Откако власта го класифицираше договорот со „Бехтел и Енка“ со степен „доверливо“, барем така рече вицепремиерот Артан Груби на последниот брифинг со новинарите, правниот експерт Гоце Коцевски анализира дека јавниот интерес да се знае содржината на документот е поголем од економските интереси на компаниите. Новинарот на „360 степени“, Александар Димитриевски, кој присуствуваше на брифингот, вели дека во случајот власта го жртвува јавниот за сметка на комерцијалниот интерес на приватни фирми
Коцевски потсети дека дури и во случајот со т.н. кинески автопати договорите со „Синохидро“ се објавени во Службен весник заедно со законите што ги усвои Собранието
Доверливо. Ова е терминот што вицепремиерот Артан Груби го употребил на последниот брифинг со новинарите кога зборувал за одлуката да се класифицира договорот со „Бехтел и Енка“ – американско-турски конзорциум што треба да гради четири автопатски делници во Северна Македонија.
Новинарот на „360 степени“, Александар Димитриевски, кој присуствуваше на брифингот на владините претставници, во дебата на ТВ Алсат рече дека Груби објаснил оти класификацијата на документот била по барање на изведувачот и тоа од две причини – прво, со објавување на договорот би се открил моделот по кој работи „Бехтел и Енка“, а второ – во договорт има ценовно чувствителни информации кои би можеле да влијаат на акциите и вредноста на фирмата.
„Прво, директорот на ЈПДП, Ејуп Рустеми, се обиде преку пример за еден регионален пат што е финансиран од Европската банка за обвнова и развој (ЕБОР), Крупиште – Кочани, да каже дека неодамна имале барање за пристап до информации од јавен карактер, дека тие не можеле да го објават договорот, дека го прашале ЕБОР дали може да го ослободат договорот и дека ЕБОР го нема објавено тој договор. Со ова сакаше да каже дека постои меѓународна пракса, иако овој случај (со ЕБОР за патот Крупиште – Кочани) не е завршен, па барателот, на крајот, можеби ќе го добие договорот“,
вели Димитриевски.
Министерот за економија Крешник Бектеши, пак, посочил друг пример во кој голем дел од договорите за државна помош во технолошко индустриските развојни зони не се јавни, особено за компании што котираат на странски берзи.
„Кога станува збор за употреба на јавни пари, тие го жртвуваат јавниот интерес односно правото на граѓаните да знаат како се потрошени нивните пари од Буџетот, а за сметка на тоа државата се грижи за комерцијалниот интерес на одредени компании. Тоа беше аргументацијата што ја користеа новинарите на брифингот, но не успеавме да ги убедиме присутните кои останаа на своето гледиште дека тоа е воспоставена пракса што постои во земјава“,
рече Димитриевски.
Според Законот за класифицирани информации постојат четири степени на класификација – највисокиот е „државна тајна“, следуваат „строго доверливо“, „доверливо“ и „интерно“.
„Класифицирана информација со степен ‘доверливо’ е информација создадена од државните органи, органи на единиците на локалната самоуправа и други институции која е од значење за јавната безбедност, одбраната, надворешните работи и безбедносните и разузнавачките активности на органите на државната управа на Република Македонија, а чие неовластено откривање би предизвикало сериозна штета за важните интереси на Република Македонија“,
стои во законот, кој го цитираше Димитриевски.
Во законот не се спомнуваат економски интереси или инфраструктурни проекти ниту дека таква класифицирана информација со степен „доверливо“ може да создаде приватен ентитет уште помалку странски.
Дали еден договор ќе биде јавно објавен не може да зависи од барањата на партнерот со кој е склучен договорот, коментираше Гоце Коцевски, програмски директор во Македонското здружение на млади правници. Според него, не секогаш треба да се следи воспоставена практика, туку клучно е да се следат законите, а аргументацијата на власта не е правно издржана. Тој потсети на друг пример.
„Мора да се истакне примерот со кинеските автопати кога договорот меѓу државата и компанијата ‘Синохидро’ беше интегрален дел од законите што ги усвои Собранието и беше објавен во Службен весник,“
вели Коцевски.
Коцевски, исто така, аргументираше дека содржината на самиот договор меѓу Владата и „Бехтел и Енка“ е дефинирана во почетниот специјален закон донесен во 2021 година, со кој се утврдува јавен интерес и се номинира стратешки партнер.
„Од содржината на договорот, според наведеното во првичниот закон, не постои ама баш никаква правна основа овој договор да биде класифициран. Ова го кажуваме со резерва оти не ни е јасно на кој начин и дали воопшто е направена таа класификација формално-правно, нашиот закон за слободен пристап до информации од јавен карактер јасно дозволува начелно класифицираните информации да не се сметаат за информации од јавен карактер“,
вели Коцевски.
На брифингот со новинарите, претставниците на власта биле прашани дали барем пратениците кои имаат безбедносен сертификат ќе можат да го добијат договорот, но никој од владините претставници немал одговор, сведочеше новинарот Димитриевски.
Тој потсети дека оваа влада од 2017 година правеше чекори – и декларативно и практично – на планот на транспарентноста и дека ова е враќање назад.
ИЗВОР: 360stepeni.mk