Туркије: Издаден налог за приведување на градоначалникот на Истанбул и 99 други поради корупција и тероризам

March 19, 2025
2 mins read

ИСТАНБУЛ (АА) – Јавното обвинителство во Истанбул, Туркије, денес издаде налог за приведување на градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу, како и на уште 99 лица по обвиненија за корупција, мито и тероризам, соопштија властите, јавува Анадолу.

Обвинителството во Истанбул соопшти дека истрагата, поведена врз основа на сведочења и извештаи за финансиски криминал, го товари Имамоглу за водење криминална организација вклучена во систематска измама, местење тендери, проневера и мито.

Според обвиненијата, кога Имамоглу бил градоначалник на истанбулската Општина Бејликдузу, именувал блиски соработници на клучни позиции во рамките на градската управа на Истанбул и нејзините подружници, формирајќи мрежа за пренасочување средства кон лажни компании за лична корист.

Финансиските извештаи тврдат дека градежни компании биле принудувани да плаќаат мито за да добијат јавни проекти.

Освен тоа, се наведува дека преку лажни фактури, „напумпани“ цени на договори и измислени проекти се переле пари, а дел од средствата биле насочени кон приватни градежни инвестиции.

Дополнително се тврди и дека незаконски биле прибирани лични податоци на граѓаните за поддршка на криминални активности.

Во истрагата се споменуваат општинските подружници Медија АШ, Култур АШ, КИПТАШ и ИСФАЛТ, чии раководни лица наводно биле вмешани во финансиски злоупотреби.

Полицијата изврши претреси и конфискации, при што веќе се приведени неколкумина осомничени.

– Наводи за поврзаност со терористичката организација ПКК –

Покрај обвинувањата за корупција, одделна истрага за тероризам доведе до дополнителни налози за притвор на Имамоглу и уште шест лица, меѓу кои и заменик-генералниот секретар на Општината, Махир Полат, како и градоначалникот на Шишли, Ресул Емрах Шахан.

Обвинителството тврди дека Имамоглу учествувал во иницијативи поврзани со Народен демократски конгрес (НДК), кој се смета за поддржувач на терористичката организација ПКК, пред локалните избори во март 2024 година.

Во својата 40-годишна терористичка кампања против Туркије, ПКК, која е прогласена за терористичка организација од Туркије, САД и ЕУ, е одговорна за смртта на над 40.000 луѓе, вклучително жени, деца и постари лица.

Според соопштението на Обвинителството, лидерите на ПКК, Џемил Бајик и Мустафа Карасу, воделе кампања за зголемување на влијанието на групата во големите градови, особено во Истанбул, каде што живее една петтина од населението на Туркије.

Обвинителите тврдат дека Имамоглу свесно ја поддржал иницијативата, одобрувајќи кандидати за градскиот совет поврзани со ПКК.

Понатаму се тврди дека повеќе подружници на Општината, вклучително и Истанбулската агенција за планирање и БИМТАС, вработувале лица што, според наводите, биле поврзани со ПКК.

Антитерористичката единица на полицијата во Истанбул доби инструкции да спроведе дополнителни приведувања, претреси и заплени на имот.

– Тековни приведувања и политички реперкусии –

Досега се приведени 84 лица во рамките на двете истраги за тероризам, корупција и организиран криминал во градската управа.

Меѓу приведените се градоначалникот Имамоглу, неговиот советник Мурат Онгун, градоначалникот на Шишли – Шахан, градоначалникот на Бејликдузу – Мурат Чалик и пејачот Ерџан Саатчи. Властите сè уште трагаат по 22 осомничени.

Општина Истанбул изрази загриженост во врска со истрагата, наведувајќи дека државата поминува низ тажен процес.

„Веруваме дека правдата ќе биде задоволена колку што е можно поскоро и дека сите наши колеги, вклучително и нашиот почитуван градоначалник, ќе се вратат на своите должности. Наша најважна одговорност во овој процес е да продолжиме да обезбедуваме непречена и квалитетна услуга на 16 милиони граѓани, исто како што правевме досега. Заедно со сите наши колеги ќе останеме на нашите работни места и со иста решителност ќе ја продолжиме посветеноста на нашиот град“, се вели во соопштението.

Имамоглу е член на Републиканската народна партија (CHP).

Истрагите предизвикаа политички контроверзии, при што претставниците на опозицијата ги осудија обвиненијата како политички мотивирани.

Истражните органи продолжуваат со работа, а се очекува наредните денови да има нови приведувања.



На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.

Извор: Anadolu Agency (AA)

MARKETING

MARKETING

Претходно

Зеленски: Изјавите на Путин за прекин на огнот се „во спротивност со реалноста“

Следно

Општина Бутел додели 1.000.000 денари финансиска помош за семејствата на настраданите во Кочани

Latest from Blog

„Мировните преговори за Украина се на вистинскиот пат“, рече Трамп по разговорот со Зеленски

ВАШИНГТОН (АА) – Американскиот претседател Доналд Трамп денес изјави дека преговорите за ставање крај на руската војна против Украина се „на вистинскиот пат“ по разговорот со украинскиот претседател Владимир Зеленски, известува Анадолу.

Двајца повредени во пожарот во Кочани префрлени во УКЦ Ниш од Воената болница

Двајца повредени во пожарот во Кочани попладнево од Воената болница Ниш се префрлени во Универзитетскиот клинички центар во тој град, јави МИА. Како што соопштија од Универзитетскиот клинички центар Ниш, пациентите на

Мицкоски: Тргнавме, веќе нема назад, ќе има одговорност и за Модуларната во Тетово и за Беса Транс, да ме држите за збор!

Премиерот Христијан Мицкоски вечерва во централниот дневник на Сител телевизија истакна дека ќе се отворат сите претходни случаи и за модуларната болница и за Ласкарци истакнувајќи дека ќе се оди до крај

Земјотрес почувствуван во Струмица

Вечерва во 18:33 часот, земјотрес со јачина од 2,8 степени според Рихтеровата скала ја потресе Струмица и околината, соопшти Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје. Според досегашните податоци, епицентарот бил на

Мицкоски: Пазарната инспекција утврди дека повеќе од половина од дискотеките кои имале лиценци, не ги исполнуваат условите, ќе има забрани за вршење дејност

Премиерот Христијан Мицкоски во своето гостување во „Тема на денот“ во дневникот на Сител Телевизија истакна дека по извршените контроли во дискотеките утврдено е дека повеќето од половината кои имале лиценци, не
Go toTop