Милошевски: Светлината, колоритот и разноличностите во Македонија биле инспирација за странските сликари

April 6, 2025
10 mins read

Во Музеј на Град Скопје е отворена изложбата „Странски сликари во Македонија во периодот 1850-1950“.

На изложбата се изложени повеќе од 100 оригинални дела од педесетина странски сликари кои во посочениот период престојувале во Македонија и создале ликовни дела инспирирани од луѓето, настаните, градовите, архитектурата и природата.

Сликите се од приватната колекција на Влатко Милошевски, нашинец кој веќе 25 години живее и работи во Холандија, а последните две децении ги посветил на својата пасија да ги прибира, да ги регистрира, да ги пронаоѓа, делата на сликарите кои твореле во периодот од 1850 до 1950 година, значи некои 100 години на преминот на 19-от во 20-от век и освен што ги регистрира, што ги пронаоѓа, тој е и колекционер, односно, кога може, купува од тие дела и во својата колекција има околу 200 досега.

Во ова издание на серијалот интервјуа „Имаме неколку прашања за вас“ што ги емитуваме на Рацин.мк, упаднавме, ако можам така да кажам за време на подготовката на изложбата на господинот Влатко Милошевски и го прекинавме за кртако во подготовката на изложбата за да му ги поставиме овие неколку прашања што ги имаме за него.

Со Влатко Милошевски разговараше Зоран Бојаровски

Рацин.ми: Во ова издание на серијалот интервјуа „Имаме неколку прашања за вас“ што ги емитуваме на Рацин.мк, упаднавме, ако можам така да кажам за време на подготовката на изложбата на господинот Влатко Милошевски и го прекинавме за кртако во подготовката на изложбата за да му ги поставиме овие неколку прашања што ги имаме за него.

Човек кој има извонредна пасија. Веќе 20-тина години е посветен на тоа да ги прибира, да ги регистрира, да ги пронаоѓа, делата на сликарите кои твореле во периодот од 1850 до 1950 година, значи некои 100 години на преминот на 19-от во 20-от век и освен што ги регистрира, што ги пронаоѓа, тој е и колекционер.

Тогаш кога може, купува од тие дела и во својата колекција има околу 200 досега или нешто повеќе.

Милошевски: Да, 200 слики, стари книги, стари албуми со фотографии од тие сликари кога дошле во Македонија, документи за нивниот престој, странски книги каде што македонските дела се документирани, така да една огромна колекција…

Дел од таа колекција сега е поставена, се поставува. Граѓаните на Македонија, љубителите на уметноста ќе имаат можност да ги видат тие дела на отворањето на изложбата на 4-ти април, во музејот на град Скопје и еве ги покануваме сите оние кај коишто после оваа интервју ќе го предизвикаме внимание за оваа изложба да дојдат тука и да ја посетат изложбата.

Но, еве ајде да почнеме веќе и конкретно со прашањата. Ова не е прво претставување на вашата колекција во Македонија, но сега се работи за претставување на поголем дел од вашата колекција во музеј со сите стандарди како што е музејот на град Скопје.

Какво е вашето чувство сега? Што ќе им прикажете посетителите?

Посебно сум возбуден затоа што токму во музејот на град Скопје се случува оваа изложба со која што сум некако емотивно врзан. Пред да почнам да ги собирам сликите од странските сликари, јас имав една друга пасија, собирање на артефакти поврзани со земјотресот од 63та година.

Така да ги купував од странство, па им ги донирав нив. Добив благодарница, се спријателивме. Тоа беше некаде во првата декада на 2000-те години.

Од таму врската со музејот на град Скопје како симбол на земјотресот од 1963 година?

Да, но и самиот објект е, да речеме дизајниран од странски уметник, странски архитект кој е српски, меѓутоа сега во денешната конотација е странец. Прекрасен е објектот, прекрасен, одлично осветлување, навистина мислам, така да кажам, дише објектот. Тука ќе има над 100 слики и околу 30-40 разни албуми со скици од весници, некои репродукции…

Јас ќе бидам на отварањето, меѓутоа сите тие приказни, кој е сликарот, која е сликата, што барал во Македонија, зошто дошол во Македонија, меѓутоа и после тоа да речеме, што се случило со тој сликар… Сето тоа е напишано и ќе биде покрај самите слики и луѓето ќе можат не само да уживаат во сликите, но и да уживаат и во приказната за сликите.

Навистина, секое од овие дела, секоја од овие слики си има своја приказна. Што им раскажуваат тие на оние што ќе ги видат?

Па, еве на пример, ова е Дитце, германски од сликар што тука во Македонија бил како војник, дојден со германската армија во Првата светска војна во Скопје. Бил експресионист по израз, малку како Ван Гог врти.

Импресиониран е од светлината на Македонија, од боите, тој почнува тој колоритен стил да го практикува и во Германија. Заедно со Пол Кле, заедно со Кандински. Кога во 1933 година доаѓа Хитлер на власт, го забранува експресионизмот, како и секоја апстрактна уметност што ја забранил, Дитце бил прогонет од тие власти е му е забрането да слика. Живеел во Дрезден. Во февруари 1945 година Британците и Американците го срамнуваат Дрезден со земја, комплетно. Значи над 120 000 германци загинуваат и една од тие бомби го погодува и неговото ателје и сите дела му се изгорени. Многу ретко се наоѓаат сликите од Дитце. Оние што преживеале, а уште поретко сликите од македонскот период.

Некои од нив, за среќа ги продал пред војната, така да завршиле и во Берлин. Јас ги барам една по една за да бидат во колекцијата заедно… Има такви приказни за многу многу различнисликари.

Зошто се определивте токму за овој период од 1850 до 1950?

Јас по професија сум електроинженер. Ова ми е пасија. Ако го видите тој период 1850-1950, како да се прекршило нешто во човечката цивилизација.

Сите работи што се случиле, што се значајни и денеска, се случиле во тој период 1850-1950. Еве како инженер да зборам за момент, сѐ што имаме денеска е измислено во тој период. Телевизија, радио, безжична комуникација, автомобилите, авионот, микрочиповите на крајот на 50-тите години.

Од уметничка гледна точка, сите стилови повторно тука се се развиваат. Почнува да речеме од ориентализмот од средина на 19-ти век, па оди кон импресионизмот, импресионизмот преминува во експресионизам, па почнува кубизмот, па на крај завршува со модерната.

Апстрактниот експресионизам веќе на крајот на тие 50-ти години почнува во Америка. Поп-артот веќе во 40-ти 50-ти години. Значи, една експлозија на креативност што се случила во 100 години. Ако гледате пак од историја на Македонија, тоа е клучниот момент за нашата државност, што би рекле почетокот со просветителите, браќата Миладиновци, па почнуваат нашите револуционери, па после тоа почнуваат Балканските војни, светските војни, првата, втората светската војна и завршува со ослободувањето и државноста на Македонија.

Така е, тоа е периодот практично и кога се создава се создаваат корените, основата на современата македонска ликовна уметност, на книжевноста, на утврдување на јазикот едноставно на државноста. Но, она што сакам понатаму да ве прашам е дали останувате во рамките на овој период или ќе го ширите вашиот интерес?

Има толку многу за истражување во тој период, така да можам цел живот да го посветам само за тој период. Вопериодот после 50-тата година во македонското сликарство е веќе солидно обработен. Веќе почнува таа, да речеме југословенска фаза. Од друга страна пак после 50-0та година и нема многу странци дојдено поради таа блоковска поделба…

Меѓутоа во 1850, 1950 веќе имаме премногу, премногу уметници дојдени…

Потрагата и пронаоѓањето на овие дела веројатно е денеска многу полесно заради комуникацијата, интернет и така натаму, социјалните мрежи, светот е едноставно е е поврзан. Но, како како беше на почетокот?

На почеток беше тешко, затоа што немаше толку пребарувачи. Интернетот беше во рудиментирана форма.

Се појави И-беј некаде на почеток на 2000-тата година и од таму почнав навечер, после работа да гледам да не има нешто интересно. И тогаш прв пат ги најдов трите слики од Никола Петковиќ, српски сликар којшто дошол како учител во Охрид 1913 година.

Денеска Србите го викаат српски Ван Гог. Потоа излезе од Георг Ханендал еден акварел и потоа почнав да ги документирам и да барам…

Тоа ли беше тригерот што ве поттикна?

Да. Да, потоа почнаа да излегуваат имиња на странци кои доште кај нас. Ја бев шокиран просто, колку многу доаѓале во Македонија. После, со текот на децениите стана полесно. Се појавија да агрегатори, се појавија професионални ликовни страници каде што можете да внесете термини Македонија, Скопје, Ушкуп, Шкуп… Потоа пребарувачот проверува илјадници и илјадници аукции низ цел свет и ви ги дава секое утро во која држава треба да се појави тоа и тоа дело. Така да веќе е лесно да се следи таа работа.

Како што растеше колекцијата, веќе почнав и да стапувам во контакт со потомците на тие сликари, со внуците, внуките, правнуците, правнуките. Почнаа они мене да ме контактираат.

Значи пасијата доби и некои други димензии. Почнавте да се интересирате за биографиите на тие луѓе. Зошто дошле во Македонија? Што правеле тука? Спомнавте дека германскиот сликар бил војник.

Да. Другите доаѓале по други поводи. Има повеќе причини зошто дошле кај нас. Ако го видите тој оној период 1850 до 1900 година, во светот се јавува тој правец на ориентализмот.

Во средина на 19-ти век се откриваат пирамидите во Египет, се откопуваат, се откопува Акрополис во Грција и на западот станува многу популарно да си мистичен, ориентален… и таа ориентална, отоманска култура почнака да ги привлекува европјаните.

Има доста такви авантуристи, патеписци, цртачи коишто поминувале низ Македонија. На почеток на 1900-тите започнува револуционерното движење во Македонија, грабењето на Мис Стон, да речеме крајот на 1901 година, почетокот на 1902 година, потоа гемиџите…

Македонија станала главна вест во весниците. Поготово Мис Стон, тоа била во историјата на новинарството прв хостеџ крајзис ситуација…

Заложничка криза…

Да, заложничка криза. Во тоа време немало фот апарати. Имало апарати, меѓутоа биле многу гломази и наместо фотограф весниците испраќале цртач.

И тој цртач црта, ја црта сцената, пишува извештај до неговата редакција заедно со цртежите, па тие цртежи се репродуцираат и објавуваат.

Има ли во вашата колекција цртежи од заложничката криза со Мис Стон?

 Има, има, да. Потоа во средиште на вниманието било Илинденското востание, пред востанието, после востанието. На запад, поготово кај либералните медиуми се пишувало зошто ништо не прави за да се спречи тоа злосторство што се случува… Има доста и сатирични илустрации коишто ја критикуваат хипокризија на Западот, зошто ништо никој не превзема за Македонија, а им се дала државност на другите земји.

После тоа следуваат Балканските војни и Првата светска војна. Во во единиците, во самите единици, значи бугарски, српски, грчки, британски, австриски, турски, постоел воен род што се вика воен сликар. Тој воен сликар имал за цел да црта за својата армија, да ги црта тие нови предели и да ги праќа тие дела кон нивните бази, за да локалното население се воодушевува на новите, ново освоените територии, да се воодушевува на храброста на нивните војски.

Тоа го држи моралот и на војската и на државата високо.

Значи тоа се практично сликарски записи од тој период, наменети за овие работи кои ги кажувате вие, за средините од каде што доаѓале тие сликари, но денеска претставуваат сериозен извор на информации за тоа поглед еден на пејзажи, на градови, на луѓе, на обичаи што во Македонија.

Да, и може да се види, да речеме, импактот, влијанието на Македонија врз светските трендови во сликарството. Значи после првата светска војна во Франција се развива еден стил којшто се вика арт деко. И тој трае од 1920-тата година и после Втората светска војна и се карактеризира со правилни или геометриски линии, со малце ориентализам во него.

Не е само во сликарството, туку и во архитектурата, на пример, облакоделот Крајслер во Њујорк, статујата на Исус во Рио де Жанејро, тоа е арт-деко стил. Татковците на тој арт-деко стил биле војници во Француската војска во Егејска Македонија.

Ја имам некои цртежи каде што ќе ги видите од нашиве селани или од нашиве народни носии со тие правилни геометриски црти коишто потоа пак ги продуцираат, кога се вратиле дома во базите во Франција и од тие правилни геометриски структури се прават дизајн.

Што значи дека Македонија практично низ овие дела била инспирација за Арт Деко или за некои други правци. Потоа, оваа на пример, слика на Густав Вандервалд. Тој кога се вратил назад во Берлин после првата светска војна, тој колорит од Македонија го пренесува таму и почнува да црта со жолти бои, го викаат берлинскиот Ван Гог или пак берлинскиот Морис Утрило.

Цел еден правец во германската ликовна уметност се вика нов објективизам, каде што се цртаат навидум обични сцени, меѓутоа со некој магичен реализам, со некоја магија во нив. Тоа денеска е прилично и популарно меѓу колекционерите во Германија. Баш од тој период, од тој стил, се бараат слики.

Така да, интересно е да се види како Македонија била некоја муза, уметничка инспирација којашто оставила траг на европската ликовна уметност.

Спомнавте негде на почетокот на разговорот дека светлината во нашата земја за сликарите била предизвикувачка

Да, ако ги споредувате сликите од воените сликари на западниот фронт и на македонскиот фронт, оние слики од западниот фронт од Белгија се црни, мрачни, темни. Македонските слики од македонскиот фронт се со светли бои, шаренило на луѓе, шаренило на етнички групи.

Целата оваа колекција, целата оваа ваша пасија ја имате пренесено и во лексикон којшто ги обединува не само делата што вие ги поседувате, туку и сите оние до кои сте стигнале со некакви информации за нив, ги имате ставено во лексиконот.

Да. Јас ова го собирав во некои си ворд фајлови, во ексел бази. И кога удри ковидот во март 2020 година, за време на оној целосен локдаун кога никој не можеше да оди на улица решив да го објавам целиот тој материјал на интернет. Една велешка фирма ми направи веб страна, се вика artlexicon.mk каде што ги ставивме сите тие податоци што ги имав за сите странски сликари.

Некои дела се тука, меѓутоа огромен број на дела се во Воениот музеј во Лондон, во Лувр во Париз, во Виена, во голем број академии, ама ги документирав и со со нивните архиви стапив во контакт и ми дадоа дозвола за реобјавување.

Кога се појави лексеконот на почетокот на април 2020 година, пред пет години, реакцијата беше огромна.  Таа веб страница е напишана на македонски и на англиски јазик и почнаа да пристигнуваат реакции и од наши луѓе, меѓутоа и од соседите. И Бугари и Грци и од Албанија и од Србија, меѓутоа и од Франција, потомци, од Австралија, од секаде.

Имаше над 30,000 посети неделно таа страница.

Потоа, Зоран Андонов, професионален новинар од порталот сдк.мк ми рече слушај дека е греоата сето тоа да оди само виртуелно и дека мора да се објави како книга. Јас во Холандија гостербајтер, немав појма како оди таа работа. Зоран Андонов рече јас ќе ти помогнам, јас ќе ти ги средувам текстовите и тргнавме. Работевме прилично напорно, тогаш почнав и преку Фејсбук  да пишувам за овие приказни за странските сликари, почнаа луѓе да ги читаат и да ги сакаат. Се јавија доброволци за лектурирање од од институтот за македонски јазик, се јави доброволката Зоја за англиски јазик.

Графичкото студио Кома ми направија гратис дизајн и подготовка за печат. Така да на ентузијазам тргна цела работа и се објави лексиконот во 2022 година поддржан од Министерството за култура.

Како и оваа изложба...

Да, исто и оваа изложба. Лексиконот е направен  прилично луксузно, луксузна хартија, на македонски, на англиски јазик. Имавме промоција организирана од МАНУ во куќата Уранија во Охрид во август 2022 година.

И логично беше после тоа да дојде Скопје како како дестинација за изложба, меѓутоа стално нешто излегуваше професионално, приватно. Имавме неколку мали изложби, една беше во Тетово, промоција на лексиконот и 50-тина дела. Имавме една во Куманово пред две години. Ланската година архитектите на Македонија, комората на архитектите направија уште една промоција за лексиконот. Меѓутоа фалеше ова, да речеме, навистина една професионална голема изложба.

Еве се случува изложбата. А лексиконот е тука пред нас. На интернет, веб страницата, на Фејсбук… тоа се места кои секогаш можат да се полнат, да се дополнуваат, но лексиконот, претпоставувам, ќе треба да доживее второ издание, дополнето?

Прво да го продадаме првото. Да, треба. Многу луѓе ми рекоа, доктор Кирил Пенушниски, професор по историја на уметност на ликовна академија во Скопје рече  немој да застануваш, продолжете заедно со Зоран.

Значи од кога го издадовме изданието откривме најмалку 30 нови автори. Добивме еден куп нови информации каде се нивните дела. Така да ова веќе дело е 3 кила тешко и на крај ќе дојде до 10 килограми тешко… А може и во два тома…

Јас ви благодарам многу на разговорот. Еве останува уште еднаш да ги повикаме сите што сакаат да ја видат оваа изложба, странски сликари во Македонија во периодот 1850-1950 од колекцијата на Влатко Милошевски во Музејот на град Скопје.

ИЗВОР: racin.mk

MARKETING

MARKETING

Претходно

Возел со 3,34 промили алкохол во Кавадарци

Следно

Муцунски: Грчките болници ги примија првите пациенти евакуирани од нашата земја и продолжуваат да им обезбедуваат врвна нега

Latest from Blog

Вучиќ избра мандатар кој ги поддржа демонстрантите контра студентите

Српскиот претседател Вучиќ ја изненади јавноста со предлогот за нов премиер во ликот на професор Ѓуро Мацут, лекар, ендокринолог, досега непознат за јавноста. На изборот на Мацут како мандатар за новата влада

29 годишниот Александар Гавриловски е 61 жртва од пожарот во Кочани

Трагедијата во Кочани зеде уште една жртва. Дваесет и девет годишниот Александар Гавриловски претпладнево ја загуби битката за живот. Од министерството за здравство велат дека поради тешките повреди тој итно бил транспортиран

Тоти и покрај критиките пристигна во Москва, го чека сума од шест цифри (ВИДЕО)

Легендата на Рома, Франческо Тоти денеска пристигна во Москва и покрај критиките кои беа упатени на негова адреса. Минатиот месец, Франческо Тоти се најде на удар на италијанската јавност откако беше објавено

Протести во Дамаск поради израелските напади врз Палестинците

ДАМАСК (АА) – На плоштадот „Омејади“ во Дамаск, Сирија, денес се одржа протест поради продолжените израелски напади врз Палестинците, јавува Анадолу. Граѓани од различни делови на сириската престолнина се собраа со палестински
Go toTop