Американскиот претседател рече дека ќе побара одговорните да ги сносат последиците и дека ќе изврши поголем притисок за подобра регулација и надзор на поголемите банки
Американскиот претседател Џо бајден денеска изјави дека и покрај ненадејниот банкрот на банката „Силиконска долина“ (СВБ) финансискиот систем на САД останал недопрен.
Затворањето на банката кое се случи во петокот е најголемиот колапс на банка од 2008 година, кога Вашингтон Мјутуел пропадна во екот на глобалната финансиска криза, потсетуваат светските медиуми.
Претседателот на САД во своето денешено обраќање рече дека Американците можат да бидат сигурни во безбедноста на националниот банкарски систем.
„Вашите депозити ќе бидат таму кога ќе ви бидат потребни“,
рече Бајден.
Средствата на банката во Силиконската долина беа запленети од страна на американската Федерална осигурителна корпорација, а банката попушти откако нејзините клиенти, главно ИТ работници и фирми за ризичен капитал, почнаа да ги повлекуваат своите пари.
Американскиот претседател рече дека ќе побара одговорните да ги сносат последиците и дека ќе изврши поголем притисок за подобра регулација и надзор врз поголемите банки.
Министерот за финансии на САД Џенет Јелен вчера изјави дека федералната влада нема да ѝ помогне на банкротираната банка на Силиконската долина, туку работи на помош на нејзините корисници.
Британската филијала на банкротираната банка во Силиконската долина на Калифорнија е продадена на HSBC со посредство на британската влада и Банката на Англија, соопшти денеска британското министерство за финансии.
Осврнувајќи се на досието на банката, Гардијан во својата анализа напиша дека СВБ е отворена пред четири децении во срцето на регионот познат по својата технолошка сила и паметно одлучување. Оваа банка со седиште во Калифорнија прерасна во 16-та најголема банка во САД, која ги опслужува финансиските потреби на технолошките компании ширум светот, пред серијата несреќни инвестициски одлуки да доведат до нејзин колапс.
Иако проблемите на СВБ произлегуваат од претходните одлуки за инвестирање, алармот беше вклучен на 8 март, кога банката објави зголемување на капиталот од 1,75 милијарди долари. Банката им кажа на инвеститорите дека мора да ја затвори дупката предизвикана од продажбата на нејзиното портфолио на обврзници со загуба.
Клиентите станаа свесни за длабоките финансиски проблеми во СВБ и почнаа масовно да повлекуваат пари. За разлика од банката ориентирана кон граѓаните, која ги опслужува компаниите и домаќинствата, клиентите на СВБ генерално имале многу поголеми сметки. Тоа значеше дека стампедото на банката било брзо.
Два дена откако објави дека ќе го собере капиталот, компанијата од 200 милијарди долари пропадна. Тоа беше колапс на најголемата банка во САД по светската финансиска криза.
Извор: 360stepeni.mk