16 јуни 2026 година, Скопје – Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска се обрати на првиот „Ден на ИФЦ“ во Македонија, настан организиран од Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ).
Во своето обраќање, министерката истакна дека во услови на глобални предизвици, инвестициите, иновациите и силниот приватен сектор остануваат главни двигатели на економскиот раст, продуктивноста и отворањето нови работни места.
“Нашата определба е да поддржиме инвестиции што создаваат поголема додадена вредност, отвораат нови работни места и ја зголемуваат конкурентноста на меѓународните пазари, вклучително преку интеграција во глобалните синџири на вредност“, истакна министерката Димитриеска-Кочоска.
Таа нагласи дека Владата останува посветена на создавање стабилна, предвидлива и стимулативна деловна средина за инвестиции, претприемништво и одржлив развој, при што партнерството со ИФЦ има особено значење, не само од аспект на финансиската поддршка, туку и преку експертизата и преносот на меѓународни практики.
Министерката ја поздрави поддршката на ИФЦ за реализација на крупни инвестициски проекти, вклучително и развојот на ветерниот парк кај Штип, како и инвестициите во индустриската модернизација и декарбонизација, оценувајќи дека тие придонесуваат за отворање нови работни места, трансфер на технологии и зајакнување на конкурентноста на домашната економија.
Димитриеска-Кочоска посочи дека македонската економија бележи раст седум квартали по ред, а последните податоци покажуваат раст на БДП од 3,1 проценти во првото тримесечје од 2026 година, што, како што рече, е потврда дека политиките насочени кон стабилност, инвестиции и поддршка на приватниот сектор даваат конкретни резултати.


