Министерството за правда потврди: Апсолутна застареност за извршување на казната на Даравелски настапува во 2028 г.

4 mins read

Согласно известувањето од Основен суд Куманово, апсолутна застареност на извршувањето на казната по пресуда на Основниот суд Скопје 1 К.бр.809/05 настапува на 26.3.2028 година. Застареност констатира само надлежен суд, велат од Министерството за правда за „360 степени“

„360 степени“ вчера објави дека една од правните опции е поранешниот директор на Царинската управа да бара повторно да седне на обвинителна клупа и да има ново судење со оглед на тоа што при првото му се судеше во отсуство. Од судот во Куманово за „360 степени“ информираат дека досега не е пристигнато никакво барање од Даравелски или од негови адвокати во врска со евентуално повторно судење

Министерството за правда ја потврди тезата на „360 степени“ дека за поранешниот директор на Царинска управа, Драган Даравелски, сепак, не настапила застареност на извршување на казната.

Даравелски, како што потврдија од МВР за „360 степени“, вчера беше приведен на граничниот премин „Табановце“ во обид од Србија да влезе во Македонија.

Тој беше однесен во затворот „Идризово“, а во јавноста веднаш се наметна дилемата – зошто по речиси две децении живот во бегство, тој одлучил да се врати во земјава и, практично, да им се предаде на судските и затворските власти?

Во дел од медиумите излегоа тези дека тој наскоро би можел да биде слободен граѓанин бидејќи настапила застареност на извршување на санкцијата.

Основата за наводите беше член 109 од Кривичниот законик (КЗ), кој го регулира застарувањето на извршување на санкцијата и во кој е определено кога казната нема да се изврши.

Случајот со Даравелски го покрива ставот 3 од овој член кој предвидува дека „казната нема да се изврши кога ќе поминат десет години од осуда на затворска казна од над пет години“. Даравелски беше осуден на седум години, а пресудата стана правосилна во 2008 година, што значи дека ако се анализира само оваа одредба, за поранешниот прв цариник застареност настапила во 2018 г.

Правда: Нема застареност на извршувањето на казната

„360 степени“, во недостиг на официјални информации, вчера стапи во контакт со повеќе судии и правници со цел да се согледаат можните сценарија за понатамошниот тек на настанатите. Според едното сценарио, нема застареност на извршувањето на казната на Даравелски.

Според членот 111 од Кривичниот законик (КЗ) кој го регулира текот и прекинот на застарувањето на извршувањето на казната, во ставовите 2 и 3 се предвидува дека застарувањето се прекинува во услови кога извршувањето на казната не може да се преземе, како и со секое дејствие што надлежните органи го преземаат за осуденикот да ја изврши казната.

Тоа би значело дека, со тоа што по правосилноста на пресудата за Даравелски надлежните постапувале односно испратиле најмалку три барања за екстрадиција (2013, 2016 и 2020 г.), тој не би можел да се повика на застарување во овој момент.

Она во што би можел осуденикот да полага надеж за спас, е апсолутна застареност која е регулирана во став 5, член 111 од КЗ.

„Застареност на извршувањето на казната настапува во секој случај кога ќе помине двапати онолку време колку што според законот се бара за застареност на извршувањето на казната“,

гласи оваа законска одредба.

Со оглед дека за Даравелски е предвидено релативна застареност на извршувањето на казната за 10 години, за да има апсолутна би било потребно двојно повеќе време односно 20 години. Тоа значи дека таа би настапила во 2028 година.

Ваквото сценарио денеска ни го потврдија од Министерството за правда.

„Согласно известувањето од Основен суд Куманово, апсолутна застареност на извршувањето на казната по пресуда на Основниот суд Скопје I Скопје К.бр.809/05 настапува на 26.03.2028 година. Застареност констатира само надлежен суд“,

одговорија од Министерството за правда за „360 степени“.

Адвокатите на Даравелски засега не поднеле барање за повторно судење

Другото можно сценарио кое „360 степени“ го објави вчера, е поранешниот директор на Царинската управа да бара повторно да седне на обвинителна клупа и да има ново судење со оглед на тоа што при првото му се судеше во отсуство.

Тоа го овозможува Законот за кривична постапка и тоа по два основи. Во ставот 1 од членот 456 се предвидува дека кривичната постапка ќе се повтори ако осуденикот или неговиот адвокат поднесат барање за повторување на постапката во рок од една година откако лицето ќе дознае за пресудата со која е осудено во отсуство.

Во ставот 2 од истото член, се предвидува повторување на постапката ако против лицето осудено во отсуство во тек е постапка за екстрадиција и доколку државата во која се наоѓа лицето (во случајот Србија) бара гаранции дека на лицето ќе му се дозволи повторно судење.

Северна Македонија во неколку наврати испраќаше барања за екстрадиција на Даравелски до Србија, а македонските органи веќе гарантирале право на повторено судење, што го потврдува Основниот суд Скопје 1 во соопштение објавено во 2016 година.

„Во текот на 2014 година, Основниот суд Куманово и Министерството за правда се обратиле до Основниот суд Скопје 1, како првостепен суд кој ја донел пресудата, со барање да издаде гаранција дека на Даравелски ќе му се суди во негово присуство доколку побара повторување на постапката пред овој суд, за што е издадена гаранцијата по повеќе преписки на Судот со Министерството за правда во Србија преку Министерството за правда во Македонија“,

гласи дел од соопштението на судот пред речиси седум години.

Но, прашање е дали би се земала предвид ваквата гаранција со оглед дека српските власти, сепак, не го екстрадираа Даравелски туку тој беше приведен на граничниот премин при обид за влез од Србија во Северна Македонија.

Како дополнување на ваквото сценарио, нашите извори брифираат дека во случај да има повторно судење, тогаш би можела повторно да се констатира застареност, но на кривичното гонење. Имено, Даравелски беше осуден на затворска казна за злоупотреба на службената положба, дело кои го сторил најдоцна до 2002 година. За дела кои се казнуваат со казна затвор меѓу 5 до 10 години затвор, Кривичниот законик предвидува апсолутно застарување на кривичното гонење по истек на 20 години од извршување на делото, доколку против лицето нема правосилна пресуда. Во моментов, за Даравелски има правосилна пресуда па апсолутната застареност на кривичното гонење не е релевантно. Но, ако му биде одобрено повторно судење што ќе значи поништување на правосилната пресуда, се отвора можност веднаш да биде констатирана и апсолутна застареност на кривичното гонење.

Во поглед на ваквото сценарио, од Министерството за правда за „360 степени“ велат дека немаат надлежност да толкуваат постапки на суд.

„Министерството за правда е надлежно да постапува само и исклучиво во постапката за екстрадиција. Немаме надлежност да толкуваме постапки на суд. Дали ќе му биде повторена постапката или не, тоа е исклучиво во судска надлежност“,

велат од Правда.

Од судот во Куманово за „360 степени“ информираат дека досега не е пристигнато никакво барање од Даравелски или од негови адвокати во врска со евентуално повторно судење.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Претходно

Школи ги тужат социјалните медиуми, им ги пореметиле децата

Следно

Подрачното училиште „Димитар Поп Георгиев Беровски“ во Хром доби нов училишен инвентар

Latest from Blog