Нова серија земјотреси во близина на Санторини – најсилниот 5 степени

February 10, 2025
1 min read

Во морскиот дел меѓу островите Санторини и Аморгос синоќа беше регистрирана нова серија земјотреси над 4 степени, од кои најсилниот беше 5 степени според Рихтер, додека земјотресите продолжија и во текот на ноќта и рано утрово, меѓутоа со помал интензитет, јави дописничката на МИА од Атина.

Согласно официјалните податоци од Геодинамичкиот институт на Националната опсерваторија во Атина, во периодот од 20.41 до 22.35 часот по локално време беа регистрирани 16 земјотреси меѓу 3,1 и 5 степени, од кои половина беа над 4 степени.

Професорот по сеизмологија на Универзитетот Аристотел во Солун Костас Папазахос за грчката телевизија ЕРТ утрово објасни дека земјотресите во близина на Санторини може да траат со недели, па дури и месеци и не е нешто што ќе се промени преку ноќ.

– Без разлика дали е серија земјотреси или предземјотресна секвенца, тоа трае со недели, понекогаш дури и месеци. Не е пријатна порака, но така е. Низата ќе продолжи и тоа со оваа карактеристика, објасни сеизмологот и додаде дека во период од два-три часа може да има земјотреси од 4-5 степени, а потоа да поминат 12-16 часа, да се смири серијата, па повторно да се појават.

Во однос на тоа колку долго би можела да трае појавата, Папазахос посочи дека не можат точно да проценат, но дека е веројатно цел февруари или голем дел од месецот да помине со слична ситуација, изразувајќи надеж дека полека ќе има постепена деескалација.

Паралелно, поради земјотресите во близина на Санторини, првиот крузер за оваа година што денеска требало да пристигне на островот, ја сменил рутата и се закотвил на Крит.

Според грчките медиуми, крузерот „Viking star“ со 893 патници и 470 членови на екипажот, ја променил програмата и поради безбедноста и за да се избегне метеж на старото пристаниште и жичарницата, каде што постои опасност од лизгање на земјиштето, па наместо на Санторини пристигнал на Крит.

Хотелиерите од Санторини за грчките медиуми во изминатите денови посочија дека засега немаат откажувања на резервациите како за следниот период, така и за велигденските празници.

На туризмот и новата сезона се осврна и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за време на неговата посета на островот кога рече дека имаат должност да ја заштитат, да ја зачуваат репутацијата на популарната туристичка дестинација и да бидат сигурни дека „2025 година исто така ќе биде одлична година за туризмот на Санторини“ и затоа посочи дека во јавната комуникација, треба да постои баланс меѓу потребата да се дејствува превентивно, без да се репродуцираат катастрофални сценарија, „кои потенцијално може да исплашат некои посетители“.

Училиштата на островите Санторини, Иос, Аморгос и Анафи, поради земјотресите ќе бидат затворени и оваа седмица, со одлука на Комисијата за процена на сеизмичката опасност и на Комисијата за следење на вулкански активности при Министерството за климатски кризи и цивилна заштита на Грција. (МИА)

Извор: kurir.mk

VERO JUMBO MACEDONIA

EVN MACEDONIA

AUTO SHKOLLA BEKO

MATINA DENTAL CLINIC

Претходно

ЕУ: „Не сме добиле“ известување за новите американски царини

Следно

ЗЕЛС ја прифати иницијативата на Герасимовски, малолетниците кои вандализираат да вршат општокорисна работа

Latest from Blog

Министерството за спорт ќе ја поддржи јубилејната академија на ПК „Љуботен“

Министерот за спорт, Борко Ристовски, денеска оствари средба со претставниците на Планинарскиот клуб „Љуботен“ од Тетово, кој годинава одбележува импресивен јубилеј – 100 години од своето формирање. ПК „Љуботен“ претставува најстар активен

„THE RED APPLE“ -Зохран Мамдани со срп и чекан на насловната на New York Times

На насловната страница на денешниот „Њујорк пост“ пишува: „Социјалистот Мамдани ја доби градоначалничката трка. Црвено јаболко“. Во позадина, Мамдани е прикажан како држи чекан и срп, додека на небото над облакодерите се

Бојан Бојковски е нов претседател на Советот на Општина Битола

На конститутивната седница на Советот на Општина Битола, за нов претседател беше избран Бојан Бојковски од ВМРО-ДПМНЕ. Седницата ја водеше највозрасната советничка Јагода Талевска од Движењето ЗНАМ, а Бојковски беше единствениот предложен
Go toTop