Христов : Да ги храниме економиите, а не депониите – Високите цени ја зголемија потребата од донации за храна

March 15, 2025
3 mins read

Македонија е рангирана на осмо место во светот по количина на фрлена храна, според извештајот на индексот на фрлена храна на Обединетите нации објавен во 2023 година.

– Секој поединец во земјата, во просек, фрла околу 83 килограми храна годишно. Околу 30% од храната која се произведува или увезува во Македонија никогаш не се консумира, според податоците од извештајот.

Процените покажуваат дека се фрлаат помеѓу 10.000 и 12.000 тони храна, што е доволно да се обезбедат по три оброка дневно за 26.000 луѓе. Вкупните вишоци храна во Македонија надминуваат 100.000 тони.

Според податоците на Светската здравствена организација и Агенцијата за храна и земјоделство на ОН (ФАО), секоја година во светот умираат 9 милиони луѓе од глад или болести поврзани со недостаток на храна, од кои една третина се деца, а половината се деца под петгодишна возраст. Околу 860 милиони луѓе во светот имаат проблеми со пристапот до храна или се потхранети, најмногу во Африка и Азија. Две милијарди луѓе имаат недостаток на микронутриенти – витамини и минерали, а милиони деца страдаат од заостанување и слабеење.

Според Обединетите нации, околу милијарда тони храна секоја година завршуваат во ѓубре. Дури една третина од целата глобално произведена храна се губи или се фрла. Околу 61% од храната што се фрла потекнува од домаќинствата, 28% од ресторани и 13% од маркети. Ако се постават сите камиони со фрлената храна во редица, тие би формирале колона доволно долга да ја обиколи Земјата седум пати. Храната што се фрла е повеќе од доволна за да се нахранат сите гладни во светот.

Што е банка за храна?

Банката за храна Македонија, која веќе 15 години се бори против фрлањето на храна како отпад и против гладот во земјава, а оваа организација се занимава со собирање вишоци храна од производители, дистрибутери, супермаркети и ресторани. Храната се складира, евидентира, сортира и дистрибуира до различни категории на социјално загрозени лица. Членка е на Европската федерација на банки за храна, која вклучува повеќе од 420 банки за храна.

Според основачот и раководител на организацијата, Душко Христов од почетокот на своето функционирање, над 22 компании се вклучиле како поддржувачи на Банката за храна. Денес, седум постојани поддржувачи редовно донираат прехранбени производи, кои се дистрибуираат до оние на кои им е најпотребно.

Христов за Рацин.мк вели дека организацијата „Банка за храна“ започна како иницијатива на 19 луѓе, пријатели и познаници, кои, разочарани од големите количини храна која завршува на депониите, решија да дејствуваат.

Како што објаснува Христов, веќе во 2004-20055 година се сретнал со концептот на „банкарство со храна“ во странство и започнал да ја истражува практиката која во Европа постои уште од 1986 година.

„Во Америка започна во 1967 година, а кај нас, 2009-2010 година, почнавме да размислуваме како да го имплементираме тој систем во Македонија“, вели Христов.

Христов нагласува дека „банкарството со храна“ има важен социјален аспект – тоа не само што ја рециклира вишок храната, туку и ја доставува до најсиромашните семејства во државата. Според него, од една страна големи количини храна одат на ѓубришта, а од друга, луѓе и семејства се принудени да пребаруваат по контејнерите за да најдат нешто за јадење.

„Во текот на овие 15 години, работиме со локални општини, како Центар, Кавадарци, Битола, Охрид и Делчево, кои разбраа и прифатија системот на банкарство со храна. Ние не сме комисија што одлучува кој ќе добие помош, но одлучивме да не останеме имуни на тешката ситуација на терен“, нагласува Христов. Иако организацијата не е одговорна за распределба на други видови помош, токму таа помага со храна, која е клучна за преживување на оние кои не можат да си дозволат основни производи.

Потребни се законски решенија

Со оглед на економските кризи кои Македонија ги доживеа – од светската финансиска криза, преку ковид пандемијата, па сè до актуелните енергетски кризи – бројот на семејства кои бараат помош расте. Христов истакнува дека „

За време на ковид кризата имавме најмногу донации, но и најмногу помош доставена до крајните корисници. Денес, со порастот на цените на храната барањата за помош се зголемени за 30-40%., вели тој.

Една од клучните аспекти на работата на „Банка за храна“ е зголемувањето на свесноста за потребата од донесување закон за донирање на вишок храна. Христов истакнува дека веќе 10-12 години работат на создавање на правна рамка која ќе ги регулира и обврските на операторите за храна, како што се производители, трговци и дистрибутери, за да може храната која е вишок да стигне до потребните семејства. Тој нагласува дека сè уште не постои соодветен закон кој ќе ја регулира оваа област во Македонија, додека во многу европски земји, па и во Америка, постојат вакви закони.

„Банка за храна“ за 15 години влегла во повеќе од 30,000 домови, а во моментите кога има донации, може да помогне од 2.500 до 5.000 семејства годишно.

„Бројките покажуваат дека во Македонија, голем број на домови живеат во услови на скриена сиромаштија. Повеќе од 70,000 луѓе живеат со два до три оброка неделно, а во многу од нив, децата се единствени кои добиваат редовни оброци. во некои од домовите условите се толку лопи што дури и куче не би живеело“, истакнува Христов. За овие луѓе, „Банка за храна“ е единствената надеж за добивање на храна која ќе им помогне да преживеат.

„Еве минатата година сега ги правиме, сумираме податоците, ние сме собрале негде околу 380-390 тони храна. Добро, дел од таа храна не била за користење, меѓутоа пак 300, околу 300 тони храна сме успеале да собереме, да ни донираат и да ја споделиме до крајните корисници. Не може да го решиме проблемот со само еден закон, но со вклучувањето на повеќе институции и граѓани, сигурно ќе се подигне свесноста и ќе се зголеми количината на донирана храна“, завршува Христов.

„Банка за храна“ останува верна на својата мисија и продолжува да делува во интерес на најсиромашните, обидувајќи се да ги реши не само проблемите на сиромаштијата, туку и да го намали отпадот на храна во земјата.

ИЗВОР: racin.mk

MARKETING

MARKETING

Претходно

Пленковиќ успешно опериран поради срцева аритмија

Следно

ГЛАСОТ НА ПЛАСИДО ДОМИНГО ГО ВНЕСЕ СКОПЈЕ ВО ДРУГА ДИМЕНЗИЈА, ПЕЕШЕ ДВА И ПОЛ ЧАСА

Latest from Blog

Гужва на плажите во турската област во Мугла поради топлото време

МУГЛА (АА) – Локалните и странските туристи поради топлото време ги посетија плажите во туристичките места на турската област Мугла, известува Анадолу. Според информациите што дописникот на АА ги доби од управата
Go toTop