27 мај 2026 година, Љубљана – Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска престојува во работна посета на ЦЕФ – Центарот за извонредност во финансии во Љубљана, Словенија, во рамки на активностите поврзани со унапредување на соработката меѓу Министерството за финансии и оваа регионална организација.
Во рамки на посетата, министерката оствари средба со директорката на ЦЕФ, Јана Рапншек, и со тимот на организацијата, на која се разговараше за тековната соработка, заедничките приоритети во управувањето со јавните финансии и реформските процеси, како и за потребите од понатамошно зајакнување на институционалните капацитети.
Министерката се сретна и со Матеја Враничар Ерман, претседателка на Советодавниот одбор на ЦЕФ, при што беа разменети мислења за улогата на ЦЕФ во поддршката на регионалната соработка, размената на знаења и професионалниот развој на јавната администрација.
Република Македонија и Министерството за финансии имаат долгогодишна успешна соработка со ЦЕФ, преку чии програми континуирано се зајакнуваат капацитетите на вработените во Министерството за финансии и во другите институции.
Министерката Димитриеска-Кочоска оваа година претседава со Управниот одбор на ЦЕФ. Во таа насока, во Скопје на 22 јуни ќе се одржи седница на Управниот одбор на ЦЕФ, а посетата во Словенија е дел од подготовките за организација на претстојната седница.
Во рамки на посетата, министерката ќе се обрати и пред учесниците на меѓународна обука организирана од ЦЕФ, посветена на унапредување на капацитетите на вработените во јавниот сектор.

