Вучиќ и неговата косовска колешка се сретнаа во Молдавија: ЕУ бара нови локални избори и формирање на ЗСО 

2 mins read

Европската Унија се придружи на пораките што вчера ги испратија францускиот претседател Макрон и германскиот канцелар Шолц кои ги повикаа Приштина и Белград што е можно поскоро да организираат нови избори во четирите општини на северот на Косово, наведувајќи дека истовремено е неопходно да се разјаснат изборните правила. Макрон рече дека побарале јасни одлуки до следната недела

На фотографија која на својот официјален твитер-профил ја сподели шефот на европската дипломатија Жозеп Борел може да се види дека во Молдавија се одржала заедничка средба меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и неговата косовската колешка Вјоса Османи.  

Фотографијата од средбата меѓу претседателката на Косово Вјоса Османи и српскиот претседател Александар Вучиќ/Фото: твитер профил на Жозеп Борел

На средбата, од фотографијата се гледа дека на неа покрај Борел присуствувале и лидерите на Франција и Германија – Емануел Макрон и Олаф Шолц. 

Инаку, во главниот град на Молдавија се одржува вториот Самит на Европската политичка заедница, а средбата меѓу Вучиќ и Османи е организирана на маргините на Самитот.  

Засега нема информации за исходот на средбата и дали е постигнат некаков исчекор кон нормализирање на тензичната ситуација на северот на Косово, која ескалираше по обидот на избраните градоначалници Албанци да ги преземат функциите во четирите општини на северот со претежно српско население.  

Во објавата на Борел заедно фотографиите се наведени три барања што Европската Унија ги поставува за властите во Приштина:  

  • нови локални избори (на северот на Косово) сега 
  • обезбедување учество на косовските Срби 
  • да започне работата за формирање на Заедницата на општините со српско мнозинство со дијалог посредуван од ЕУ 

Со ова Европската Унија се придружи на пораките што вчера ги испратија францускиот претседател Макрон и германскиот канцелар Шолц кои ги повикаа Приштина и Белград што е можно поскоро да организираат нови избори во четирите општини на северот на Косово, наведувајќи дека истовремено е неопходно да се разјаснат изборните правила. Макрон рече дека побарале јасни одлуки до следната недела. 

„Неуспехот да се стори тоа ќе има сериозни последици за нашите односи“,

вели шефот за надворешна политика на ЕУ Жозеф Борел во објавата.  

Косовската претседателка Вјоса Османи потврди дека Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц побарале Приштина да најде начин да организира нови избори на северот на земјата и на нив да учествуваат косовските Срби. 

Османи, како што пренесува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа, на европските лидери им порачала дека законските процедури овозможуваат одржување на избори. 

Во општините со српско население на северот на Косово тензиите ескалираа уште на 26 април откако градоначалници Албанци со помош на специјалните сили на косовската полиција се обидоа да ги преземат функциите во општините со мнозинско српско население откако победија на изборите кои Србите ги бојкотираа. 

Насилствата дополнително ескалираа три дена подоцна, кога припадници на КФОР интервенираа да ги растераат српските демонстранти кои беа собрани пред општинската зграда во Звечан, по што дојде до конфликт во кој беа употребени солзавец и шок бомби, а со повреди завршија десетици лица од двете страни. 

По инцидентите во Звечан, НАТО одлучи да ја зголеми својата мисија од 4 000 војници на Косово за дополнителни 700 војници, откако 30 војници на КФОР беа повредени за време на судирите со српските демонстранти. 

Протестите на косовски Срби продолжија и денеска – петти ден по ред. „Нема да не избркате од нашите домови“, „Сакаме мир, а не солзавец и шок бомби“, „Сите сме ние Радош и Душан“, пишува на дел од транспарентите со кои утрово Србите излегоа на протести во Звечан  

Српските медиуми пренесоа дека дел од оние кои протестираат ноќта ја поминале во близина на поставената и засилена бодликава жица. 

КФОР не дозволува возила на косовската полиција да минуваат низ улицата кон општината за да ги зачува граѓаните на безбедно и да спречи нови конфликти. 

Извор: 360stepeni.mk

Претходно

ВИДЕО: Лудница во Севиља, се слави седмата титула во Лига Европа

Следно

Велика Британија: Вработените во железницата стапија во штрајк, се очекуваат дводневни прекини во услугите

Latest from Blog