Волстрит благо порасна по неизвесното тргување

1 min read

Сите три американски берзански индекси во последниот час од тргувањето го сменија правецот и завршија на позитивна територија

Во многу нервозно тргување на Волстрит во четвртокот, берзанските индекси се зголемија бидејќи инвеститорите ги смири уверувањето на американската министерка за финансии Џенет Јелен дека ќе се преземат мерки за да се зачуваат банкарските депозити безбедни.

Индексот Dow Jones порасна во четвртокот за 0,23 отсто, на 32 105 поени, S&P 500 за 0,30 отсто, на 3 948 поени, а индексот Nasdaq за 1,01 отсто, на 11 787 поени. Сите три американски берзански индекси во последниот час од тргувањето го сменија правецот и завршија на позитивна територија, по изјавите на Јелен во Конгресот.

На сослушувањето во парламентот, министерката изјави дека регулаторите се подготвени да преземат дополнителни активности за стабилизирање на американските банки. Така, донекаде ги смири инвеститорите по неуспехот на две регионални банки во САД.

Сепак, зголемувањето на каматните стапки од страна на централните банки во западниот свет за да се спречи неконтролираната инфлација влијаеше врз банкарскиот сектор.

Индексот на банкарскиот сектор S&P 500 падна за 1,2 отсто во четвртокот, на најниско ниво од ноември 2020 година и сега е за повеќе од 40 отсто понизок од рекордното ниво во февруари 2022 година. Од 11-те најважни сектори во S&P 500, само комуникациските и технолошките го завршија тргувањето во плус.

„Го гледате пазарот и гледате дека брзо ја менува насоката на краток рок врз основа на толкувањата на поединечните учесници на пазарот за тоа што некој рекол и како тоа влијае на нивното тргување. Како целина, пазарот ни кажува дека постојат многу различни начини за толкување на се што е кажано“,

вели Томас Мартин од „Глобалт инвестментс“.

И на европските берзи најголем дел од најважните индекси паднаа во четвртокот, откако британската централна банка ги зголеми каматните стапки за 0,25 процентни поени. Лондонскиот FTSE индекс се лизна за 0,89 отсто, на 7 499 поени, а франкфуртскиот DAX за 0,04 отсто, на 15 210 поени. Парискиот CAC зајакна, пак, за 0,11 отсто, на 7 139 поени.

Извор: 360stepeni.mk

Претходно

Елмас: Не е важен стрелецот, важно е само Македонија да победи!

Следно

Европскиот совет го усвои заклучокот за Дијалогот Белград – Приштина

Latest from Blog