Икер Касиљас повторно се најде во фокусот на вниманието, но овојпат не поради нешто поврзано со Реал Мадрид на теренот. Легендарниот голман на Кралскиот клуб предизвика бројни реакции меѓу навивачите со објава на социјалните мрежи.
Касиљас сподели видео во кое преку различни фудбалски сегменти се прави споредба меѓу Лионел Меси и Кристијано Роналдо. Содржината е конципирана така што во повеќе категории Аргентинецот е претставен како подобар од португалската суперѕвезда.
Токму тоа беше доволно за дел од навивачите на Реал Мадрид да реагираат жестоко.
Касиљас со години беше еден од симболите на мадридскиот гигант, а во периодот поминат на „Сантијаго Бернабеу“ беше и соиграч со Роналдо. Заедно освоија голем број трофеи и оставија значаен печат во историјата на клубот.
Поради тоа, дел од мадридистите неговата објава ја доживеаја како непотребен потег. На социјалните мрежи можат да се прочитаат и остри коментари, а некои навивачи дури тврдат дека Касиљас со ваквото однесување се „избришал од историјата на Реал“.
Сепак, важно е да се нагласи дека Касиљас директно не кажа дека Меси е подобар фудбалер од Роналдо. Тој само го сподели видеото, но содржината очигледно беше доволна повторно да ја разгоре една од најголемите дебати во фудбалот.
Ривалството меѓу Меси и Роналдо со години го делеше фудбалскиот свет, особено во периодот кога Аргентинецот беше лидер на Барселона, а Португалецот предводник на Реал Мадрид.
Касиљас, како еден од фудбалерите кој одблизу го доживеа тоа ривалство и беше соиграч со Роналдо, сега со една објава повторно ја отвори вечната дилема – кој е подобар меѓу двајцата.
И очекувано, дебатата повторно се разгоре меѓу навивачите.
Извор: sportmanija.mk

