Министерството за култура и туризам одобри вкупен буџет од 150 илјади евра (9.223.530 денари) за Македонскиот народен театар (МНТ.) Од нив, 102 илјади евра (6.300.000 денари) се за драмска дејност, а 16.300 евра ( 1.100.000 денари ) за меѓународна соработка. За одржување на објектите и опремата буџетот е 18.510 евра (1.139.000 денари), за издавачка дејност 5.700 евра ( 350.000 денари), а за европски интеграции 5. 500 евра (340.530 денари).
Министерството за култура и туризам годинава одлучи 18 национални установи да добијат делегиран буџет.
Во чест на јубилејот на МНТ, Зоран Кардула го направи логото „80 години Македонски народен театар“, со мотото „Приказни поголеми од времето“. Главната прослава на јубилејот е на 3 април со мултимедијалната претстава „Сонцето, колку е блиску сонцето“ во режија на Дејан Пројковски. Претставата е аудиовизуелно патување низ македонската драматургија, поезија, проза и ликовна уметност.
Како дел од прославата „80 години Македонски народен театар“ ќе биде и премиерата на претставата „Варвари“ од рускиот писател Максим Горки, во режија на Владимир Милчин. Ќе се одигра на 23 април со екипа од 23 актери: Тони Михајловски, Габриела Петрушевска, Никола Ристановски, Звездана Ангеловска, Софиа Насевска-Трифуновска, Владо Јовановски, Григор Јовановски, Ана Стојановска, Оливер Митковски, Тања Кочовска, Александар Микиќ, Верица Недеска, Сашко Коцев, Гораст Цветковски, Јордан Симонов, Сашка Димитровска, Емил Рубен, Александар Ѓорѓиески, Дамјан Цветановски, Ивица Димитријевиќ, Александар Михајловски, Јана Вељановска и Стефан Спасов. Од нив, повеќето се студенти на професoрот Владимир Милчин од скопскиот Факултет за драмски уметности (ФДУ), а претставата за првпат се игра во Македонија.
Покрај тековната репертоарска програма и повторно враќање на сцената на неколку претстави (кои не се играа подолг временски период, а тоа се претствавите „Бесачи“, „Ничија земја“ и „Сите сме птици“), на репертоарот на МНТ ќе играат новите претстави: „Три сестри“ според драмата на А. П. Чехов, а по текст на Ана Ристоска-Трпеноска и детската претстава „Земја на заборавените сказни“ во режија на Срѓан Јаниќијевиќ.
Директорот на МНТ, Никола Кимовски на денешната прес-конференција рече дека „Земјата на заборавените сказни“ е театарска авантура која го слави духот на природата и моќта на имагинацијата. Автори на овој проект се Симон Трпчески кој после 30 години повторно соработува на сцената на МНТ и писателката Билјана Црвенковска. Претставите ќе бидат поставени на големата сцена, а режисерите кои ќе работат на овие значајни проекти како Пројковски, Нела Витошевиќ и Јаниќијевиќ се вработени во МНТ. До крајот на годината треба да излезе и Монографијата „80 години Македонски народен театар“.
МНТ оваа година ќе оди на турнеја која ќе започне со претставите „12“ во режија на Синиша Евтимов и „Народен пратеник“ во режија на Егон Савин. На 8 април во Црногорско народно позориште (ЦНП), Подгорица, ќе се одигра „Народен пратеник“, а ден потоа на 9 април и претставата „12“. По настапот во Црна Гора, на 11 април следи гостувањето на „Народен пратеник“ и на 12 април со претставата „12“ во Сараево, Босна и Херцеговина. На 15 април со претставата „12“ МНТ ќе биде дел од фестивалската програма „5РЕ“ во Велес.
На 17 јули Македонскиот народен театар со претставата „12“ ќе биде дел од програмата на Охридско лето во Центарот за култура „Григор Прличев“. Во септември предвидено е гостувањето со претставата „Ничија земја“ од Данис Тановиќ, во режија на Александар Морфов, во Националниот театар во Будимпешта, Унгарија. Наесен ќе гостува театарот „Иван Вазов“, од Бугарија со претставата „Народен пратеник“.
На 17 март од 20 часот ќе гостува претставата „Господа Глембаеви“ во режија на Данило Маруновиќ, по текст на Мирослав Крлежа, а во продукција на ЦНП. На 21 мај ќе гостува Народно позориште Сараево од Босна и Херцеговина со претставата „Сараевскиот трговец“ од Игор Штикс, а во режија на Михал Дочекал, а на 22 мај и претставата „Селска опера“ од Д. Бенедек-П. Бела, во режија на Андраш Урбан. Предвидено е и гостувањето на Словенско народно гледалишче (СНГ), Љубљана, Словенија со претставата „Докторот“, по текст на Роберт Ајк, во режија на Мартин Кушеј.
„Досегашното искуство ни покажува дека помасовна е театарската публика постара од 30 години. Но, досегашното искуство, исто така, ни покажува дека учениците од средните училишта редовно ги посетуваат претставите, кои се секако наменети за нивната возраст. Нашата цел е генерацијата младинци почесто да го посетува Македонскиот народен театар“, рече Кимовски.
Програмата за Летната сцена „Славиша Кајевски“ ќе почне од 10 и ќе трае до 20 јуни со концерти на македонски музичари.
Кимоски рече и дека повеќе од 66.000 гледачи биле во МНТ од 1 јануари 2024 до декември лани.
На 3 јануари во 1945 во театарот се вработени 60 актери и технички, административен и сценски персонал. На 3 април се одржала премиерата на претставата „Платон Кречет“ од Александар Корнејчук, во режија на Димитар Ќостаров, а во превод на Блаже Конески.
Согласно делегираниот буџет од Министерството, Театар Комедија годинава ќе има три премиери со буџет од 39 илјади евра (2, 4 милиони денари). Управниот одбор дал согласност парите да бидат распоредени во следниве три проекти: „Секс, лаги и главоболки”, во режија на Александра Кардалевска (колективно авторство) во висина од 200 илјади денари (над 3.200 евра), „Аматери”, во режија на Синиша Евтимов (според Луис, Шилдс и Џонатан) во висина од 1, 4 милиони денари (околу 22.650 евра) и за „Ивана, принцезата на Бургунд”, во режија на Драгана Милошевска-Попов, во висина од 800 илјади денари (околу 13.000 евра).
Минатата недела, Драмскот театар во Скопје соопшти дека во театарот годинава ќе режираат претстави Иван Пеновиќ од Хрватска, Синиша Евтимов, Ненад Витанов, Филип Петковски и Драгана Милошевска-Попов. Драмски театар доби буџет од 5,9 милиони денари (95.885 евра) за реализација на пет претстави во 2025.
- КАРДАЛЕВСКА, ЕВТИМОВ И МИЛОШЕВСКА-ПОПОВ ГОДИНАВА ЌЕ РЕЖИРААТ ВО ТЕАТАР КОМЕДИЈА
- ЕВТИМОВ, ВИТАНОВ, ПЕТКОВСКИ, МИЛОШЕВСКА-ПОПОВ И ХРВАТОТ ПЕНОВИЌ ЌЕ РЕЖИРААТ ГОДИНАВА ВО СКОПСКИОТ ДРАМСКИ ТЕАТАР
М. ЏАРОВСКА
ИЗВОР: sdk.mk