Светски ден на бегалците: Надежта опстојува, мора да опстои и нашата солидарност со бегалците

June 20, 2025
3 mins read

Секоја година на 20 јуни, го одбележуваме Светскиот ден на бегалците – ден полн со емоции, посветен на оддавање почит на исклучителната издржливост и неуништливиот дух на луѓето што биле присилно оттргнати од своите домови. Оваа година, сепак, бројките нѐ соочуваат со сурова и невидена реалност: неверојатни 122,1 милиони луѓе ширум светот се присилно раселени, поттикнати од бескрајните бранови на војна, прогон и насилство.

Тоа е бројка речиси незамислива по своите размери. Но, нашето внимание не смее да се задржи само на статистиката. Она што навистина заслужува внимание се животите на поединците, скршените соништа и неугасливата надеж што се крие зад секој број.

Со јасна болка се сеќаваме на тивкиот товар во очите на едно мало украинско момче. Како новопристигнат бегалец, за првпат влезе во Гејминг центарот во Скопје и со рацете ги стегаше ракавите, двоумејќи се на прагот. Кога нежно го поканивме да им се придружи на другите деца во играта, прошепоти: „Но јас сум Украинец, не сум од тука,“ како да е таа едноставна вистина доволна причина да му биде ускратено правото на радост. Во неговиот тивок глас се слушаше ехото на исклучувањето – безгласниот збир од безброј моменти кога му било речено „не.“ Но, кога му кажав дека тука етикетите исчезнуваат, дека тука сите играат, се случи тивка промена. Седна на столчето, го зеде контролерот, и за неколку минути, неговата несигурност се претвори во смеа, неговиот фокус беше потполн, духот му заживеа со чиста радост. Повторно беше дете – без етикети, без граници. Едноставно – прифатен.

Тоа е тивката, длабока моќ на вклученоста. На солидарноста, не како минливо чувство, туку како длабоко вкоренето, трансформативно влијание.

А, не се само младите тие што сакаат да бидат видени.

Баба Ружа, жена на 93 години, е сведок на историјата преку призмата на личното раселување. Таа живеела низ создавањето и распаѓањето на три држави, гледала граници како се менуваат, устави како се раѓаат и исчезнуваат. Веќе била млада жена кога светот за првпат усвоил конвенции насочени кон искоренување на бездржавјанството. Но сѐ до оваа година, таа никогаш немала документ што го потврдува нејизното постоење или припадност. Кога конечно ја доби својата прва лична карта по речиси еден век чекање, нејзините кревки раце затреперија. Тоа беше тивкото признание што го чекала цел живот: ти си некој и ти припаѓаш.

Зад секоја од тие 122 милиони приказни не се крие само страдање, туку и издржливост, достоинство и една неуништлива искра на надеж. Дете одвоено од родителите во Судан. Возрасна жена која бега од постојаните бомбардирања во Украина. Татко во Авганистан, кој ги носи своите деца преку опасни планини, со тежината на нивната иднина во неговите изморени раце. Како што јасно покажува најновиот извештај на УНХЦР „Глобални трендови“, раселувањето достигна историски, невидени нивоа и континуирано се зголемува веќе повеќе од една деценија.

И сепак, во секој агол на светот каде што УНХЦР работи, продолжувам да ја сведочам тврдолавата, блескава надеж што му пркоси на очајот. Деца, со скршени боички внесуваат живот во привремените засолништа. Родители, среде урнатини од војна, со макотрпност создаваат рутини – кревка слика на нормалност. Заедници, дури и кога самите се под притисок, ги отвораат своите врати и срца.

Тука, во Северна Македонија, солидарноста не е само слоган; таа е секојдневен, живеен чин. Семејства, општини и граѓански организации ги прифаќаат оние што бегаат од конфликти, не со помпезни говори, туку со тивка, континуирана хуманост. Минатата година, заедно со нашите ценети партнери од ОН, со гордост поднесовме Заедничка заложба на Глобалниот форум за бегалци, безрезервно потврдувајќи ја нашата колективна посветеност на инклузијата и интеграцијата.

Но, колку и да е отпорна, надежта не може да опстојува само од добрата волја.

Иако бројот на присилно раселените луѓе трагично се удвои во изминатата деценија, хуманитарното финансирање во светот остана речиси непроменето. УНХЦР денес располага со приближно исти средства како во 2015 година и покрај тоа што потребите драстично пораснаа. Оваа клучна нерамнотежа се претвора во помалку храна, помалку основни услуги и тешки избори. И сепак, дури и во вакви околности, луѓето продолжуваат да се враќаат дома кога тоа е можно: речиси 10 милиони лица храбро се вратија во своите места на потекло во 2024 година – често во услови што остануваат нестабилни и неизвесни. Нивната храброст треба да нѐ инспирира, но овие враќања мора секогаш да бидат безбедни, доброволни и спроведени со достоинство.

Еден од најупорните и најштетни митови за раселувањето е дека мнозинството бегалци на крајот се населуваат во Европа или во богати земји. Вистината е сосема поинаква: 73% од бегалците во светот се примени од земји со ниски и средни приходи. Овие држави ја носат најголемата тежина – често со најмалку ресурси. Тие заслужуваат и итно имаат потреба од повеќе од пофалби: потребно им е вистинско партнерство, силна финансиска поддршка и фер споделување на одговорноста.

Светскиот ден на бегалците не е само момент за свечено потсетување. Тој е итен, недвосмислен повик за дејствување, голем тест на нашата заедничка човечност.

Извор: 24vesti.mk

VERO JUMBO MACEDONIA

EVN MACEDONIA

MARKETING

Претходно

Прекрасна полумесечина го украси небото над Истанбул

Следно

МААЕ: Оштетени клучни згради во нуклеарниот погон на Иран

Latest from Blog

Џеки Чен амбасадор на EXPO 2027: Холивудски сјај наспроти секојдневието во Србија

Познаатиот актер Џеки Чен ќе биде амбасадор на специјализираната изложба EXPO 2027 во Белград, дознаваат медиумите. Точната сума за неговиот ангажман не е официјално откриена, но според достапни информации, хонорарите за вакви

НА ДЕНЕШЕН ДЕН – ова се историските настани

Денес е понеделник, 8 септември. Ова се историските настани што го одбележаа овој датум. 1157 – Роден е англискиот крал Ричард I Плантагенет, Лавовското Срце (Ричард, Лавовското Срце), херој на средновековните легенди,

Почина Михаило Вукобратовиќ, режисерот на култната серија „Подобар живот“

Прославениот режисер Михаило Вукобратовиќ почина денес, 7 септември, во болницата КБЦ Земун, на одделот за неврохирургија, објавија српските медиуми. Тој бил примен во болница на 28 јуни кога падна снимајќи серија. Потоа

Ужасен ритуал за зависници од дрога во тивок манастир- пијат нешто одвратно, па „испуштаат душа“ (ВИДЕО)

По парна бања на високи температури, мажите пијат темен напиток со стотици состојки, а потоа повраќаат заедно, симболично исфрлајќи ги токсините од нивните тела. Древната практика, дел од единствена програма за детоксикација,

Мртов Канаѓанец со години лежел во ладилникот на КБЦ Котор од тажна причина: КОНЕЧНО Е ПОГРЕБАН, НО МАЛКУ ПОИНАКУ

Канадскиот државјанин Дејвид Бери Њуел (роден во 1947 година) од Сиднеј, кој починал на 29 август 2023 година во Клиничкиот болнички центар во Котор, бил погребан дури на 2 септември оваа година,
Go toTop