Со транспаренти во рацете на кои пишуваше „Да ги задржиме добрите луѓе на места каде што позитивно влијаат“, „Орцаши против неправда“, „Ние не сме ничии марионети“, средношколците од гимназијата „Орце Николов“, денеска пред бараките на Град Скопје протестираа против разрешувањето на директорот Митко Димовски. Изреволтирани поради нетранспарентното разрешување на директорот тие извикуваа „Ова е неправда!“, „Нема Митко, нема мир!“, „Транспарентност!“, при што порачаа дека квалитетните кадри не треба на ваков начин дабидат разрешувани.
До градските служби и официјалното поднесоа барање за повлекување на решението за разрешување на директорот, чиј мандат истекува во 2026 година.
Велат дека директорот Димовски е почитуван меѓу учениците, професорите и целиот стручен кадар во училиштето. Додаваат дека училиштето во неговиот мандат се стекнало со нова културна димензија и се покажало како една од најконкурентните и најквалитетни во државата.
Директорот Митко Димовски беше разрешен на многу нетранспарентен начин, без никакво изложување на причините за одлуката на соодветните институции, и тоа, во период на интензивна подготовка на активностите планирани за патроните недели на училиштето“, наведено е во петицијата, која досега ја потпишале 720 ученици од „Орце Николов“.
Во одговорот од Град Скопје што го побара Мета.мк за разрешувањето на директорот, градските власти се повикуваат на ‘конснтатирана состојба од Државниот просветен инспекторат (ДПИ), согласно која, во огласот за избор на директор од септември 2022 година, „погрешно било применето материјалното право при изработка и објава на јавниот оглас’.
„На 26 и на 27 февруари, овластен просветен инспектор изврши вонреден инспекциски надзор во „Орце Николов“, во однос на спроведувањето на постапката за избор на директор на училиштето. За констатираната фактичка состојба од непосредно извршениот вонреден инспекциски надзор, нотирано е дека согласно увидот во списите кои се предмет на инспекцискиот надзор се констатира и утврдува дека „Орце Николов“ спротивно на законските и подзаконските нормативно – правни акти ја спровело постапката за избор на директор на училиштето, односно била направена суштествена повреда на постапката од страна на Училишниот одбор на гимназијата „Орце Николов“ – Скопје и погрешно било применето материјалното право при изработката и објавувањето на јавниот оглас“, наведено е во одговорот на град Скопје.
Меѓу другото, оттаму наведуваат дека во објавениот јавен оглас било наведено дека кандидатот требало да ги исполнува условите за наставник, педагог или психолог во средно училиште, но во документацијата не било побарано доказ за истото, освен диплома/уверение за завршено високо образование и уверение за државјанство, а училиштето не ги побарало и останатите услови предвидени во член 3, став (1) и член 39, став (1) од Законот за наставниците и стручните соработници во основните и средните училишта.
Јана Николовска, претседателката на ученичката заедница при гимназијата, кажа дека очекува позитивно да биде одговорено на барањето за поништување на одлуката Димовски да биде разрешен. Засега е неизвесно дали учениците повторно ќе се организираат и ќе протестираат.
ИЗВОР: racin.mk