Поштата на Северна Македонија – товар за државата и проблем за граѓаните

March 12, 2025
6 mins read

Поштенските услуги во Европа се соочуваат со значителни промени поради дигитализацијата и намалената побарувачка за традиционални поштенски услуги. Ова резултира со затворање на одредени услуги и намалување на бројот на вработени во неколку земји.

И поштата на Северна Македонија со години се соочува со сериозни проблеми – хронични финансиски загуби, недостиг на кадар, нефункционални услуги и огромно доцнење на поштенските пратки. Граѓаните редовно се жалат дека писмата им стигнуваат со месеци задоцнување, дека нема доволно поштари и дека услугите не се во чекор со модерните комуникациски трендови. Дополнителен проблем е нередовната исплата на платите на вработените, што уште повеќе ја продлабочува кризата во оваа државна институција.

И покрај тоа што Владата направи физибилити студија и разгледуваше можност за приватизација на Македонски пошти, конкретно решение сè уште нема. Директорите молчат за иднината на институцијата иако редакцијата на Рацин.мк веќе неколку дена чека одговор на прашањата за планираните реформи и зошто оваа јавна услуга станува се поголем финансиски товар за државата.

Во обид да се подобри состојбата, Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) во 2023 година предложи измени на Законот за поштенски услуги. Овие измени имаат за цел да ја зголемат ефикасноста на А.Д. Пошта и да го подобрат квалитетот на услугите. Меѓу предложените мерки се и инвестиции во модернизација на опремата, како што е набавката на машина за сортирање поштенски пратки, која ќе овозможи побрзо и поефикасно сортирање. Сепак, според последните достапни информации, оваа набавка не е спроведена.

Долгогодишни загуби и пропаднати обиди за реформа

Поштата на Северна Македонија, како државна компанија, веќе подолго време работи со загуба. Иако постојано се најавуваат реформи во Пошта, во последните години не се остварени значајни поместувања во модернизацијата на оваа институција. Во 2023 година, Пошта Македонија пријавила загуби од преку 3,7 милиони евра, што укажува на сериозни финансиски проблеми кои продолжуваат да ја оптоваруваат институцијата. За споредба, во 2022 година, загубите биле над 3 милиони евра. Овие бројки покажуваат дека Пошта не само што не е профитабилна, туку и не успева да ги покрие основните трошоци за функционирање.

Во контекст на реформите, минатата година министерот за транспорт и врски Александар Николовски најави модернизирање на системот за доставување пратки, како и инвестиции во дигитализација на услугите. Сепак, до денес, не се реализирани значајни промени во оваа насока. Иако е планирано да се оптимизира мрежата на подружници и да се подобри електронската платформа, овие мерки не се доволни за да се осигури функционалност и конкурентност на Пошта на пазарот.

Финансиските потешкотии не се нов проблем – тие постојат со години, во 2020 година Владата конечно ја отвори можноста за приватизација како потенцијално решение. Беше ангажирана и компанија за спроведување на физибилити студија, но процесот наиде на дополнителни скандали кои завршија со судски процес со кој беше утврдено дека договорот за анализата на поштенскиот систем бил спроведен без вообичаената постапка за јавна набавка. Овој случај ја наруши довербата во реформскиот процес и го остави прашањето за судбината на Поштата во неизвесност.

Проблеми со кадровската структура и вишок вработени

Еден од клучните проблеми со кои се соочува Поштата е големиот број на вработени, над 2.000 од кои значителен дел се сметаат за непотребни. Според најавите на вицепремиерот Николоски, бројот на вработени во Македонска Пошта се планира да се намали од 1.900 на 1.400, но ова остана ветување од минатата година, а сега никој од власта не го ни отвора ова прашање.

Според достапните податоци, на пример институцијата има предвидени позиции како директор за информатичка технологија и директор за маркетинг, но сепак работи со недигитализиран систем, а граѓаните постојано се жалат на слабиот квалитет на услугите. Ова покажува дека и покрај кадровската структура, нема вистински реформи што би ја направиле Поштата поконкурентна и поефикасна.

Финансиски загуби и неможност за конкуренција

Според анализата на Институтот за демократија и економски анализи (ИДЕА) од октомври 2023 година, главните причини за финансиските загуби се високите трошоци за плати, намалени приходи – промените во комуникациските навики значително ја намалија потребата за поштенски услуги, особено за испраќање писма како и неспособност за конкуренција – приватните курирски компании нудат побрзи и поефикасни услуги, што дополнително ја маргинализира државната пошта.

Според ревизорските извештаи во 2023 година, само 59,7% од пратките биле доставени навремено, што е значително под пропишаните стандарди.

Ревизорите пак во своите извештаи утврдиле сериозни неправилности, вклучувајќи недостиг на точни евиденции за имотот, лоша состојба на објекти (како две одморалишта во Охрид) и проблеми во управувањето со јавните набавки.

Истражувањето спроведено од Агенцијата за пошти во 2023 година покажало дека 43% од физичките и 72% од правните лица не се задоволни од поштенските услуги поради нередовна и несоодветна достава.
Компанијата се соочува со значителна задолженост, со краткорочни кредити и заеми во износ од 219,65 милиони денари до крајот на 2023 година. Овие долгови негативно влијаат на ликвидноста и финансиската стабилност на Македонска пошта.

Овие резултати укажуваат на отстапување од целите поставени од Светскиот поштенски сојуз, кој пропишува минимален стандард од 75% и максималниот стандард од 88% за успешно и навремено доставени пратки.

Исто така и процесот за поделба на имотот меѓу АД Пошта и Македонски Телеком, започнат во 1996 година, не е завршен, а од 2017 година е запрен и до денот на ревизијата не се дадени насоки за понатамошно постапување со заедничкиот имот на двете друштва“, наведува загрижувачки податоци Државниот завод за ревизија.

Работењето на Поштата е под надлежност на генералниот директор и Агенцијата за пошти. Од основањето на Поштата на Северна Македонија, на нејзино чело се смениле 15 директори, а моменталнен директор е Орхан Куртиши од партијата Алтернатива.

Од друга страна, Агенцијата за пошти е независно тело формирано од Собранието на Северна Македонија со задача да ја регулира и унапредува поштенската услуга.

Во меѓувреме, граѓаните остануваат жртви на нефункционалниот систем – нивните пратки доцнат, а услугите не ги задоволуваат нивните потреби. Додека властите се занимаваат со анализи и студии, Поштата останува симбол на неефикасноста на државните институции во Северна Македонија.

Граѓаните се свртуваат кон приватните оператори

Во земја каде што се почести транзициите и потребите за брзо испраќање на пратки, Пошта не успева да ја задоволи потрошувачката побарувачка и постојано заостанува зад приватните оператори кои нудат брзи, евтини и сигурни услуги. Поради тоа, граѓаните се принудени да се свртат кон приватни доставувачи, кои можат да обезбедат услуги со далеку поголема флексибилност и достапност. Иако приватните оператори, како што се компаниите за курирски услуги, се добро развиени и модерни, нивните цени не секогаш се достапни за сите слоеви на населението.

Реформата во Пошта не е само неопходна, туку и критична за нејзиниот опстанок и враќање на довербата на граѓаните. Тоа вклучува инвестиции во нови технологии, едукација на вработените и значително подобрување на инфраструктурата. Во исто време, менаџментот треба да преземе одговорност за лошите резултати и да започне со конкретни акции за модернизација.

За да може Пошта повторно да стане конкурентна и да ја задржи својата улога во општеството, мора да се спроведат сериозни промени во управувањето и организацијата, како и во понудата на услуги. Без овие промени, Пошта ќе продолжи да губи на значење, додека граѓаните ќе се потпираат на приватните оператори.

Како се реформираат големите пошти во Европа?

Во Европа, поштенските оператори се соочуваат со значителни предизвици поради дигитализацијата, зголемената конкуренција и промените во навиките на корисниците. Голем број државни пошти веќе спроведоа или планираат реформи за да се прилагодат на новите услови.

Клучните реформи вклучуваат, приватизација или делумна продажба, намалување на бројот на вработени, дигитализација како и Поширок спектар на услуги, банкарски и финансиски услуги, логистика и е-трговија за да останат конкурентни.

Данската поштенска служба, PostNord, објави дека ќе престане со доставување на писма до крајот на 2025 година, поради драстичното намалување на обемот на писма за над 90% од 2000 година. Компанијата ќе се фокусира исклучиво на доставување пакети, што ќе резултира со укинување на 1.500 работни места и отстранување на 1.500 поштенски кутии во Данска.

Германската пошта (Deutsche Post) најави дека ќе укине 8.000 работни места во Германија до крајот на годината, со цел да ги намали трошоците поради скромниот раст на приходите. Оваа мерка е дел од програмата за намалување на трошоците која вклучува и одделенија на глобалниот логистички гигант DHL, кој вработува околу 600.000 луѓе ширум светот.

Британската влада минатата година даде зелено светло за продажбата на International Distribution Services (IDS) – матичната компанија на Кралската пошта (Royal Mail) – на групацијата на чешкиот милијардер Даниел Кретински, што значи дека оваа 500-годишна институција за првпат во историјата преминува во странска сопственост.

Договорот, вреден 3,6 милијарди фунти (4,3 милијарди евра), беше постигнат во мај, но формалното одобрување беше условено со националните безбедносни регулативи, имајќи ја предвид важноста на поштенската услуга за Обединетото Кралство.

Иако Кралската пошта ќе добие нов сопственик, таа ќе остане со седиште во Обединетото Кралство, а британската влада ќе задржи „златен удел“ – механизам што ѝ овозможува да одобрува клучни промени во сопственоста. Официјалното завршување на договорот сè уште зависи од гласањето на акционерите и се очекува во текот на на 2025 година.

Кралската пошта е една од најстарите институции во Британија, основана во 1500-тите како услуга за монархот и кралскиот двор, а во 1600-тите стана јавна поштенска услуга. Компанијата беше приватизирана во 2013 година, но во последниве години се соочува со предизвици поради намалената употреба на традиционалните поштенски услуги.

Овие примери ја илустрираат тековната трансформација на поштенските услуги во Европа, прилагодувајќи се на новите услови и побарувања на пазарот.

Соња Танеска

ИЗВОР: racin.mk

MARKETING

MARKETING

Претходно

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено и по претежно влажни коловози

Следно

Продолжува судењето за убиствата на Вања и Панче, ќе сведочи Велибор Манев

Latest from Blog

Палчо имал листа за грабнување – Манев: Ни ветуваше по 150 илјади евра, Вања беше грабната по грешка

Наместо во прв ред како до сега, првообвинетиот Љупчо Палевски – Палчо го седнаа на последен ред во судницата поради безбедносни причини. Внимателно го слушаше и запишуваше сведочењето на Велибор Манев, некогашен

Дали ДПМНЕ е над сите закони? СДСМ бара да одговори кој од Белата палата се јавил за да има куќен притвор за Асмир Пуцко Петрол?

Социјалдемократите итно бараат ВМРО ДПМНЕ да каже кој од Белата палата се јавил за да има куќен притвор за Асмир Пуцко Петрол? „ДПМНЕ наместо да си ја ишка мувата на капата треба

Условна казна за Бесија Иљази, поранешната економска директорка на Токсикологија

Поранешната економска директорка на Клиниката за токсикологија, Бесија Иљази, призна дека ја злуопотребила службената положба и овластување и доби условна казна. Од Основното јавно обвинителство за Телевизија 24 ја потврдуваат условната казна
Go toTop