важна тема која со годините многу малку била предмет на една темелна- студиозна анализа, ниту пак била предмет на еден професионален пристап, а тоа е администрацијата и мерките
Go toTop