Доналд Трамп го пречека кинескиот претседател Шји Џинпинг со прелет на воени авиони и со црвен тепих долг 30 метри на почетокот на нивниот тридневен самит во Вашингтон. Во потег што ретко се случува, Трамп ја пречека кинеската делегација на аеродромот, додека оркестарот на американските воздухопловни сили маршираше на пистата и се вееја американски и кинески знамиња.
Трамп и првата дама Меланија Трамп ги пречекаа Шји и неговата сопруга Пенг Лијуан во воената база „Ендрјус“ во Мериленд.
Се очекува првата посета на Шји на Вашингтон од 2015 година да опфати состаноци зад затворени врати, свечена вечера и бројни теми за дискусија, од вештачка интелигенција, преку Иран и Тајван, до трговија.
Ова беше првпат од 1962 година американски претседател лично да пречека странски лидер во базата, што тогаш го направи Џон Кенеди за посетата на британскиот премиер Харолд Мекмилан. Меланија Трамп изјави дека била директно вклучена во планирањето на распоредот на посетата, додавајќи дека Трамп одлучил лично да го пречека Шји на аеродромот зашто имаат одличен однос.
Американскиот министер за финансии Скот Бесент објави вчера дека САД и Кина ќе го продолжат своето трговско примирје до јануари. Договорот, според кој Трамп ги намали царинските стапки за одредени кинески стоки, требаше да истече на 10 ноември.
По средбата со кинескиот вицепремиер Хе Лифенг, Бесент рече дека разговарале за можноста за постигнување посеопфатен трговски договор во иднина.
„Кина и САД се големи нации, а нивните народи се големи народи. Двете земји треба да бидат партнери, а не ривали“, рече Шји пред доаѓањето во САД.
Шји е придружуван од Цаи Ки, член на Постојаниот комитет на Политбирото на партијата, кој се смета за негова десна рака, вицепремиерот Хе Лифенг, министерот за надворешни работи Ванг Ји и од други делегати од Пекинг.
Извор: vecer.mk


