Германија си оди дома, Холандија исто така. Две големи фудбалски репрезентации од Европа се елиминирани уште во 1/16 финалето на СП. Бразил успеа да ја победи Јапонија. Во секој случај беше супер интересно во вториот ден од 1/16 финалето на Мундијалот.
Денеска гостин во нашата рубрика “Коментар на денот“ е Мирсад Јонуз кој за нашите читатели има и тоа што да каже пред се за дебаклот на Германците.
-Германија си оди дома…
“Заслужено. Оваа Германија не личи на ништо. Ова е голем удар за Германија и како нација. Зарем на таков начин да бидеш елиминиран од еден Парагвај, навистина сум фрапиран. Четата на селекторот Нагелсман не играше ништо, ама буквално ништо. Во првото полувреме речиси и да немаа удар кон голот на противникот. Никаква тактика, никаква идеја што треба да се стори. Навистина чудно. А имаат и тоа како добри поединци, големи ѕвезди. Но, кога имаш за селектор еден таков тип како Нагелсман, нема тука што да се коментира. Јас не знам што видоа во Нагелсман за да го стават селектор. По се изгледа дека во Баерн Минхен многу бргу го „прочитаа“ па затоа и го шутнаа. И пред некој ден реков за него дека е несериозен, еве истото се повторува. Овој меч не смееше да се загуби. Германија има тенери, има тренеришта, а тие го поставија пубертетлијата и еве што им се случува. Срамота за една таква голема фудбалска нација“.
-Мароко ја елиминира Холандија…
“Па, и не е некоја голема сензација. Секако дека Холандија е фудбалска велесила, но Мароко е нешто посебно. На минатото СП во Катар, во живо ја следев оваа селекција и просто ме воодушеви, се пласираа во полуфиналето. Сега се уште посилни, позрели, тактички уште подобри. Мароко ќе стигне далеку на овој Мундијал. Имаат се што треба за да се оствари тоа, а имаат пред се квалитет. Храброст, борбеност, знаат да менуваат тактика кога ќе им затреба, едноставно сериозна селекција на која мора да се смета во завршницата од Мундијалот. Холандија негативно ме изненади пред се во пенал – серијата. Исто како Германците. Како со страв да шутираа пенали, како да не знаеја каде се наоѓаат.Едноставно не беа психолишки спремни за вакво нешто. Сепак тоа е фудбалот, некој мора да биде поразен“.
-Бразил е во 1/8 финалето…
“Бразил ја победи Јапонија, во одредени моменти навистина одигра добро, посебно во првата фаза од второто полувреме. Сепак, сепак не можам во целост да го дефинирам овој Бразил на Анчелоти. Како нешто да и фали, како да не е овој Бразил спремен за битка за титулата. Но, ајде да видиме. Можеби како ќе одминува првенството ќе биде уште подобро, сепак тоа е Бразил и тоа е Анчелоти. А секако дека е тешко да се игра постојано против бункер. Сега кога ќе треба и да се брани, кога ќе игра против посилни селекции, ќе видиме на што тоа ќе личи.Инаку да споменам дека уште пред извесно време реков дека во светскиот фудбал на репрезентативно ниво некои работи се менуваат. Се гледа дека европските репрезентации не се веќе така моќни. А причината е јасна. Во најдобрите клубови во Европа играат голем број играчи од останатите континенти, а кога е така тогаш репрезентациите си имаат проблем. Мислам на европските и затоа Германија, Холандија си одат дома а Мароко и Парагвај одат во 1/8 финалето“ заврши Јонуз.
Извор: vecer.mk


