Од стаклените облакодери до циглестите фасади со пожарникарски скали што се симнуваат до тротоарот – секоја зграда во Њујорк носи свој ритам, приказна и идентитет. Нивната разновидност ја одразува глобалната душа на градот и архитектонската слобода што постои само овде.
Прошетката низ Петтата авенија или Менхетн е како да чекориш низ архитектонска еволуција: од класичен арт-деко со карактеристичниот сребрен врв, преку стаклените облакодери што зборуваат за технолошка моќ и енергетска ефикасност, па се до чиста луксузна екстраваганција.
Фасадите тука не се само обвивки – тие се порака, статусен симбол и понекогаш провокација. А токму во тие фасади, Њујорк ја крие својата вистинска приказна – гласна, шарена и невозможно фасцинантна.
Трамп Тауер – злато, стакло и политика
Една од најфотографираните згради во градот е Трамп Тауер на Петтата авенија. Изградена во 1983 година, нејзината темна стаклена фасада со златни акценти ја симболизира естетиката и амбициите на нејзиниот сопственик – Доналд Трамп. Освен што е деловна зграда, Трамп Тауер содржи и луксузни станови, со поглед кон Централ парк, каде цените достигнуваат и над 20 милиони долари.
Фасадата е минималистичка, но масивна, со остри агли и цврсти линии. Внатрешноста е речиси раскошна – мермер, бронза, златни површини – се со цел да остави впечаток на ексклузивност и влијание.
Луј Витон – фасада што се менува
Наспроти помпезноста на Трамп Тауер, продавницата на Луј Витон на Менхетн (новата зграда реновирана во 2023 година) е футуристичка и софистицирана. Нејзината фасада е направена од динамично стакло и метал, кое ја менува бојата во зависност од светлината и аголот на гледање. Архитектурата е во служба на брендот – скапоцена, но не нападна.
Објектот стана атракција не само за купувачите, туку и за љубителите на архитектурата. Дизајнот е дело на прочуеното архитектонско студио Peter Marino Architect.
Највисокиот врв: Централ Парк Тауер
Њујорк е дом на неколку од највисоките згради во светот, но Централ парк Тауер на 57 улица е моментално највисоката зграда во светот, со висина од 472 метри или 1.550 стапки.
Фасадата на оваа зграда е комбинација од стакло, челик и алуминиум, создадена така што рефлектира и дневна и ноќна светлина, постигнувајќи ефект на „невидливост“ во некои агли. Цените за становите таму започнуваат од 7 милиони долари, а најскапите пентхаус единици надминуваат 100 милиони долари.
Оваа милијардерска улица (Billionare’s Row), каде што е сместена зградата, е симбол на нееднаквоста, но и на технолошкиот и инженерски напредок.
Цигла и скали: Урбаниот шарм на старите њујоршки згради
Додека облакодерите на Менхетн се натпреваруваат во височина, а стаклените фасади сјаат како огледала на иднината, по улиците на Менхетн, Харлем и Бруклин се уште живее една поинаква архитектонска приказна – онаа на црвените циглести згради со надворешни пожарникарски скали.
Овие згради, изградени главно во периодот од крајот на 19. век до средината на 20. век, не само што се дел од урбаното наследство на Њујорк, туку и важен дел од неговата културна меморија. На нивните фасади висат железни, често црно обоени скалила кои во минатото биле практични, но денес се и симболични.
Старите згради од црвена цигла, често со надворешни пожарникарски скали од ковано железо, се еден од најпрепознатливите мотиви на градот.
Надворешните противпожарни скали се резултат на тогашните градежни прописи – особено по големите пожари во втората половина на 1800-тите, кога градот вовел обврска за втора рута за евакуација. Бидејќи повеќето објекти биле тесни и не дозволувале внатрешно скалило, решението било надворешни скали.
Конструкциите се правеле од ковано железо, често со украсни детали, а подоцна станале карактеристичен визуелен елемент на урбаната архитектура.
Со текот на времето, овие скали станале повеќе од безбедносен елемент. На нив се пие утринско кафе, се седи во летните вечери, се читаат книги, се гледаат улични сцени. Во многу филмови и серии – од Френдс до Спајдермен тие се место за интеракција, бегство или романса.
Денес тие се симбол на урбана романтика. Тие се сцена за филмски бакнежи или едноставно место каде што животот се одвива над улицата, но под прозорецот.
Циглестите фасади, често со траги од стареење, графити или стари реклами, го даваат она чувство на „вистински Њујорк“. Тие не се луксузни, но се топли и полни со приказни.
Некои од нив денес се претворени во луксузни станови, но многу се уште се дел од rent-controlled системот – со пристапни кирии што се чувани за локалните жители со децении.
Слика што зборува сама за себе
Погледот на зграда од цигла со пожарникарски скали, со доловена светлина на зајдисонце, чад од пица-дуќан и неколку закачени алишта – тоа е Њујорк каков што го сакаме од филмовите, но каков што и се уште постои.
Во Њујорк фасадата не е само надворешност, таа е став, порака и понекогаш предизвик. Од мермер до цигла, од злато до стакло – зградите тука се најгласните сведоци на историјата, контрастите на еден град што не престанува да се менува.
Овој град не е само архитектонски спектакл, туку и визуелна енциклопедија на стилови, класи и амбиции.
Њујорк останува жив учебник по архитектура, отворен за сите што сакаат да го читаат и да се восхитуваат. Градот зборува на сите јазици на архитектурата – гласно, различно и секогаш со стил. /МИА
Извор: vecer.mk