Со свечена церемонија на платото Монмартр во Старата битолска чаршија денеска заврши 45-тото издание на светската детска ликовна колонија „Мал битолски Монмартр“, една од најзначајните културни манифестации за деца и млади уметници во светот.

На завршниот настан беа доделени сертификати за учество, како и најпрестижните признанија на колонијата. Наградата за најдобар ученик-учесник ја доби Лена Павковиќ од ликовното ателје „Артино“ од Белград, Србија. Признанието во име на жирито на Детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј“ Битола го врачи Славчо Неделковски.
За најдобро училиште на годинашната колонија беше прогласено „Simply Art“ од Хонг Конг, Кина, предводено од професорите Хенри Лау и Ирис Ли. Наградата ја додели претседателот на Советот на Општина Битола, Бојан Бојкоски.

Повеќе од 100 млади уметници во изминатите пет дена твореа на повеќе локации во Битола, меѓу кои Старата чаршија, Широк Сокак и Офицерскиот дом, а дел од програмата беше реализирана и во Охрид и манастирот „Св. Јован Бигорски“.
Синоќа пред Офицерскиот дом беше поставена голема изложба со повеќе од 700 ликовни дела создадени за време на колонијата. Во рамки на настанот беа доделени и признанијата „Млади надежи“ на 17 талентирани учесници.
Општина Битола и оваа година ја поддржа манифестацијата, која во последните пет години е дел од годишната програма за култура на општината, преку која се финансираат бројни културни и уметнички настани во градот.


