НЀ ПРИКАЖУВАМ ПОДОБРИ ОД ШТО СМЕ, РЕЧЕ МАНЧЕВСКИ ПРЕД СНИМАЊЕТО НА НОВИОТ ФИЛМ „ЗБОГУМ, КОПАКАБАНО“

July 11, 2025
4 mins read

„Збогум, Копакабано“ (работен наслов „Биста“), осмиот филм на Милчо Манчевски ќе почне да се снима на 15 јули. Филмот е социјална трилер-комедија за брат и сестра што крадат бисти низ Скопје, а мотото е „Брат, сестра и шахта“.

„Ова е филм за сестринска љубов и саможртва, за богати и сиромашни, за добри и лоши, за слепи и окати. Филм за тоа како живееме, како се смееме и како умираме“, рече Манчевски на денешната прес-конференција со екипата. „Со оваа екипа и со овие глумци се чувствувам како со вистински рамноправни партнери во создавање парче уметност, нешто што ќе остане и што ќе се памети“.

„Нѐ прикажувам подобри од што сме“, одговори Манчевски на прашањето како со овој филм „нѐ прикажува“, алузија на некои домашни забелешки за неговите филмови во стилот „како ти нас нѐ прикажуваш“.

Иако доби поддршка со 28 милиони денари (над 450.000 евра) на конкурсот на Агенцијата за филм во 2022 година како проект од национален интерес, „Збогум, Копакабано“ речиси 3 години беше одмазднички блокиран и со тоа незаконски забранет. Ова беше почеток на долготрајниот прогон кон Манчевски, кој како високопрофилен укажувач на дело се бори против корупцијата.

„Ја пријавив филмската мафија за корупција и местење конкурси во Агенцијата, а тие ми го блокираа овој и претходниот филм, иако моите наводи беа потврдени од државните и невладини антикорупциски институции. За оваа борба добив поддршка и од Венецијанскиот филмски фестивал, од двете здруженија на филмски работници на Италија, од Коалицијата за поддршка на укажувачи на Југоисточна Европа, од Филм индастри воч и од Транспаренси интернешнл. На крајот, две правосилни судски пресуди ги потврдија наводите дека се местени конкурси во Агенцијата за филм и дека ‘Збогум, Копакабано’ е блокиран незаконски. Потоа и Агенцијата потпиша договор за снимање на филмот“, рече денеска Манчевски.

На прашањето како од насловот „Биста“ дојде до „Збогум, Копакабано“, тој рече дека бразилската плажа Копакабана буди чувство на нешто лесно и разиграно, музика, фудбал, чувство што го има и во филмот.

Како и во сите филмови на Манчевски и тука, покрај емотивниот уметнички аспект – темата на сестринска љубов- се истражуваат и општествено релевантни теми – самотија, сиромаштија, корупција, ментални болести, општество засновано на привилегии на богатите. Иако се случува во современа Македонија, филмот содржи и универзален коментар, размислување за тоа како луѓето живеат и се поврзуваат во современиот свет.

Актерите Филип Трајковиќ и Сара Климоска ги играат главните улоги во „Збогум, Копакабано“. (Фото: К. Попов)

„Збогум, Копакабано“  Освен Агенцијата за филм, го помогнаа и националните филмски фондови и приватни инвеститори од Бугарија, Србија, Албанија, Италија и Англија. Продуцент е Јане Ќортошев.

Филмот ќе се снима со меѓународна екипа на локации низ и околу Скопје, меѓу кои за првпат и кај скопскиот Аквадукт.

„Кога застанавме пред скопскиот Аквадукт, знаевме дека тоа е местото за нашата Копакабана. Во соработка со Управата за заштита на културното наследство и Конзерваторскиот центар – Скопје, иконичната глетка, која ова место ја нуди, сега ќе биде запечатена на филм. Верувам дека интересот за ова историско место уште повеќе ќе заживее по филмот“, вели продуцентот Ќортошев.

Главните улоги ги играат Сара Климоска, Филип Трајковиќ, Соња Михајлова, Петар Мирчевски, Јордан Симонов, Дејан Лилиќ, Јасмина Василева, Стефан Николовски, како и Калина Наумовска, Ана Костовска, Иван Ѓошевски, Виктор Арсов, Марина Поп Панкова, Сара Панковска, Александар Степанулески и Марин Гавриловски.

Дејвид Манс од Велика Британија е дизајнер на продукција. Директор на фотографија е искусниот Стефано Фаливене од Италија. Кастинг директорка на филмот е Милка Анчевска, костимите се на Жаклина Крстевска, шминката на Бистра Кечиџиева.

Сара Климоска ја игра главната улога, Малина рече дека  „ќе беше интересно филмот да ни е шпанска сапуница и ќе знаевме точно кои се лошите и добрите ликови“.

„Во овој филм, секој лик е комплексен и повеќеслоен, како и во животот. Сепак, публиката ќе креира свои видувања, доживувања и расудувања за ликовите. Не би можела да ја одиграм Малина без да ја сакам и без да си ги оправдам сите нејзини постапки, размисли и емоции“, рече Климоска која со Манчевски соработуваше и во „Врба“ и „Кајмак“.

Улогата на Виктор, братот на Малина, ја игра Филип Трајковиќ, кој играше и во „Кајмак“. Виктор е комплексен човек и момче со интелектуална попреченост.

„Голема одговорност е ова. Ваква улога е една од најпосакуваните во кариерата на еден актер. Се надевам дека ќе ја оправдам довербата на Милчо“, вели Филип, за предизвикот да се игра откако вакви ликови претходно успешно играа Леонардо Ди Каприо, Дастин Хофман, Шон Пен, Џон Малкович.

Петар Мирчевски по седми пат ќе игра во филм на Манчевски,  како Наќе Топузовски, кој мисли дека личи на Бред Пит, иако сите му велат дека е копија на Дени ДеВито. На прашањето како ќе успее да заличи на Пит, тој рече:

„Ќе носам чорапи со иста кафеава боја, како што тој носеше во еден филм… и ете ти го Бред Пит. Не знам. Бред Пит постојано ми се јавува и ми вели: ‘Пепи, сите викаат дека многу личам на тебе’. Му викам, е  фала ти и за внуци да си дочекаш“.

Актерката Соња Михајлова го игра комплексниот лик на Тодора, белокоса госпоѓа, луцидна, непредвидлива и мистериозна. За тоа како го градеше ликот, таа вели: „Тодора е лик чии карактерни особини можам да ги препознаам и кај себе и кај мајка ми и баба ми… па дури и кај моите помлади колеги Сара и Филип. Безвремена е“.

Дејан Лилиќ го игра д-р Миле Зец, син на Тодора. Дрзок, арогантен и самобендисан. „Наоѓам делови, сегменти и реакции од Зец во други луѓе околу нас. Можеби тоа им е начин полесно да преживеат. Не им завидувам. Ниту пак имам желба за таков живот. Но тргнавме од тоа дека во секој зол човек имало некогаш нешто добро и некој тригер го свртело кон злоба. Како да му завидуваш на човек кој си го пропушта животот?!“, вели Лилиќ.

Италијанскиот кинематографер Стефано Фаливене, кој за првпат соработува со Манчевски, има работено со бројни режисерски великани, меѓу кои и Абел Ферара, Амос Гитај, Уберто Пасолини и Деклан Донелан, а има соработувано и со Мартин Скорсезе, Тери Гилијам, Ридли Скот и Сергеј Бондарчук.

На прашањето кој е најзабавниот и најсмешен режисер со кого соработувал досега, Фаливене рече: „Без двоумење – Тери Гилијам. ‘Барон Минхаузен’ беше исклучително сложен филм, преполн со финансиски предизвици, но Тери секогаш успеваше да внесе малку „лудило“ на сетот – во најпозитивна смисла на зборот“.

Долгогодишниот соработник на Манчевски, дизајнерот на продукција Дејвид Манс, вели дека избраните локации низ Скопје за овој филм ја отсликуваат визуелната структура на градот, ама и социјалните слоеви, контрастот меѓу животот на сиромашните и оној на богатите.

„Во срцето на приказната се ликовите и односите меѓу нив — сестра/брат, мајка/син, оние што имаат и оние што немаат, тие што имаат моќ и тие што се немоќни. Сето ова е вградeно во сценографскиот дизајн на филмот, кој служи како визуелен израз на приказната“, рече Манс.

Б. НЕСТОРОСКА

ИЗВОР: sdk.mk

MARKETING

MARKETING

Претходно

Ветено-неисполнето: Данела Арсовска вети најдобар луна парк на Балканот

Следно

Милчо Манчевски почнува да го снима својот осми филм – „Збогум, Копакабано“

Latest from Blog

Експлозија во Битола оштети седум возила и куќи на улица „Охридска“

На 12.07.2025 во СВР Битола било пријавено дека околу 02.05 часот, од страна на непознат сторител била фрлена експлозивна направа на ул.„Охридска” во Битола, при што биле оштетени паркирани патнички возила „фолксваген”, „бмв”, „тојота”, „киа”, „рено”, „матиз” и „тико”, сите

СО НАД 240 ИЛЈАДИ ЕВРА, ОХРИДСКИОТ ЗАВОД И МУЗЕЈ ГО САНИРАШЕ ЗАЛИВОТ НА КОСКИТЕ ШТО БЕШЕ ЗАПУШТЕН СО ГОДИНИ

После години запуштеност и неодржуваност, саниран е Музејот на вода во Заливот на коските кај Градиште, еден од најатрактивните и најпосетени локалитети во Охрид. Станува збор за санација за која беа потрошени

Не е точно дека нападот врз Данела го осудиле само СДСМ и бугарски политичари – листата е огромна, граѓаните се згрозени

Не е точно дека нападот врз Данела го осудиле само СДСМ и бугарски политичари, како што се обидуваат да наметнат наратив провладините медиуми и главната партијата на власт. Напротив листата со реакции

Младите македонски едриличари до 14 години стекнаа драгоцено искуство на Светското првенство Оптимист 2025

Од 26ти Јуни до 6ти Јули 2025 година, во Порторож, Словенија, се одржа Светското првенство во едрење во класата Оптимист, кое собра над 280 млади натпреварувачи од 64 држави. Македонија настапи со

Американскиот претставник ги повика ПКК/ЈПГ брзо да се интегрираат за да се избегнат проблеми со Турција и Сирија

– Шерифе Четин Амбасадорот на САД во Анкара и специјален претставник за Сирија, Том Барак, предупреди дека ако терористичката организација ПКК/ЈПГ не го забрза процесот на интеграција, ќе наиде на проблеми со
Go toTop