Голема акција за пошумување беше реализирана на локалитетот Маркови Кули во Прилеп, каде во рамки на проект финансиран од Бирото за регионален развој беа засадени вкупно 6.000 садници на даб. Акцијата се одржа по повод одбележувањето на Денот на пролетта и претставува дел од пошироките напори за заштита и унапредување на природното наследство.

Пошумувањето беше спроведено на дел од теренот над новите градски гробишта, на патот кон Трескавец, при што изборот на садниците е направен согласно стручните прописи за зачувување на овој заштитен локалитет.
Градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски, истакна дека ваквите активности треба да станат традиција и начин на одбележување на пролетта.

„Видот на садниците е определен согласно прописите од Институтот за старословенска култура, кој се грижи за изгледот и заштитата на овој споменик на природата. Сметам дека ова е начинот на кој треба да го одбележуваме Денот на пролетта, а ваквите акции да станат уште почести“, изјави Проданоски.

Заменик-директорот на ЈП „Македонски шуми“, Кире Михаилов, ја поздрави иницијативата, нагласувајќи дека особено радува вклученоста на младите.
„Навистина ми е мило што гледам голема ангажираност, особено кај најмладите кои заедно со своите родители дадоа придонес. Ова треба да биде пример за цела Македонија“, рече Михаилов.
Проектниот координатор Гоце Бојкоски упати апел до граѓаните за поголема вклученост во вакви акции во иднина, посочувајќи дека Општина Прилеп и ЈКП „Комуналец“ ќе обезбедат логистичка и техничка поддршка.
Покрај садниците, Општината обезбеди и опрема за идни еколошки активности, меѓу кои трактор, 25 дупчалки за садење и околу 100 парчиња друг алат, која ќе им биде достапна на сите граѓани и волонтери.
Во акцијата учествуваа претставници на локалната самоуправа, јавните претпријатија, училиштата, државни институции, ЈП „Македонски шуми“, ЈКП „Комуналец“ – Прилеп, како и бројни граѓани и здруженија.
Од Општина Прилеп изразија благодарност до сите учесници, потенцирајќи дека ваквите иницијативи ја зајакнуваат заедничката грижа за природата и придонесуваат за одржлив развој на животната средина.
Извор: zurnal.mk


